Тевдовски: Наплатата на приходите е одлична, засега нема ребаланс на буџетот


       
Скопје, 11 мај, 2018 - 13:45 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски рече дека во моментов има одлична наплата на приходите и кога министерството ќе реши да направи ребеланс, јавноста ќе биде запознаена.

– Немало година, да не се направи ребаланс, но најголем дел од нив се правени поради слаба наплата на приходите. Ние во моментов имаме одлична наплата на приходи, но секако дека размислуваме како подбро да ги распределиме средствата – одговори Тевдовски на новинарско прашање на денешното отворање на настанот „Денови на финансиска писменост“ во „Скопје сити мол“.

Прашан за ниското ниво на реализација на капитални инвестиции од само седум проценти во првите месеци од годината, тој рече дека министерството прави притисок за нивна реализација.

– Капиталните инвестиции, се соодвтени на проекциите. Имаме одлична ликвидност и главната битка е да имаме реализација на инвестициите – додаде Тевдовски

Во однос на избор на гувернер тој додаде дека монетарната политика е независна од фискалната и како и до сега, тоа прашање ќе го остави на Собранието.