!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев: МРТВ ќе добие независни управни органи и независна уредувачка политика


Скопје, 24 ноември, 2017 - 14:57 (META) 

Работиме на законско решение за реформа во медиумите кое треба да доведе до комплетна независност на медиумите од извршната власт или други центри што можат да направат дисторзија, рече премиерот Зоран Заев во Собранието, одговарајќи на прашање од пратеникот Јован Митрески.

– Медиумите ќе ја вршат улогата на седмата сила и ќе бидат коректив на извршната власт, ќе ги фалат добрите постапки, а ќе ги критикуваат лошите. МРТ ќе добие независни органи на управување, како директор и финансов директор, независно финансирање, независна уредувачка политика. МРТВ повеќе нема да има потреба да земе пари од колачот од бизнис-секторот, кој ќе остане за приватните медиуми. Апелирам до медиумската заедница за конструктивен прилог. Решението произлегува од ЗНМ, од предлогот на Питер Ванхојте. Ако сакаме конечно да го донесеме законско решение. Ако не, само ќе го развлечеме процесот – рече Заев.


Заев: Ќе бараме меѓународна истрага и за Никола Младенов


Скопје, 24 ноември, 2017 - 13:58 (META) 

Граѓаните бараат одговор дали е убиен новинарот Никола Младенов, а ние бараме меѓународна истрага затоа што општеството е премногу исполитизирано и граѓаните немаат доверба во домашните институции, рече премиерот Зоран Заев, на прашањето на пратеникот Африм Гаши од Беса, дали Владата ќе побара меѓународни истраги за одредени случаи.

Заев рече дека за случаите „Смиљковско Езеро“, „Никола Младенов“, „Диво Насеље“ и „Сопот“ суштината е да се обезбеди меѓународна истрага за граѓаните да можат да ја дознаат целата вистина.

– Меѓународна истрага бараме за да има меѓународен претставник, кој ќе гарантира дека фактите што се презентираат во јавноста се навистина такви. Ако во процесот како за „Диво Насеље“ сега направиме меѓународна истрага, тоа ќе го дерогира правосудството и може да значи нарушување на независноста на судството и на процесот на жалбената постапка. Граѓаните не коментираат за високите казни туку затоа што бараат одговори, како, на пример, зошто групата влегла Куманово, дали некој нешто им кажал, дали намерно се случи тоа во сензитивен период. Владата бара меѓународна истрага затоа што од тоа на одредени луѓе им зависи дали ќе останат во Македонија или ќе ја напуштат – додаде Заев.


Заев: Ако некаде има несоодветни кадри, тоа се кадрите останати од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 24 ноември, 2017 - 13:37 (META) 

„Ако некаде се појавиле несоодветни луѓе како кадровски решенија на новата влада, тоа ќе биде коригирано. Внимателно следам и слушам, нестручни луѓе нема да останат во институциите“, рече премиерот Зоран Заев во Собранието, како одговор на прашање упатено од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, за време на првата седница со пратенички прашања за оваа влада.

Димовски побара од Заев да наброи барем пет кадровски решенија кои се несоодветни, на што премиерот му одговори дека ако веќе треба да наброи, тоа се несменетите кадри од ВМРО-ДПМНЕ.

– Ако треба прецизно да набројам, тоа се несменети началници и раководители од ВМРО-ДПМНЕ. А, ако имало досега некој што треба да се смени, тоа треба да се утврди низ постапка. Многу од кадровските решенија се само вршители на должност. Сите наредни постапки за назначување кадри ќе се водат на транспарентен начин. Ќе видите непартиски луѓе во многу институции, како и досега. Прв приоритет мора да биде квалитетот, потоа искуството, а на крајот и општествената, интелектуалната и професионалната припадност на кадрите – рече Заев.


Заев – Борисов: Го активиравме моторот што ќе го повлече целиот регион напред


Струмица, 23 ноември, 2017 - 15:01 (META) 

Заедничката седница на владите на Бугарија и на Македонија беше плодна, оцени денеска во Струмица премиерот Зоран Заев, на заедничката прес-конференција со својот бугарски колега, Бојко Борисов. Тој рече дека со денешната седница е „активиран уште еден од моторите што треба да го повлечат напред целиот регион“.

