СДСМ: На семејства во Прилеп им биле отпишувани долгови во изборни години


Прилеп, 3 февруари, 2018 - 13:54 (META) 

Членот на Извршниот одбор на ОО СДСМ, Прилеп, Филип Попоски информираше дека, полицијата до Основното јавно обвинителство поднела кривична пријава против поранешниот директор на „Комуналец“ од Прилеп, Златко Ристески и други лица членови на Управниот одбор на претпријатието, за основано сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

„Според пријавата, Златко Ристески во 2012 година предизвикал сообраќајна несреќа со службеното возило „цитроен Ц4“, која не ја пријавил во полиција. Потоа, самиот организирал подигање и поправка на возилото, а „Комуналец“ добил фактура за набавка на автоделови за оштетеното возило во висина од 250.000 денари. Пријавените членови на Управниот одбор на „Комуналец“ ја одобриле исплатата на фактурата, иако Златко Ристески не дал на увид Налог за користење на службеното возило, или каков било документ, со што може да се потврди дека на денот кога се случила сообраќајката бил на службено патување“, изјави Попоски.

Тој додаде дека, „и актуелниот директор на „Комуналец“, Звонко Јованоски, соопштил дека Златко Ристески го оштетил ова јавно претрпијатие за половина милион евра.“

„Ристески, своеволно и спротивно на законот, им го отпишувал долгот за неплатени сметки за отпад на одредени семејства, со што само по овој основ, го оштетил претпријатието за над 10 милиони денари. Ненаплатените сметки биле во изборните години 2011, 2012 и 2016 година. Спротивно на закон, Ристески не им исплаќал одредени надоместоци на вработените, со што создал долг во висина од 47 милиони денари, од кои 21 милион денари за камати, судски трошоци, адвокати и извршители поврзани со тужби од вработени,“ изјави Попоски.


Од Стопанска комора бараат законски измени за вработувања во комуналните претпријатија


Скопје, 22 јануари, 2018 - 14:46 (META) 

Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора бара измени на законските прописи кои го регулираат вработувањето работници во комуналните претпријатија на локално и на државно ниво.

– Постојните закони го отежнуваат вработувањето во еден дел, пред се при ангажирање сезонски работници, но и во други услови кога е потребно да се направат одредени поместувања поради работните активности на одредени работни позиции во компаниите – информираше претседателот на Здружението, Звонко Јованоски.

Од таму исто така ќе бараат интервенција во Законот за јавни набавки и активно вклучување во изработка на новиот закон за управување со отпад.

– Здружението ќе се вклучи во активностите околу донесувањето на новиот закон за управување со отпад кој е во почетна фаза и согласно укажувањата на Министерството за животна средина треба да се донесе до октомври годинава. Здружението има забелешки и на постојниот Закон за јавни набавки, согласно кој голем дел од тековните работи на комуналните претпријатија се отежнуваат. Проблемот е во понудената најниска цена која не соодветствува со квалитетот, како и во лимитот од 500 евра согласно кој може да се вршат интервентни набавки, што е многу мал износ – додаде Јованоски.