fbpx

Трамп телефонски разговарал со претседателката на Тајван, остри реакции од Кина

-

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, ја прекина децениската традиција така што директно телефонски разговарал со претседателката на Тајван, Цај Инг-вен, што предизвика остри реакции од Кина, пренесуваат светските агенции.

Од Вашингтон соопштија дека Трамп и Цај Инг-вен во текот на разговорот ги истакнале „посебните врски меѓу Вашингтон и Тајпеј во областа на економијата, политиката и на безбедноста“ и си размениле честитки за изборните победи (Цај Инг-вен беше избрана во мај, а Трамп во ноември, годинава н.з.)

Кабинетот на претседателката на Тајван, пак, соопштил дека двајцата разговарале за прашања клучни за Азија и за идните односи меѓу двете земји, како и дека Цај Инг-вен побарала од Трамп да ја зајакне соработката меѓу Тајван и САД и да се заложи за поголемо учество на Тајпеј во меѓународните односи, наспроти обидите на Кина за изолација на земјата од меѓународните институции како што се Обединетите нации.

Веста за телефонскиот разговор меѓу Трамп и претседателката на Тајван, не била пренесена од кинеските медиуми. Сепак, на неа реагирал министерот за надворешни работи на Кина, Ванг Ји, кој навел дека станува збор за „низок маневар на Тајван“.

Тој за хонгконшката телевизија „Феникс“ изјавил дека овој потег „не може толку лесно да ја промени политиката на единствена Кина која ја води меѓународната заедница“ и оценил дека нема да има промени ниту во политиката на Вашингтон во врска со територијалниот интегритет на Кина.

Трамп на критиките од Пекинг одговори преку својот твитер-профил, потенцирајќи дека Цај Инг-вен била таа која го повикала на телефон за да му ја честита изборната победа. Сепак, тој подоцна додал дека е „интересно тоа што Вашингтон му продава на Тајпеј воена опрема вредна неколку милијарди долари, а спорно е само неговото примање на честитката“.

Критиките за телефонскиот разговор меѓу Трамп и претседателката на Тајван, не изостанале ниту во САД. Поранешниот заменик на државниот секретар за Источна Азија и Пацификот во администрацијата на Џорџ Буш, Кристофер Хил (Хил во 1990-тите беше амбасадор на САД во Македонија н.з.) разговорот го оценил како „голема грешка која укажува на тоа дека идната администрација на Трамп ќе биде склона на импровизации во надворешната политика“.

САД уште од 1970-тите години ја поддржуваат „политиката на единствена Кина“, а дипломатските односи со Тајван ги прекинаа во 1979 година.

Тајван по граѓанската војна во 1949 година и поразот на националистичката партија Коуминтанг се одвои од Кина, а Пекинг островот и понатаму го смета за дел од својата територија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Може да се раскине кој било договор, прашање е цената

Ванковска делумно точно оценила дека раскинувањето на договорите со Бугарија и Грција „е лесно“ и „малку потешко“. Но, нејзината проценка колку лесно или колку тешко се раскинуваат билатералните и...