Заев истакна дека на седницата било разговарано за продлабочување на економската, како и на соработката во областа на енергетиката и на инфраструктурата, прекуграничната соработка. Тој рече дека се разговарало и за изградба на Коридорот 8 и за можноста за гасоводно поврзување на двете земји, како и на регионот.

– Денеска е усвоена заедничка декларација во која се нотирани сите наши заложби за подобрување на соработката во сите сфери. Со декларацијата ја потврдуваме желбата за зајакнување на односите во сите сфери, градејќи доверба и меѓусебно почитување и разбирање – рече Заев, додавајќи добрососедските односи се темел за стабилноста во Југоисточна Европа.

Бугарскиот премиер Борисов ја нагласи поддршката за Македонија во однос на членството во Европската Унија и во НАТО.

– Сакам само да кажам дека завчера, при средбата со претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, заедно со парламентарните групи од Европскиот парламент во Софија, јасно кажав дека сега е моментот да се искористи бугарското претседателство, а потоа австриското, романското и хрватското и за две години Западниот Балкан да не биде само во фокусот на вниманието на Брисел, туку реално да се придвижи. Убеден сум дека за два-три месеци ќе успееме да го намалиме роамингот. Убеден сум дека и Коридорот 8 ќе се развие. Нашата политика е политика за присоединување во економијата, енергетиката зошто тоа носи инвестиции и повисоки доходи. Луѓето сакаат работа, да имаат доходи, да може да патуваат и да прават бизнис, а ние сме должни да им го овозможиме тоа – рече Борисов, додавајќи дека перспективата на Македонија во НАТО е од важно значење и дека како влади ќе продолжат со низа практични дејства.


Заев и Борисов не сакаат да се мешаат – ги охрабруваат црквите да најдат решение


Струмица, 23 ноември, 2017 - 14:26 (META) 

Македонскиот и бугарскиот премиер, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска изјавија дека го почитуваат секуларниот карактер на двете држави и не сакаат да се мешаат во работата и во соработката на двете цркви, но оти можат да ги охрабрат да најдат решение во духот на добрососедството и на пријателството.

– Јас се надевам дека ќе дојде до меѓусебно признавање, бидејќи за нас како Македонска православна црква – Охридска архиепископија, автокефалноста е многу важна. Прашањето е меѓу двете цркви. Наше е да охрабриме да се најде решение во духот на Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји – рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање во врска со писмото што Македонската православна црква го упати до Бугарската православна црква.

И бугарскиот премиер, Борисов, истакна дека не сакаат да се мешаат во работите на црквите, но додаде дека ќе бидат среќни доколку двете цркви соработуваат и меѓусебно си помагаат, како што Македонија и Бугарија соработуваат на политички план.

Борисов упати благодарност до владиката Наум и до другите владици што денеска ги пречекаа двете државни делегации во манастирот „Водоча“ во Струмица.


Заев и Борисов се поклонија пред споменикот на Борис Трајковски во Струмица


Струмица, 23 ноември, 2017 - 12:49 (META) 

Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, пред почетокот на заедничката седница на владите на двете земји, положија венци свежо цвеќе пред споменикот на поранешниот претседател на Македонија, Борис Трајковски, во Струмица.

На седницата, која е резултат на Договорот за добрососедство меѓу двете земји, се разговара за продлабочување на соработката во економијата, енергетиката, инфраструктурата, прекуграичната соработка и за реформските процеси, потребни за европските и евроатлантските интеграции на земјава.

На седницата, како што информираат од Владата, ќе бидат потпишани повеќе билатерални договори.


Заедничка седница на македонската и на бугарската влада, ќе се потпишат 9 документи


Струмица, 23 ноември, 2017 - 10:09 (META) 

Владите на Македонија и на Бугарија денеска во Домот на АРМ во Струмица ќе одржат заедничка седница.

Средбата помеѓу двете делегации почнува во 10 часот, кога премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов ќе положат цвеќе на споменикот на загинатиот македонски претседател Борис Трајковски.

Владината седница ќе почне во 11 часот и на неа министрите ќе потпишат девет документи за билатерална соработка во областа на надворешната политика, инвестициите, енергетиката, одбраната, туризмот, телекомуникациите, инфраструктурата и реакцијата при катастрофи. Договорите се дел од Договорот за пријателство, соработка и соседство, потпишан на 1 август оваа година.

