Со пароли „Стоп за коцкањето“, на градскиот плоштад во Тетово се собраа група граѓани, како и претставниците на локалната власт, верските заедници и организаторите на протестот – „Движење против казината“. Заедно го изразија револтот од многубројните објекти за игри на среќа во градот.

Велат, младите на тој начин си ги уништуваат животите. Како претставник на тетовско-гостиварската епархија говореше отецот Александар Стојановски.

– Обединети, заедно со исламската верска заедница, и ние од тетовско-гостиварската епархија, сме тука да го поддржиме протестот против казината во Тетово. Коцкањето е едно од најголемите зла, на кое најмногу младите му стануваат робови. На тој начин се изопачуваат вистинските вредности, како што е семејството и посветеноста кон Бога – рече Стојановски.

Од „Движењето против казината“ велат дека имаат предлози за решавање на проблемот.

– Сите казина да бидат на три километри оддалеченост од градот, 5 проценти од добивката на казината да се донира во активности за рехабилитација на жртвите од коцкањето, а интересите на граѓаните секогаш да бидат пред интересите на бизнисите – порача Џемал Абдиу.

Градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи, истакна дека Советот на општина Тетово, е првиот кој донел одлука за оддалечување на казината надвор од градската средина.

– Штом двете верски заедници се тука, тогаш на овој проблем треба сериозно да се гледа. Ингеренциите на општината во овој случај се лимитирани, но тука сме да ги слушнеме барањата и мислењата на граѓаните. Сметам дека и политичките партии со голема сериозност треба да ги третираат овие барања. Советот на општината донесе одлука за ваквите објекти да бидат надвор од градот, а тоа е многу важен момент – изјави градоначалничката.

Центарот на Тетово веќе подолг период е преполн со објекти за игри на среќа. Пред околу еден месец, се случи и огнена престрелка, токму пред еден од ваквите објекти во централното градско подрачје.