Транспаренси Интернешенел Македонија (ТИМ) му честита на Собранието „за ефикасното спроведување на постапката за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата“ и на претседателката Билјана Ивановска и на другите членови им посака успешна работа во справувањето со корупцијата „како еден од најголемите проблеми кој го нагризува македонско општество“.
– Ја добивте довербата во една транспарентна и отворена постапка, во која беше спроведен и делумен ветинг за проверка на вашиот интегритет. Сега ја имате нашата поддршка вашето знаење, искуство и интегритет да ги ставите во функција на справување со големиот проблем на корупцијата. Нашата поддршка и соработка секогаш ќе ја имате на располагање – рече претседателката на ТИМ и прв претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата д-р Слаѓана Тасева.
Таа порача дека постапката за избор на членови била транспарентна и дека избраните кандидати имаат личен интегритет и компетенција вршење на за оваа многу важна функција во општеството.
– Транспарентната постапка за избор на членови на ДКСК, која обезбедува да се натпреваруваат личности кои навистина ги исполнуваат формалните услови, кои имаат компетенција и кои манифестирале личен интегритет, за првпат е утврдена со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси усвоен во јануари оваа година. Собранието на Република Македонија покажа подготвеност да го прифати предизвикот и да овозможи постапка за избор во која ќе учествиваат и претставници на институции и невладини организации, а во интервјуто да учествуваат и претставници од невладините организации и медиумите. Ова е првпат ваков модел на избор да се применува било каде во светот и затоа очекуваме истиот да биде прифатен како позитивен пример и добра практика – порача Тасева.