Тевдовски: Нема потреба од ребаланс на буџетот поради референдумот


       
Велес, 24 август, 2018 - 13:11 (META) 

Средствата одвоени за референдумот од 80 милиони денари се од резервни функции на државата и тоа нема да предизвика ребаланс на Буџетот, рече министерот за финансии Драган Тевдовски одговорајќи на новинарски прашања при денешната посета на Велес.

– Точно ќе бидат обезбедени 80 милиони денари, а апсолутно нивната големина не би предизвикала ребаланс на Буџетот. Тоа е доделено како план за трошење од резервните функции на државата – рече тој.

За тоа како ќе се трошат средствата, министерот за финансии појасни дека Собранието е овластен предлагач и според законот тоа има право да ги користи овие средства.

– Мислам дека има повик до сите пратенички групи да искажат потреба и дали ќе бидат вклучени во кампањата, но тоа е работа пред се на Собранието. Ние обезбедивме средства од овластениот предлагач од Буџетот – истакна Тевдовски.