!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел


       
Вашингтон, 6 декември, 2017 - 21:39 (META) 

Американскиот претседател, Доналд Трамп, објави дека дошол моментот кога Ерусалим треба официјално да биде признат како претстолнина на Израел.

„Одлучен сум дека дојде време официјално да се признае Ерусалим како претстолнина на Израел. Тоа е најдобро и е во интерес на САД во процесот на решавање на ситуацијата на Блискиот Исток“, изјави Трамп.

Тој рече дека САД се решителни во определбата да помогнат да се постигне мировен договор, прифатлив за Израелците и за Палестинците.

„Ќе направам сè за да помогнам да се испочитува тој договор. Не можеме да оствариме напредок ако постојано ги повторуваме истите грешки и неуспеси од минатото. Новите предизвици бараат нови пристапи“, рече Трамп и нагласи дека ова е нов пристап во решавање на судирите на Блискиот Исток.

Американскиот претседател додаде дека досегашното непризнавање на Ерусалим како главен град на Израел, не придонесе за тоа да се постигне мир. Тој го задолжи Стејт департментот да направи план за релокација на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја поздрави оваа, како што рече, историска одлука на американскиот претседател и ги повика и другите држави да ја следат постапката на САД, односно да ги преместат своите амбасади во Ерусалим.

Стотина Палестинци, пак, протестираа денеска во Појасот Газа, против одлуката на Трамп, при што ги запалија американското и израелското знаме.

Франција не ја поддржува одлуката на САД да го признае Ерусалим за претстолнина на Израел, а францускиот претседател Емануел Макрон повика на мир во целиот регион.

„Оваа одлука Франција не ја одобрува, бидејќи е против меѓународните права и сите резолуции на Советот за безбедност на ОН“, изјави Макрон.