This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Fri Dec 15 6:13:51 2017 / +0000 GMT

Трајчевски: За овие избори медиумите известуваат порамномерно и попрофесионално




За овие локални избори медиумите известуваат далеку порамномерно и попрофесионално во споредба со претходните два изборни циклуси, каде беше забележано нерамномерно известување и воочлива координација, рече директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), Зоран Трајчевски, на денешната дебата на тема „Известување на медиумите во изборна кампања, искуства и предизвици“, што се одржа во Клубот на новинари.

Трајчевски истакна дека годинава првпат судот во Скопје постапил во законски рок по пријава на ААВМУ и донел пресуда за само 48 часа по поднесувањето. Според него, судот сè уште не ги решил предметите на AАВМУ поднесени пред две години.

Насер Селмани, претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), рече дека постои тренд на намалување на нападите врз новинарите. За разлика од предвремените парламентарни избори во декември минатата година, кога беа регистрирани два физички напади на новинари, во оваа изборна кампања нема ниту еден физички напад, а регистрирани се само вербални закани.

- Полицијата почна сериозно да ги истражува нападите, но загрижува фактот дека од 54 напади ниту еден напаѓач не е казнет од судовите. Тоа покажува јасна политика на неказнивост. Само 10 случаи се целосно истражени и поднесени се пет кривични и уште толку прекршочни пријави. Со политиката на неказнивост не можеме да очекуваме подобрување на слобода на говорот - рече Селмани, кој се заложи за изградба на ефикасен институционален механизам за превенција на насилство против новинари, во кој ќе учествуваат полицијата, обвинителството и судот.

Дебата во Клубот на новинари беше организирана од „Онлимит медиа“ и од ЗНМ, а финансиски поддржана од „Цивика мобилитас“.

Post date: 2017-10-12 19:51:19
Post date GMT: 2017-10-12 17:51:19
Post modified date: 2017-10-12 20:13:11
Post modified date GMT: 2017-10-12 18:13:11