Три години затвор за Павлевски, година и два месеци за Георгиевски за нападот врз Села


       
Скопје, 13 јуни, 2018 - 11:21 (META) 

Кривичниот суд во Скопје им определи затворски казни на двајца обвинети за насилство во Собранието на 27 април. Обвинетиот Цејо Георгиевски е осуден на една година и два месеци, додека три години затворска казна доби Стојан Павлевски. Во казната ќе им се пресмета и времето поминато во притвор.

На двајцата им се судеше за насилство во одвоената постапка за нападот врз пратеникот Зијадин Села во Собранието од 27 април минатата година. На претходното рочиште, Георгиевски и Павлевски ја признаа вината за делот откако обвинителот го преиначи обвинението од обид за убиство на Зијадин Села во насилство. Двајцата во завршни зборови, кажаа дека се покајуваат за стореното дело и дека немале намера никого да повредат.

Стојан Павлевски прв влегол и се упатил кон пратениците и почнал да ги напаѓа, образложи судијката, според која тоа е причината за повисоката затворска казна која што му е изречена.

Обвинителот Дарко Јакимовски, во завршни зборови, кажа дека со оглед на признанието на вина Судот обвинетите да ги прогласи за виновни и казни за стореното дело.

„Казната за ова дело е од шест месеци до пет години, што отвора можност за алтернативна санкција. Сметам дека било какво алтернативно казнување ќе значи банализација на делото. Ако вака лесно се влегува во Собранието и се напаѓа, што станува со останатите заштитени објекти. Обвинетите биле свесни, без разлика на поводот, дека ја надминале дозволената граница“, рече Јакимовски. Тој додаде дека обвинетите не одговараат само за напад врз Села, туку за целокупните дејствија во Собранието и прес центарот.