Тевдовски: Работиме на подобрување на деловната клима и фискална консолидација


       
Скопје, 11 јуни, 2018 - 13:39 (META) 

Реформи во насока на подобрување на деловното окружување и постепена фискална консолидација, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на конференцијата по повод започнување на изработка на Програмата за економски реформи 2019-2021.

На конференцијата присуствуваше амбасадорот на Европската унија во Македонија, Самуел Жбогар и сите инситуции кои се вклучени во подготовката на реформскиот документ кој се доставува до ЕУ.

-За првпат имаме јасна и кредибилна стратегија за реформи во јавните финансии, подготвена заедно со ЕУ. Таа содржи акционен план за подобрување на сите поважни елементи на системот на јавни финансии во следните три години. Значително е подобрена транспарентноста. Денес граѓаните имаат увид во тоа како се трошат државните пари. Се објавуваат граѓански буџети, како и низа извештаи за извршување на буџетот, кои порано не беа достапни на јавноста. Јавно се достапни и договорите за јавни набавки на институциите, а со новиот закон ќе бидат достапни и сите понуди доставени на тендерите – рече Тевдовски.

Жбогар посочи дека Македонија имала најдобро остварување во спроведувањето на реформите минатата година во однос на сите други земји, како и дека го подобрила сопствениот резултатот во однос на претходните години.

– Достигнат е видлив прогрес во управувањето со јавните финансии. Земјата започна со имплементирање на реформската програма која ја усвои, а и драстично е подобрена фискалната транспарентност. Народната банка во континуитет спроведува стабилна монетарна политика, одржувајќи го нивото на денарот и ценовната стабилност. Владата го лимитираше носењето на закони по скратена постапка. Исто така, сега сите министри се обврзани да ги објавуваат законите на ЕНЕР за јавна консултација. усвојувањето на стратегијата за образование содржи чекори за подобрување на квалификациите на наставниците- рече Жбогар.

Програмата за економски реформи е сеопфатен документ за економското управување, кој земјите аспиранти за членство се обврзани да го поднесуваат до Европската комисија секоја година. Програмата 2019-2021 треба да се достави до Европската комисија до 31 јануари 2019 година.