Тевдовски со Гутереш и Гурија панелисти на годишните средби на ММФ и Светска банка


       
Џакарта, 12 октомври, 2018 - 10:02 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска ќе има обраќање на настан од високо ниво во рамки на Годишните средби на Светска банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Настанот ќе го отвори генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. На панелот, на кој ќе се обрати Тевдовски, ќе говори и генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Анхел Гурија.

Министерот Тевдовски ќе зборува на тема „Спроведување на целите за одржлив развој во светот кој се менува: локализација, инклузивност и инвестирање во резултати“. Тој ќе се осврне на целите за одржлив раст и реформите кои се прават во земјава за остварување на тие цели.

На панелот на кој ќе говори Тевдовски, предвидено е свое обраќање ќе имаат и претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Вернер Хојер, како и извршниот директор на Светската програма за храна (ВФТ) Дејвид Бизли.

Делегација предводена од Тевдовски и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, учествува на Годишните средби на Светска банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Индонезија кои почнаа вчера.