This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Fri Dec 15 19:48:38 2017 / +0000 GMT

Тимоние: Франција ги поддржува изградбата на правната држава и унитарноста на Македонија




Четвртина век како Франција е на страната на Македонците за да се зајакне државата и нејзината унитарност и ги придружува во изградбата на правната држава, што е услов кој важи за сите идни интеграции кон кои земјата легитимно се стреми, порача амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, на вчерашниот говор на свечениот прием на Националниот ден на Франција.

На приемот во Македонско село, Тимоние ги нагласи заложбите на Франција за спроведување на неопходните реформи во Македонија и за Европа, која ќе стане целосна кога ќе се приклучат земјите од Западен Балкан.

- Оваа година, францускиот празник е во знакот на споделената надеж која уште повеќе ќе нè обедини, надежта за европска иднина за која се изјаснија нашите два народa, со која им се дава нов патоказ, оној за спроведување на неопходните реформи, за изградба на простор за мир и за просперитет, колективна амбиција за она што треба да биде Европа. Европа, која нема да биде целосна, како што напиша нашиот претседател Макрон во писмото до претседателот Иванов, сè додека не се приклучат земјите од Западен Балкан. Тоа е огромната задача која ни престои на сите и поради која сè уште сме и ќе бидеме секогаш на ваша страна. Тоа не е само Европа на автопатишта и на тендери, на помош и на субвенции, туку Европа на заеднички вредности кои посакуваме да ги имаме сите, а кои ние Французите ги славиме денес заедно со Вас. Вредностите на нашата девиза: слобода, еднаквост, братство - рече, меѓу другото, францускиот амбасадор.

На приемот беа и премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и министри, странски амбасадори, градоначалници и верски великодостојници.

Post date: 2017-07-15 14:45:24
Post date GMT: 2017-07-15 12:45:24
Post modified date: 2017-07-15 16:39:38
Post modified date GMT: 2017-07-15 14:39:38
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com