Тевдовски: Буџетот и трезорот ќе бидат поставени на интернет платформи


       
Скопје, 12 септември, 2018 - 12:20 (META) 

До крајот на годината само неколку клика ќе ги делат граѓаните до клучните информации во буџетот и исплатите од трезорот. Напоредно во Министерството за финансии се подготвуваат платформата „Отворени финансии„ (Open Finance) и веб-апликацијата за граѓански буџет.

Ова денеска го најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски на конференцијата „Водење бизнис во општеството управувано од податоци“, која се одржува денеска во организација на ЦЕЕД Македонија, Амбасадата на САД и „Ворлд Чикаго“ (WorldChicago).

-Во Министерството за финансии, ние ја препознаваме важноста на податоците. Затоа работиме на нова платформа базирана на интернет наречена „Отворено финансирање“, која ќе им овозможи на нашите граѓани да имаат увид во сите расходи на Владата во реално време. Очекуваме таа платформа да стапи во функција до крајот на оваа година – рече Тевдовски.

Тој додаде дека пред само два месеци Министерството за финансии ги отвори своите врати, но и сите податоци за учесниците на првиот првиот финансиски хакатон во земјата -„Фин Хакатон“, а  победниците сега креираат веб-апликација, игра и видео за граѓанскиот буџет.

Тој додаде дека податоците се главен ресурс на најголемите компании во светот и дека владите мораат да ги употребуваат податоците за да ги развијат економиите.

-Живееме во свет кој многу брзо се менува и за кој се потребни податоци за да го разбереме. На пример, Фејсбук е најголемата медиумска куќа а нема произведено ниту една вест. Аирбнб е најголема хотелска компанија а нема ниту една соба во сопственост. Најголемата такси компанија Убер не поседува ниту едно возило. Клучни се податоците- рече министерот.

Заменик шефот на Мисијата во амбасадата на САД во Скопје, Михаела Швајцер Блум истакна дека во 21 век најуспешни се компаниите кои успешно менаџираат со податоците, додека најуспешни се владите кои се партнери со компаниите, граѓанските организации и граѓаните. Таа истакна дека е клучна соработката помеѓу Владата и јавноста, особено транспарентноста и пристапот до информации за да се развие економијата.