Раководството на „Телма“ и синдикатот на телевизијата се договориле да се разгледаат сите можности со кои не би имало потреба од отпуштање на вработени, било одлучено на попладневната средба, изјави новинарката Виолета Зајкова, синдикален претставник.

– Се договоривме да се види дали на овие луѓе може да им се најде друго работно место во телевизијата, да се види дали оние што се пред пензија може да им се дооткупи стажот, а за тие што нема да се најде никакво решение и ќе бидат отпуштени да им се даде некаква отпремнина од две или три плати – вели Зајкова.

Главниот и одговорен уредник, Атанас Кировски, пак, на „Фејсбук“ напиша дека се појавиле еден куп неточни и неаргументирани напади против менаџментот на „Телма“, за наводно отпуштање на 12 новинари од телевизијата.

„Точно е дека се врши систематизација и дека се укинати 12 позиции, но тоа не значи дека се поделени 12 откази на луѓе! Тоа се тенденциозни и злонамерни шпекулации и невистини. Иако немаме законска обврска да разговараме со независниот синдикат околу ситематизацијата и рационализацијата, го правиме и тоа, и бараме чаре за секој човек! Но, некои луѓе и навистина ќе мора да си заминат. Сакам да се знае дека нема таков на кој не му се дадени повеќе од две шанси, и молењето некои луѓе да си ја заработуваат платата трае 20 месеци. За тоа се свесни и луѓето од синдикатот кои ми дадоа целосно за право. Инаку, апсурдот е во тоа што повеќето портали кои прават линч врз „Телма“, ни оддалеку не ги имаат регулирано односите со вработените како во „Телма“, а нивните плати или хонорари (во „Телма“ инаку нема новинари хонорарци, сите се вработени!) се барем 3 пати пониски отколку на новинарите во „Телма“. Врв на лицемерието!“, напиша Кировски.