fbpx

Три паралелки на албански јазик се отвораат во средните училишта во Битола

-

Владата отвора двојазични паралелки во две средни училишта во Битола. Според конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2017/2018 година во Република Македонија, објавен во март годинава од Министерството за образование, во Битола се отвора можност 102 ученика образованието да го стекнат на албански јазик.

Две паралелки на албански јазик се отвораат во средното општинско училиште „Таки Даскало“, или како што битолчани го нарекуваат Долната гимназија, додека пак третата паралелка ќе биде во средното медицинско училиште, „Д-р Јован Калаузи“.

Советникот за образование во општина Битола, Снежана Петровска вели дека неколку години наназад се објавуваат конкурси за паралелки на албански јазик во Битола, но дека досега не се случило да има доволен број на ученици за нивно формирање.

– Вакви конкурси имало и порано, но никогаш не сме имале чисто албански паралелки. Учениците од албанска националност кои до деветто одделение учеле на албански јазик не се случило да оформат цела паралелка во средно училиште. Досега не сме имале ниту број на ученици од законскиот минимум 24 за да формираме паралелка на албански јазик – вели Петровска за „Мета“.

Според директорот на гимназијата „Таки Даскало“, Владимир Трифуновски, евентуалните паралелки на албански јазик оставаат можност за нови вработувања.

– Ние како училиште немаме кадар кој би можел да предава на албански јазик, но наставниците што предаваат на албански јазик во основните училиште во Битола и околината би можеле да ги ангажираме ако се оформат вакви паралелки. Единствено проблем би биле стручните предмети – вели Трифуновски за „Мета“.

Во конкурсот стои дека во прва година во „Таки Даскало“ ќе се запишат 612 ученици во 18 паралелки односно 544 ученици во 16 паралелки со настава на македонски јази и 68 ученици во 2 паралелки со настава на албански јазик. Едната паралелка ќе биде за гимназиско образование, а другата за градежно-геодетската струка, геодетски техничар.

Во медицинското училиште во прва година ќе се запишат 306 ученици во 9 паралелки – 272 ученици во 8 паралелки со настава на македонски јазик и 34 ученици во 1 паралелка со настава на албански јазик, што значи на албански јазик ќе учат за медицински сестри.

Според процедурата двете училишта самите доставиле барање до Министерството за образование за отворање на паралелки на албански јазик, претходно усвоени на Наставнички совет.

Минатиот месец дел од средношколците во Битола протестираа против воведувањето на двојазичноста во училиштата.

Пред повеќе од десеттина години во Битола средношколците излегоа на масовни протести против отворање на паралелки на албански јазик во гимназијата „Јосип Броз Тито“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...