fbpx

Татко и син од Штип одгледувале марихуана во Кратовско

-

Двајца штипјани се осомничени дека одгледувале насади од канабис сатива (марихуана) во кратовското село Татомир, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што информираат оттаму, Секторот за внатрешни работи Куманово поднел кривични пријави до Јавното обвинителство против С.Ѓ. (59) и Т.Ѓ. (37), кои се товарат за неовластено производство и за пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

Според МВР, откако добиле оперативни информации дека Т.Ѓ. одгледува марихуана во селото Татомир, полициски службеници од полициската станица во Кратово извесен период ги следеле осомничените, а вчера наутро во атарот на селото, каде биле насадите со канабис, го уапсиле неговиот татко, кој дошол да ги наводни растенијата.

Тој во селото пристигнал со С.С. (48), такси-возач од Штип, кој бил ангажиран трипати во неделата да го вози С.Ѓ. на релација Штип – село Татомир.

„По овластување на јавен обвинител од Куманово, увид на местото изврши увидна екипа на СВР Куманово, при што се пронајдени и запленети вкупно 71 насад од растението канабис сатива, во големина од 1 до 2,3 метри, кои се откорнати и со потврда за одземени предмети се одземени заедно со пластични канти, гумени црева, шишиња со течност за прехрана на растенијата и шприцеви“, стои во соопштението на МВР.

Оттаму информираат дека по наредба на Основниот суд во Штип, бил извршен претрес во домовите осомничените. Во домот на Т.Ѓ., според полицијата, биле пронајдени и одземени „најлонска ќеса со непозната растителна зелена материја, семе од непозната растителна материја, луле со дробилка, четири пакувања ризли, дигитална вага, дурбин, ловечки патрон, два куршуми калибар 7,62 милиметри и куршум за гасен пиштол“. Исто така, во другите простории биле пронајдени три засадени стебла со должина од 145 до 190 сантиметри, девет грама растителна материја, 15 стари метални монети, а во лозјето, сопственост на пријавените, се пронајдени и одземени две засадени стебла канабис во должина од околу еден метар.

Од МВР информираат дека судија на претходна постапка на С.Ѓ. му одредил мерка притвор од 30 дена, додека неговиот син е недостапен за органите на прогонот, бидејќи бил на привремен престој во Германија или Белгија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(АНАЛИЗА) Јавен сектор: вработени по етнички клуч и според образование

Во четири министерства застапеноста на етничките Македонци изнесува 70 отсто од вкупниот број на вработени. Во седум ресори застапеноста на етничките Албанци е над 30 проценти, пишува Порталб.мк. Во...