Тевдовски: Преку ЕБОР обезбедни 10 милиони евра повластени кредити за претпријатијата


       
Скопје, 20 јуни, 2018 - 15:21 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски присуствуваше на потпишувањето на договорот помеѓу ЕБОР и Охридска банка, со кој, на малите и средни претпријатија им се ставаат на располагање 10 милиони евра повластени кредити за нови инвестиции.

Тевдовски истакна дека ваквите кредитни линии кои ги поддржуваат инвестициите на малите и средни претпријатија се од големо значење за економијата.

– Кредитната линија од ЕБОР, преку Програмата за поддршка на конкурентност и иновативност, е стимул за вложувања во нови производни капацитети и отворање на нови работни места. За време на годишните состаноци на ЕБОР со претставници од банката зборувавме за вложувањата во приватниот сектор и заклучивме дека ова е навистина добар проект. Со вкупен фонд од 30 милиони евра и 6 милиони евра ЕУ инвестициски грантови оваа линија е ликвидносна инјекција, која ќе придонесе за раздвижување во секторот мали и средни претпријатија-  рече Тевдовски.

Кредитната линија содржи механизми за стимулирање на инвестициите. Малите и средни претпријатија за 15 проценти од реализираната инвестиција ќе може да добијат поврат на средствата во форма на грант.