Трамп се закани дека САД би можеле целосно да ја уништат Северна Кореја


       
Њујорк, 19 септември, 2017 - 19:12 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во своето прво обраќање пред Генералното собрание на Обединети нации во седиштето на организацијата во Њујорк, изјави дека доколку Америка биде во ситуација да мора да се брани себеси или нејзините сојузници, би немала друг избор освен целосно да ја уништи Северна Кореја.

Тој ја нападна земјата и нејзиниот лидер Ким Јонг-ун, велејќи дека Северна Кореја „се заканува на целиот свет со незамисливи загуби на животи“ со својата нуклеарна програма.

– Ако праведното мнозинство не се спротивстави на злобното малцинство, злото ќе триумфира – порача Трамп, говорејќи на отворањето на 72. Генерално собрание на светската организација.

Тој порача дека против интересите на целиот свет е Северна Кореја, која ја нарече „банда криминалци“, да има ракети и нуклеарно оружје.

– Ракетарот е на самоубиствена мисија – рече Трамп, мислејќи на севернокорејскиот лидер. Тој го обвини Ким Јонг-ун дека води режим кој го изгладнува сопствениот народ и го убил братот на лидерот со отровни хемикалии.

Иако се заблагодари на Русија и на Кина за поддршката на неодамнешните санкции од ОН против Северна Кореја, тој индиректно ги нападна поради продолжувањето на соработката со севернокорејскиот лидер.

– Сега е време сите заедно да работиме и да го изолираме Ким сè додека тој не престане со непријателското однесување. Суверените држави мора да бидат основа на светскиот поредок. Мораме да ги отфрлиме заканите по суверенитетот од Украина до Јужно Кинеско Море. Очекувам сите држави да ги почитуваат интересите на својот народ, како и правата на другите суверени држави – посочи Трамп.

Тој се осврна и на Иран и ја нарече „економска празна отпадничка држава, чиј единствен извозен производ е насилството“. Договорот за нуклеарната програма на Иран, Трамо го нарече „срамен“ и рече дека светските лидери не можат да се држат до договорот ако тој ја продолжува иранската нуклеарна програма.

Во врска со кризата во Венецуела, нарекувајќи ја „неприфатлива“, Трамо рече дека во земјата владее „социјалистичка диктатура“.

– САД не можат само да стојат на страна и да гледаат – рече Трамп.