Во 12.20 часот делегациите ќе имаат заедничка прес-конференција, по што бугарската владина делегација ќе ѝ предаде донација на Општина Струмица.


Заев: Моделот за иднината почнува со почитување на сите заедници


Битола, 22 ноември, 2017 - 23:11 (META) 

Со чествувањето на Денот на албанската азбука ја потврдуваме заедничката определба за почитување и за унапредување на етничката и на културната разноличност, односно богатството на Македонија, истакна премиерот Зоран Заев во своето обраќање на свеченоста по повод Денот на албанската азбука, што се одржа во Битола.

– Прогласувањето на денешниот ден за официјален празник на албанското писмо е составен дел од јазичното и од културното богатство на Република Македонија. Одбележувањето на културните вредности, датуми и традиции на сите етнички заедници, вклучувајки ја и албанската, придонесува за просперитетна иднина и за благосостојба на сите граѓани. Градиме едно и единствено општество, еднакво за сите. Градиме граѓанско општество, истовремено со почит кон етничките, националните, верските и културните разлики. Затоа сме горди и затоа етничката и јазичната разноличност ги сметаме за наша предност, за наше заедничко богатство. Затоа велиме: Кога денеска го одбележуваме и славиме Денот на албанската азбука, заеднички го прославуваме и постоењето и зближувањето на две културни традиции кои опстојувале заедно со векови – рече Заев.

Тој упати порака до сите граѓани на Македонија дека моделот за иднината почнува со почитувањето на сите заедници.

– Тој модел повикува да градиме држава и општество за сите, во кои културите ќе соработуваат, ќе се дополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат – подвлече Заев во своето обраќање.


Ќе има и заедничка седница на владите на Македонија и на Босна и Херцеговина


Скопје, 22 ноември, 2017 - 14:08 (META) 

Премиерот Зоран Заев и босанската амбасадорка Лепа Бабиќ денеска ги потврдија заложбите на Македонија и на Босна и Херцеговина за унапредување на меѓусебната соработка и за заеднички напредок во евроинтегративните процеси.

Како што соопштуваат од владината прес-служба, двајцата соговорници констатирале дека е од голема важност, земјите од целиот регион да добијат позитивни препораки во настојувањата кон евроинтеграциите.

– Владата на Република Македонија работи на реформскиот процес, на доброседски односи и се заложува за европски перспективи на целиот регион – рече премиерот Заев.

На средбата се разговарало за конкретни чекори во интензивирањето на соработката меѓу двете земји, како што е организирање заедничка владина седница и унапредување на односите во областа на економијата, образованието, туризмот.

Констатирано е дека спогодбата за признавање на возачките дозволи меѓу двете земји, како и претстојното овозможување на граѓаните на двете држави да патуваат со лични карти, значително ќе ја олесни комуникацијата меѓу граѓаните и меѓу ресорската соработка, што се очекува да дава побрзи и повидливи резултати од интерес на потребите на граѓаните и на двете земји.


И ние и Србија повлековме по еден дипломат и ја решивме кризата во односите, рече Заев


Белград, 21 ноември, 2017 - 15:16 (META) 

Дипломатската криза меѓу Македонија и Србија ја решивме на пријателски начин: Србија го врати својот човек, ние го вративме нашиот човек, изјави премиерот Зоран Заев по средбата со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека не само што Србија го повлекла разузнавачот Горан Живаљевиќ од амбасадата, туку и Македонија повлекла свој човек од амбасадата во Белград.

– На многу пријателски, дипломатски начин најдовме решение за тоа што се случи во Македонија, поврзано со човекот вработен во српската амбасада во Македонија. Направивме билатерален договор: Србија го врати својот човек, ние го вративме нашиот човек. Така прават пријателите. Претседателот Вучиќ и јас имавме разговор тогаш, директно го дефиниравме тоа што се случуваше со амбасадата и најдовме решение какво што им доликува на пријатели – рече Заев.

Тој додаде дека меѓу двете влади, а и на повисоко претседателско ниво било договорено за секое прашање, болно или позитивно, двете страни телефонски да разговараат и да се договорат.

Скандалот изби откако беше објавено дека српскиот разузнавач, Горан Живаљевиќ, бил затекнат во Собранието за време на крвавиот упад на 27 април.

Потоа српската амбасада ги повлече амбасадорката и персоналот од Скопје на консултации во Белград, но по четири дена тие се вратија.