Тевдовски: ЕБОР заинтересиран да вложи во ветерниците во Миравци


       
Аман, 11 мај, 2018 - 9:56 (META) 

Европската банка за обнова и развој, но и други инвестициски банки, како Европската инвестициска банка, сакаат да учествуваат во финансирањето на изградбата на ветерниците во Миравци и фотоволтаична централа во Осломеј, рече министерот за финансии Драган Тевдовски, кој учествуваше на годишните средби на Европската банка за обнова и развој кои се одржаа во Јордан.

– Во рамките на средбите зборувавме со различни меѓународни кредитори за проекти во обновливи извори на енергија, бидејќи приоритет на Владата е значајно зголемување на учеството на обновливите извори. Два значајни проекти за кои веќе имаме добиено позитивни сигнали од меѓународните инвестициски институции како ЕБОР и ЕИБ, дека сакаат да учествуваат во нивна реализација, се ветерната електрана Миравци и фотоволтаичната централа Осломеј. Веќе АД ЕЛЕМ работи на придвижување на работите и подготовка на документацијата – рече Тевдовски.

Тевдовски се обрати на панелот „Зелена инфраструктура“, на кој беа потенцирани придобивките од инвестициите во обновливите извори на енергија и вложувањата во комуналната инфраструктура. Тој исто така најави дека ЕИБ, ЕБОР и КфВ се подготвени да учествуваат во финансиска конструкција за изградба на пречистителната станица Скопје која би чинела околу 130 милиони евра.

На панелот свое обраќање имаше и претседателот на ЕБОР, Сума Чакрабарти.