!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Ослободен началникот на СВР Куманово, обвинува за монтиран случај и за заплашување


Куманово, 13 декември, 2016 - 21:56 (META) 

Началникот на СВР Куманово, Стојанче Величковиќ, кого полицијата вечерва се обиде да го уапси, е пуштен откако полицијата, по наредба на Основно јавно обвинителство, извршила претрес во неговиот дом.

Величковиќ рече дека полицајците влегле во неговиот дом во 16.40 часот, дека извршиле претрес и дека барале документи и списи од изборите.

– Во 16.40 дојдоа, упаднаа кај мене дома со униформи, со маски и со автомати и ми го преплашија семејството. Почнаа да прават претрес. Не гледам каде сме направиле грешка затоа што изборите беа спроведени фер и демократски. Ова е монтиран процес од Митко Чавков и инспектори што се заштитени како бели мечки. Сакаат да ме заплашат за победата во Куманово. Сакаат да ме затворат и да ме заплашат. Изборите во Куманово беа спроведени регуларно. Инспекторот беше коректен, ми соопшти дека се работи за некоја наредба, бараа некои списи кај мене. Ми го гледаа тефтерот, бараа некои документи. Наредбата е од Основно јавно обвинителство од Скопје. Целта е да ме заплашат зашто работам професионално. Ова е тенденциозно, фингирано, но јас ќе ја истерам ситуацијата до крај – вели Величковиќ.

Пред Величковиќ, изјава даде градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски, кој рече дека обидот за апсење е дрзок, но ги повика граѓаните да го сочуваат мирот.

– Денеска се случи немил настан. Веќе видена работа. Не можат да ги прифатат нивните неуспеси на изборите. Упаднаа во куќата на началник, а зошто, не знае ни тој самиот. Сметам дека ова што го прават е крајно дрско, особено во оваа драматична ситуација за Македонија зашто уште се пребројуваат гласовите. Се обраќам до сите граѓани да го соочуваат мирот и достоинството и да се бориме со демократски средства за слободата – рече Дамјановски.

Додека полицијата беше во домот на Величковиќ, пред куќата се собраа група граѓани да му дадат поддршка. Тие извикуваа „Нема правда, нема мир“.


Кумановскиот СВР му поднесе кривични пријави на градоначалникот Дамјановски


Куманово, 7 септември, 2016 - 14:43 (META) 

Секторот за внатрешни работи Куманово му поднесе две кривични пријави на градоначалникот на Општината, Зоран Дамјановски, со кои го товари за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Во првиот случај, Дамјановски и двајцата раководители на општинските сектори за урбанизам и за инспекциски надзор се осомничени за пропусти околу реконструкцијата и пуштањето во употреба на раскрсницата меѓу булеварот Трета македонска ударна бригада, булеварот Октомвриска револиција и улицата Бранко Богдански-Гуцман.

„Првопријавениот (Зоран Дамјановски н.з.) во ноември 2008 година ги пречекорил своите овластувања спротивно на Законот за градење и Законот за јавни патишта при што одобрил и ја пуштил во употреба реконструираната крстосница во Куманово, помеѓу булеварот Трета македонска ударна бригада, булеварот Октомвриска револиција и улицата Бранко Богдански-Гуцман, иако знаел и бил должен да знае дека за тоа е потребна употребна дозвола“, стои во дневниот билтен на МВР за кривичната пријава.

Двете службенички, пак, се товарат за пропусти околу техничката документација и за тоа што не бил вработен општински инспектор за јавни патишта.

„Поради ова, од периодот на неофицијалното пуштање во употреба на крстосницата до денес се имаат случено 31 сообраќајна незгода, во кои три лица го загубиле животот, шест лица добиле тешки телесни повреди, 26 лица добиле телесни повреди, а вкупната причената материјална штета изнесува 1.455.000 денари“, стои во дневниот билтен на МВР.

Кумановскиот градоначалник, во вториот случај за кој му е поднесена кривична пријава, е третоосомничен. Тој се товари дека не постапил по решение од управниот инспектор од Куманово во врска со узурпација на државен имот и им дозволил на неколкумина жители на улицата Веселин Вујовски да го користат имотот на штета на државата.

Кривичните пријави против кумановскиот градоначалник доаѓаат пет дена по именувањето на Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи во привремената влада за спроведување на изборите на 11 декември. Спасовски и градоначалникот Дамјановски освен сопартијци, се и сограѓани.