Трамп ги доведе во прашање мировните преговори меѓу Израел и Палестина


       
Давос, 25 јануари, 2018 - 17:52 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп ја доведе во прашање можноста за продолжување на мировните преговори меѓу Израел и Палестина, префрлајќи ја одговорноста за тоа на палестинската страна, пренесува „Би-би-си“.

Како што изјавил Трамп во Давос, Палестинците „покажале непочитување“ кон САД, по неговата одлука да го признае Ерусалим за главен град на Израел.

– Кон САД мора да биде искажана почит или едноставно не одиме понатаму – изјавил Трамп пред новинарите во Давос.

Седејќи покрај израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху на Светскиот економски форум во Давос, Трамп рекол дека Израел секогаш ги поддржувал САД и дека за него било чест тоа што го направил со признавањето на Ерусалим за главен град.

По одлуката за Ерусалим, палестинските официјални претставници соопштија дека САД повеќе не можат да се сметаат како неутрални посредници во преговорите. Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја нарече декларацијата на Трамп за Ерусалим „шлаканица на векот“.