!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Театар на ВМРО-ДПМНЕ: „Ви благодарам за вашата реплика и се согласувам целосно“


       
Скопје, 21 април, 2017 - 18:49 (META) 

Со остри реплики за тоа кој ја предава државата, кои пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги упатуваа кон СДСМ преку реплики и контрареплики едни на други и со забелешки дека пратениците ги злоупотребуваат процедуралните забелешки за политички ставови, но и со прекори од Вељаноски за неговите сопартијци, се одвиваше денешниот попладневен дел од конститутивната седница, која наликуваше на сите претходни.

Остри критики за злоупотреби на процедуралните забелешки и на репликите и контрарепликите кои не се за точката на дневниот ред, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги упатуваат едни кон други, искажа Зекирија Ибрахими од Беса.

– Слушаме за албански јазик, за геноциди, но не слушам некој да говори за точката од дневниот ред. Трагично е репликите да почнат со изразот „Се согласувам целосно со Вас“, а контрарепликите со зборовите „Ви благодарам за Вашата реплика“. Ова не само што е смешно, туку е болно – рече Ибрахими.

Двата други подинамични моменти беа „препирката“ на претседавачот со седницата, Трајко Вељаноски, со неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски и Илија Димовски, при што Вељаноски ги критикуваше дека ги злоупотребуваат процедуралните забелешки за политички ставови, па Мукоски во еден момент рече: „Ако ме прекинувате, ќе заминам“, по што ја напушти говорницата. Потоа Димовски му држеше лекција на Вељаноски кога смее да дава забелешка и дали процедуралната забелешка е на место или не.

Димовски, освен со изнесувањето на партиските ставови, се активираше и во препирка преку процедурални забелешки со Радмила Шекеринска од СДСМ, за тоа кој колку се грижел за земјоделците, откако заменик-претседателката на СДСМ обвини дека поради бескрајните реплики и контрареплики и процедуралните забелешки, не функционираат институциите, а среде катастрофата со измрзнувањето на јаболката во Преспа, нема можност да им се помогне на овоштарите.

Потоа сè течеше како и досега, неколкумината пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму си реплицираа и си контрареплицира, а голем дел од нив од собраниската говорница ги читаа своите реплики.

Седницата претседавачот Вељаноски ја прекина во 18 часот и следното продолжение го закажа за понеделник во 11 часот.