Тодоров: Или победа на претседателските избори или Мицкоски пакувај куферите


       
Скопје, 28 декември, 2018 - 15:17 (META) 

Не ја бива вака дечки. Менувајте ја тактиката радикално, борете се од внатре и обидете се да влијаете врз курсот на партијата, зашто очигледно ја носат во погрешен правец. Не носат во пораз на претседателските избори, вели поранешниот министер Никола Тодоров кој пред извесно време беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ.

Тодоров во пост на „Фејсбук“ вели дека членството и поддржувачите очекуваат победа на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори и дека фокусот треба да биде на тоа, а не на, како што вели, опсесијата на Мицкоски по секоја цена да стане премиер.

– Таа опсесија во комбинација со неговата невидена суета ја влечат и него и партијата надолу. Мицкоски премиер нема да стане ако ВМРО ги загуби претседателските избори. Тогаш ќе си оди. Ќе мора, ќе биде неизбежно, бидејќи членството ќе сфати дека е водено од лидер кој не може и не знае да испорача победа. Ќе биде фрустрирано од фактот што уште повеќе ќе се зацврсти СДСМ на власт. Поразот е пораз, особено на претседателски избори, но фактот што со тоа ќе му помогне на Заев и СДСМ да ги добијат и следните парламентарни избори ме иритира и е крајно неприфатливо за најголемиот број членови – вели Тодоров.

Тој потенцира „да не се мисли на парламентарни избори, да не се мисли на фотељите, ни на претседателската во ВМРО, ниту на премиерската туку на победата претседателските избори и партијата да почне сериозно да се менува, демократизира и реформира за да прерасне во Европска, модерна, центар-десна политичка партија“.

Во спротивно, му порача на Мицкоски да си ги пакува куферите.

-Како сакаме да победиме ако повторно сме скарани со целиот свет, повторно се делат луѓето на предавници и патриоти и повторно живееме во историјата? Поделени и раскарани, дополнително го делиме и онака поделеното македонско национално ткиво. Кај младите сме тапа, у Скопје не проаѓаме – смета Тодоров.