fbpx

Тажна вест за Европа, ЕУ се подготвува за иднина без Британија

-

Одлуката на Велика Британија да ја напушти Европската Унија предизвика шок и освестување во ЕУ дека се потребни промени во Брисел. Евроскептиците во ЕУ сметаат дека и нивните земји треба да ја напуштат Унијата.

Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, рече дека ЕУ ги почитува резултатите, но тоа си носи и свои одговорности.

– Обединетото Кралство одлучи да оди по свој пат. Мислам дека економските показатели говорат дека тоа ќе биде многу тежок тек. Време е да се однесуваме сериозно и одговорно. Камерон има свои одговорности за својата земја, а ние имаме свои одговорности кон иднината на ЕУ. Можете да видите што се случува со фунтата. Не сакам тоа да му се случи на еврото – рече Шулц.

Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, очекува дека наскоро ќе почнат преговорите за излез на Велика Британија од Европската Унија.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, рече дека ЕУ е одлучна да го зачува своето единство од 27 членки и оти блокот е подготвен за негативно сценарио.

– Сите процедури за повлекување на Велика Британија од ЕУ се јасни и се утврдени со договор. За се разговара за деталите од понатамошните процедури, им понудив на дваесет и седумте лидери неформална средба на маргините на самитот на Европскиот совет. Исто така, ќе им предложам на лидерите да почнеме пошироки разговори за иднината на нашата Унија – рече Туск.

Шефот на германската дипломатија, Франк Валтер Шатјмајер, поради одлуката на Велика Британија да ја напушти Унијата, рече дека денеска е „тажен ден за Европа“.

– Веста од Британија е навистина отрезнувачка – напиша Штајмајер на „Твитер“.

Министерот за надворешни работи на Франција, Жан Марк Еро, на „Твитер“ напиша дека е „тажен“ поради Велика Британија. Тој додаде и дека Европа ќе продолжи по својот пат, но и дека е потребно да се реагира и повторно да се открие довербата кај својот народ.

Сепак, за дел од политичарите во ЕУ идејата за реформи е до извесен степен прифатлива.

Полскиот министер за надворешни работи, Витолд Вашиковски, оцени дека отфрлањето на ЕУ е сигнал дека одредени концепти на Унијата треба да се променат.

„Ја почитувам и жалиме за одлуката на британските гласачи. Таа предизвика огромни штети на двете страни. Ова е лоша вест за Европа и за Полска. Ова е голема дилема за еврократите. Сите сакаме да ја зачуваме ЕУ, но прашање е во која форма. Ќе се обидеме да ја искористиме ситуацијата за да ги увериме европските политичари зошто тоа се случи. Се случи поради овој концепт, кој беше создаден одамна, а веќе не е популарен во Европа“, рече Вашиковски за приватната полска телевизија „ТВ Република“.

Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, беше поостар во своите критики кон ЕУ, велејќи дека Брексит е најголемата лекција за ЕУ.

– Брисел мора да го чуе гласот на народот. Зошто Унгарија е во ЕУ? Унгарија е во ЕУ затоа што ние веруваме во силна Европа. Но, Европа е силна само ако одговори на големите проблеми, како што е имиграцијата, која ќе ја зајакне Европа, а нема да ја ослаби. ЕУ не успеа да даде одговор на тоа – рече Орбан.
Одлуката на Британија ги поттикна националистичките партии во Европа да размислуваат за слични чекори.

Француската партија Национален фронт повика и Франција на референдум да се изјасни за своето членство во ЕУ.

– Победа за слобода. Сега треба истиот референдум да го спроведеме во Франција и во другите земји на ЕУ – рече Мари ле Пен, лидерот на Национален фронт.

Со ист став излезе и холандскиот десничарки политичар, Герт Вилдерс. Тој соопшти дека ќе организира референдум за членството на Холандија во ЕУ, доколку следната година во март го изберат за премиер.

Вилдер засега води во анкетите, а последната анкета во Холандија покажува дека 54 отсто од Холанѓаните, чија земја е една од основачите, сакаат референдум за иднината во ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Путин: Немаме намера да нападнеме земји членки на НАТО

Русија нема планови за напад на земјите членки на НАТО и нема да ги нападне Полска, балтичките земји или Чешка, но доколку Западот испорача ловци Ф-16 на Украина, тогаш...