Телохранителот на Груевски предложен за сведок за крвавиот четврток


       
Скопје, 24 август, 2018 - 16:11 (META) 

Оливер Вуксановиќ, адвокатот на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, во воведниот говор за судењето рече дека одбраната ќе докаже оти некои од обвинетите воопшто не го познавале Нинџа, а не, пак, да му ги слушаат наредбите.

-Немало акт на насилство, ниту некој се заканувал, ниту обвинетиот имал умисла и намера да го изврши кривичното дело – рече Вуксановиќ.

Во воведниот говор адвокатот рече дека преку листинзи од базните станици ќе ја докажат траекторијата на движењето на Нинџа во времето за кое е обвинет со обвинителниот акт. Тој рече дека Нинџа не влегол и не бил во Собранието.

Адвокатот на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа во воведниот говор рече дека го предложиле за сведок и Благоја Василевски, брат на обвинетиот и телохранител на експремиерот Никола Груевски.

Сите адвокати на обвинетите, освен бранителот на Горанче Ангечовски, дадоа воведен збор на судењето.