fbpx

Тевдовски: Обвинувањата за големи задолжувања се манипулација

-

На третиот ден на расправата за ребалансот на буџетот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија власта дека со овој буџет ќе има ново задолжување, нема да се заврши ниту еден проект и дека ќе се зголеми буџетскиот дефицит.

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, ребалансот на буџетот ги признава успешните политики на претходната влада и здраво поставените економски фундаменти.

– На глас ја критикувавте несразмерноста на буџетот од три милијарди евра, а со новиот ребаланс имате минимално намалување на буџетот од 1,5 отсто, односно висината на буџетот ја задржавте. Преку буџетскиот дефицит велевте дека минатата влада била недомаќинска, трошела непродуктивно, а вие со ребалансот дефицитот го здржувате на исто ниво од 302 милиони евра. Зошто, кога кратите на капитални инвестиции, не го намалите буџетскиот дефицит – праша Мукоски.

Тој додаде дека со вака поставените макроекономски показатели, буџетскиот дефицит ќе се зголеми на 3,5 проценти, а тоа значи и зголемување на задолжувањето, при што ќе мора да се повлече капитал од домашниот пазар и преку издавање на нова еврообврзница.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, одговори дека се неточни бројките околку задолжувањето.

– Во јуни и во јули нето-задолжувањето беше 1,8 милијарди денари на домашниот пазар. Кон странство беше вратен долг од 81,9 милиони евра. Ако некој треба да врати нечиј кредит од сума од 500 денари и денеска за тој кредит земе нов кредит од 550 денари, дополнителното нето-задолжување е 50 денари. Не правете манипулации  со бројките – одговори Тевдовски.

Тој рече дека има потреба од задолжување бидејќи во јануари 2018 година треба да се врати стар кредит од 90 милиони евра, а во 2020-2021 година треба да се вратат една милијарда евра, што, според Тевдовски, е двегодишна плата за цела администрација.

Пратениците на опозицијата обвинија дека со ребалансот нема поголеми плати, пензии, субвенции и нема поголем стандард на граѓаните, а на сметка на тоа има изградба на кампови за мигранти.

– Ребалансот на буџетот е чист популизам за да се вдомат партиските кадри за на 15 октомври да излезете на локални избори – обвини пратеникот Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Благојче Трпковски од СДСМ рече дека ребалансот на буџетот е одраз на домаќинското работење на новата влада.

По паузата, расправата за ребалансот на буџетот ќе продолжи во 15.30 часот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изложба „Уметници и бегалци“ во Чифте Амам

Изложбата „Уметници и бегалци“ ќе се отвори во вторник (2 aприл) во Националната галерија Чифте Амам во скопската чаршија. Делата на изложбата се инспирирани од сведоштва кои биле директно раскажани...