fbpx

Трибините уште повеќе нè оддалечија од решението на кризата

-

Трибините што ги организираа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ уште повеќе ги оддалечија црвените линии на партиите, по што тешко ќе се дојде до допирна точка за почеток на разговори, а не, пак, за некое решение, сметаат експертите.

Додека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во својот говор пред граѓаните во „Универзална сала“ упати неколку барања, неколку дена подоцна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски, ги одби експресно, без шанса за некакво поместување на првичните линии.

Заев од говорницата побара оставка на Владата на Никола Груевски и преодна влада.

– Јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски, веднаш да поднесе оставка! Раководниот тим на Македонската радио-телевизија веднаш да си поднесе оставка! Бараме да се формира формат на преодна влада, којашто ќе има мандат да ги обезбеди неопходните услови за спроведување слободни, фер и демократски избори. Обврска на преодната влада ќе биде да обезбеди целосно раздвојување на владејачките партии од институциите што сега ги имаат окупирано и нивно департизирање по сите линии, како основен услов за демократски избори. Во составот на преодната влада нема да може да учествуваат лица за кои има сомнежи или докази дека на каков било начин учествувале во незаконски и криминални активности. Паралелно со целиот овој процес, ќе мора веднаш да почне јавна, транспарентна и непристрасна истрага за скандалот со прислушувањето, со вклученост на меѓународната заедница – изјави Заев.

На овие барања, од „својата“ трибина, Груевски му реплицираше дека шансите за преодна влада се неостварливи или, како што рече, „барањето за преодна влада во Македонија е можно и остварливо, но без ВМРО-ДПМНЕ во неа“.

– Ние сме сметале и секогаш ќе сметаме дека народот е тој кој дава мандат и легитимитет на избори и дека народот избира кој ќе формира влада, а кој не. Со формирање преодна влада, се отвора простор за сериозен преседан, кој потоа лесно може да биде предмет на конфликт меѓу партиите. Смена на директорот на МТВ. Замислете, главна фигура во државата стана директорот на МТВ и сега тоа е проблем зошто нема демократија во државата. Си викам, Бранко порано барем поубедливи услови и барања поставуваше, некако попаметно сето тоа изгледаше – му врати Груевски на лидерот на опозицијата за барањата.

Сепак, аналитичарот Алберт Муслиу смета дека во делот од говорите за преодна влада двајцата лидери имаат заеднички точки.

– Заев побара преодна влада составена од експерти. Од друга страна, пак, Груевски рече дека е можна преодна влада без ВМРО-ДПМНЕ. Дали тоа значи дека и тој се согласува со преодна влада без партиски чиновници, туку со експерти? Може да се заклучи дека и двајцата говорници се внимателни со зборовите, а собирите ги организираа за консолидација на своето членство. Тоа може да е и знак дека се подготвени за преговори во кои ќе влезат засилени, црпејќи ја силата од своето членство. Инаку, самите нема шанси да ја решат оваа криза, без помош од меѓународната заедница – категоричен е Муслиу, кој додава дека, сепак, на крајот, решението ќе биде предвремени избори.

Според професорот Ненад Марковиќ, двата собира само го потврдија она што го знаевме, дека партиите ќе се закопаат во своите ровови.

– Трибината на ВМРО-ДПМНЕ значеше консолидација на членството и легитимирање на раководството. Никој не се одлепува од своите ставови и тоа не се знае до кога може да трае. Сепак, никому во моментов не му одговараат предвремени избори, особено не во вакви околности. Единствен излез е посредништво од претседателот на дражвата или од Европската унија, иако мислам дека ЕУ нема интерес посериозно да се занимава со нас во моментов. На крајот, најверојатно, решението ќе се сведе на избори кои ВМРО-ДПМНЕ, како и да е, за три години мора да ги направи. Единствено што Груевски може да стори, а колку-толку да го намали притисокот, е да направи реконструкција и да ги смени сите министри кои се инволвирани во овие разговори, но тоа е меч со две острици. Тоа може да значи и дека тој ја признава вината – ни изјави Марковиќ.

Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“, вели дека врз основа на генералните барања на опозицијата, ставовите на партиите не само што се оддалечуваат, туку и се закопуваат.

– Единствена точка каде што може да се сретнат, засега е меѓународниот надзор на случувањата. Така би можело да се дојде прво до правна разврска, а подоцна и до политичка. Само тука може да се наѕирне некоја точка за можност за почеток на некакви разговори за надминување на ситуацијата. По сите други ставови, тие се дијаметрално спротивни – вели Трошановски.

И Жидас Даскаловски од Центарот за развој за истражување и креирање политики (ЦРП), смета дека нема допирна точка од која двете партии би можеле да тргнат во решавање на кризата.

– Барем јавно не се гледа дека има шанси за некави разговори. Ставовите им се спротиставени до максимум и тешко дека во моментов има некоја појдовна точка за почеток на некакви преговори – вели Даскаловски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...