!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Традиционално бадникување пред Соборниот храм во Скопје


       
Скопје, 6 јануари, 2017 - 14:07 (META) 

Православните христијански верници во Македонија денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово -­ Божиќ, а пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска, по 25. пат, се одржа традиционалниот народен собир по повод големиот христијански празник

Кум на годинешното одбележување на Бадник во Скопје е Радко Манов, извршниот директор на претпријатието ГАМА, додека здравичар е Љубиша Николиќ, фудбалер, тон-мајстор во пензија, водител и режисер кој целиот работен век го поминал во Македонското радио.

На традиционалното делење на бадниковите гранчиња на платото пред Соборниот храм присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој му го предаде бадникарскиот ќуп на новиот кум Манов.

– Би сакал да го честитам Бадник на сите православни христијани, им посакувам оваа година да имаат многу здравје, бериќет, успех на секое поле и овие празнични денови да ги поминат во духовен мир заедно со своите најблиски. Исто така, сакам на сите граѓани на Скопје без разлика на нивната вероисповед, да им посакам здравје, среќа, мир и меѓусебно разбирање и почитување во новата 2017 година – рече Трајановски.

Со пригодна беседа пред скопјани денеска се обрати и архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, кој ја благослови погачата што беше поделена меѓу верниците.

По завршувањето на средбата, делегација на одборот за прослава замина за Злокуќани во домот за стари лица, каде на лицата што се таму згрижени им додели пригодни подароци за Бадник. Народниот собир е во организација на Граѓанското здружение „Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје“, а е поддржан од Градот Скопје.