fbpx

Тевдовски: Најновата еврообврзница е со досега најниска каматна стапка

-

Парите од еврообврзницата, со која Македoнија на странскиот пазар се задолжи за половина милијарда евра, ќе бидат потрошени за покривање на буџетскиот дефицит, враќање на стари долгови, реализација на капитaлни инвестиции, зголемување на средствата за одбраната и за зголемени плати во образованието и здравството, информираше денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Според него, историски најниската каматна стапка од 2,75 проценти за еврообврзницата е показател дека на меѓународниот финансиски пазар и меѓу инвеститорите постои доверба во перспективите на македонската економија и стабилноста на земјата.

Просечната каматна стапка на претходните еврообврзници изнесуваше 5,34 проценти.

– Парите од оваа евробврзница нема да се трошат за непродуктивни работи, споменици и фасади. Дел од овие пари ќе се потрошат и за покривање на стари долгови по овие ставки. Во буџетот, кој што е изгласан од Собранието, е проектирано за кои капитални инвестиции ќе бидат потрошени парите – нагласи министерот за финансии.

Тој додаде дека, првпат во историјата каматната стапка на еврообврзницата е пониска од проектираниот пораст на економијата од 3,2 проценти. Со еврообврзницата ќе бидат вратени и претходно направени долгови, па така на 29 јануари ќе се отплати првата рата на „Пи би џи“ (PBG) кредитот земен во 2013 година во износ од 95 милиони евра.

– Исто така, ги искористивме поволните услови на меѓународните пазари и срушивме дел од огромниот ѕид на долгови со кои се соочува Македонија во 2020 година. Предвреме вративме една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година, која достасува во декември 2020, и чија што каматна стапка на издавање од 4,875 проценти е значително повисока од каматна стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75 проценти. Со ова го намаливме долгот кој достасува во 2020 година и обезбедивме значително понизок ризик на рефинансирање – додаде Тевдовски.

Тој појасни дека, имајќи предвид што со еврообврзницата враќаме речиси 200 милиони евра претходно наталожени долгови, нето-задолжувањето со оваа еврообврзница изнесува околу 300 милиони евра.

На новинарско прашање во однос на транспарентноста на целата постапка за задолжување со еврообврзницата, министерот за финансии рече дека и при претставувањето на буџетот во Собранието најавил дека дефицитот ќе се финансира од позајмување од домашниот или од странските пазари, но под услов каматните стапки да се поволни.

Одлуката за новото задолжување била објавена во Службен весник, но не е најавена на прес-конференција оти ако било соопштено дека се планира издавање на еврообврзница, тоа би можело да ја крене цената, бидејќи станува збор за ценовно чувствителна информација.

– Со тоа што излеговме на меѓународен пазар, средствата на домашните банки ги оставивме слободни и може да се употребат за финансирање во домашната економија – дополни Тевдовски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Мета факт: Го нема ветениот нов електронски дневник, наставниците го користат стариот

Одговорните во Министерството за образование и наука (МОН) најавија дека од минатиот септември, односно од учебната 2023/2024 година, ќе биде пуштен во употреба нов електронски дневник, со кој требаше...