Тевдовски: По 10 години, јавниот долг е ставен под контрола


       
Скопје, 21 мај, 2018 - 14:35 (META) 

Отплатени се дел од старите долгови, зголемена е рочноста на издадените државни хартии од вредност, намалена е каматната стапка и зголемена е довербата кај инвеститорите, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, кој учествуваше на јавната дискусија на Економскиот факултет насловена „Јавните финансии на крстопат“.

Тој додаде дека за прв пат после повеќе од 10 години, јавниот долг е ставен под контрола и подобрена е структурата преку зголемена рочност и пониски каматни стапки. Владата планира постепена буџетска консолидација, со буџетски дефицит од 2 отсто на среден рок.

-Зголемена е и довербата на инвеститорите ако се земе предвид дека е издадена еврообврзница со историски најниска каматна стапка од 2,75 отсто како и државна обврзница со рочност 30 години. Зголемената доверба се гледа и од извештаите на кредитните агенции, како на пример „Фич“ кој го подобри изгледот за рејтингот на земјата – истакна Тевдовски.

Во своето излагање на Економскиот факултет, министерот најави реформи во јавните финансии до крајот на годинава. Согласно Акцискиот план за спроведување на Програмата за реформи во управување со јавните финансии годинава ќе се подготви законската регулатива за нов систем за јавни набавки, за повеќегодишно буџетирање и предпополнета даночна пријава за олеснување на обврските на даночните обврзници.

Во насока на зголемување на транспарентноста како една од најкрупните реформи која ќе се спроведе е објавување на Трезорот на веб-страна, односно целосен увид на јавноста во сите расходи на државната каса во реално време.

– Досега се преземени 15 чекори за зголемувањето на увидот на јавноста во јавните финансии. Тие чекори се однесуваат на објавување на извештаи кои досега не се објавувале, зголемување на фрекфенција на објавување на податоците, јавна дебата за буџетот, подобрување на веб-страницата на Министерството за финансии, јавно достапна платформа Отворени одатоци на Бирото за јавни набавки, изработка на граѓански буџети и приклучување на Македонија кон меѓународниот стандард за владини статистики на ММФ – истакна Тевдовски.