Тодоров: ВМРО-ДПМНЕ создаде „трол фарми“ кои шират говор на омраза


       
Скопје, 4 декември, 2018 - 14:12 (META) 

Во телевизиско интервју, Никола Тодоров, поранешен висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, откри дека партијата создала и сé уште активно работи на онлајн „трол фарми”. Тодоров беше министер за образование и министер за здравство, но подоцна беше избркан од новото раководство на партијата, пишува „Глобал војсес“.

Во видеото, поранешниот министер, кој сега работи како адвокат, објаснува дека партијата има воспоставено систем за поттикнување на членовите на партијата и да искажуваат сериозни закани и да користат говор на омраза против луѓето онлајн. Тој имплицира дека тој систем функционира долго време.

Тодоров: …Видете сега. Тоа се оние ботови. Партиски ботови, коишто имаат задача да ги спроведат тие негативни или деструктивни идеи на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и да шират говор на омраза и да шират невистини … Каква група … Целиот тој систем на линч на социјални мрежи којшто го има изградено ВМРО-ДПМНЕ во овој момент е многу опасен. И би рекол … Се плашам дека ќе ги заглават тие луѓе коишто работат во тој систем. Тоа се млади луѓе, на дваесетина години, коишто седат позади компјутер …

Новинарка: Сега конкретно, во оваа ситуација, тоа е нешто ново, или …?

Тодоров: Не (е ново). Тоа функционира во ВМРО-ДПМНЕ и така ВРМО-ДПМНЕ функционира. Даваат насока „расчерете го Никола Тодоров на социјална мрежа“. И знаете како функционира тоа после? Има дваесетина луѓе којшто седат пред компјутер, имаат по 10 или 15 лажни профили, секој од нив … И почнуваат со закани, навреди, измислици итн. а позади стојат лажни профили. Ако има двесетина луѓе со по, не знам, петнаесеттина лажни профили, се креира некаква перцепција дека огромен број на луѓе, не знам, триста – двеста, триста, четрсто луѓе мислат на еден начин. А тоа не е така. Ако е тој систем направен да се креира перцепција и да има политичка функција, односно да се стекнат некакви политички поени, можеби можам и да разберам. Ама ако тој систем е ставен на едно (ниво) … Деструкцијата на тој систем е ставена на максимум и се однесува и се служи со закани, со навреди итн. тогаш е тоа hate speech, тоа е ширење говор на омраза. Тоа е забрането и многу опасно.