Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ и Центарот за европски „Евротинк“ денеска побараа подобар модел за преговори со ЕУ, како и поголемо учество на Собрранието и на граѓанското општество. Овие два аналитички центри бараат и поголема транспарентност на Владата за преговарачката структура, како и за критериумите за лицата кои ќе бидат вклучени во неа.

„Потребна е афирмација и зајакнување на улогата на Собранието како клучна институција за надзор и контрола на процесот на преговори. Владата нема монопол над процесот на преговори. Опозицијата мора да биде информирана и вклучена. Треба да се работи на надоврзување и искористување на веќе изградени институционални и административни капацитети со цел изградба на ефикасен модел кој може да биде отпорен на политичка нестабилност (промени на власта) и на партиски влијанија“, велат „Евротинк“ и „Социетас Цивилис“.

Тие повикуваат и да се развие добро осмислен, одржлив и инклузивен модел за вклучување на граѓанските организации во партнерство меѓу Владата, Собранието и граѓанските организации.

„Иако Владата е клучен актер во преговорите, никој нема монопол врз процесот во кој сите чинители полагаат надежи. Предлагањето на модел за вклучување на граѓанските организации без соодветна подготовка и широка консултација со засегнатите страни го сметаме за избрзано и неодржливо“, се вели во соопштението.