!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Тинејџер пукал во школо кај Москва, четворица се повредени


       
Москва, 5 септември, 2017 - 13:32 (META) 

Московската полиција уапси тинејџер кој пукал и фрлил димна бомба во училиште во московскиот регион и притоа ранил четири лица, јавуваат руските медиуми.

Според првичните информации, 15-годишникот фрлил димна бомба во училницата и пукал во воздух, соопшти портпаролот на руското Министерство за внатрешни работи.

Четири лица се хоспитализирани, а според информациите на новинската агенција ТАСС, станува збор за тројца ученици и за еден наставник.

Во тек е истрага за инцидентот, а полицијата го испитува тинејџерот.

Според едната верзија, инцидентот настанал откако ученикот влегол во расправија со соученик, а според другата, откако почнал да се расправа со еден од наставниците.

Учениците се евакуирани од училиштето откако се дознало дека тинејџерот поставил и експлозив во објектот.

Неименуван полициски извор наведува дека тинејџерот веќе подолго време се подготвувал за нападот, објавувал фотографии од оружје на своите профили на социјалните мрежи, а денеска напишал „Избришете го мојот живот“.