Кренато знамето на НАТО, Заев порача дека земјата ја зема судбината во свои раце


Скопје, 12 февруари, 2019 - 13:10 (META) 

На свечена церемонија пред зградата на Владата претпладнево беше кренато знамето на НАТО, како одбележување на историскиот настан за потпишувањето на Пристапниот протокол за членство на Македонија во НАТО минатата среда, со што почна последниот чекор кон полноправно членство на земјава во НАТО под името Северна Македонија.

Во присуство на речиси комплетниот владин кабинет, Генералштабот на АРМ, воени аташеа во Македонија, како и на поранешни премиери и функционери од јавните институции и дипломатскиот кор, церемонијата започна со интонирање на химната на Република Македонија, по што уследи предавање на знамето на НАТО од страна на Зоран Јанковиќ, шефот на Канцеларијата за врски на НАТО на премиерот Зоран Заев, кој потоа го предаде на командирот на единицата за почести на АРМ, по што уследи чинот на кревањето на знамето, додека се интонираше химната на НАТО.

Премиерот Зоран Заев потоа во говорот порача дека Македонија успеала „да спречи судбината да и биде иднина“ и ја зела судбината во свои раце и рече дека „Република Северна Македонија ќе стане рамноправен партнер на модерниот свет“ и никој повеќе нема да ја блокира.

– Денеска со сигурност кажуваме дека нашата татковина е на вистинскиот пат кон прогресот и кон непречен развој. Успеавме, од споредниот колосек на Балканот на кој чекавме со децении, се вративме на главниот автопат кон Европа. Во периодот што следува ќе бидеме директни учесници во најзначајниот период од осамостојувањето на државата и самите ќе одлучуваме за својата иднина. Иднината повеќе не ни е судбина, ние ја земавме судбината во своите раце. Никој веќе нема да не блокира за надвор. Ви честитам вам, на сите граѓани што храбро зачекоривте и ја побаравте иднината што нашиот народ ја залужува. Да им оддадеме придонес и на загинатите припадници на мировните мисии, на загинатиот претседател Борис Трајковски и на неговиот тим и на загинатите мировници во хеликоптерската несреќа што се враќаа од мисијата Алтеа од БиХ, кои дадоа придонес за остварување на долготрајната цел, да станеме дел од НАТО. Да се заблагодариме и на покојниот прв претседател Киро Глигоров, кој уште пред осамостојувањето се определи за воспоставување на мирна коегзистенција и на пораншниот претседател Бранко Црвенковски – рече Заев, изоставајќи го актуелниот претседател Ѓорге Иванов, кој не беше присутен на церемонијата.

Тој се заблагодари и на АРМ и на медијаторот за спорот за името, Метју Нимиц, како и на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас, кои го создадоа Преспанскиот договор, а се заблагодари за „визионерството и непоколебливоста и на својот грчки колега Алексис Ципрас“, но и  на сите пратеници и од актуелнито и од сите претходни состави за чекорите што ги презеле за зачленувањето во НАТО и за определбата за ЕУ.

Премиерот, кој во втората половина на својот говор почна постојано да го употребува името Северна Македонија, потсети и на Народноослободителната војна и на двете заседанија на АСНОМ, со кои, како што рече е формирана државата што наскоро под името Северна Македонија ќе стои рамо до рамо со Европа и светот. Заев порача дека патот што стои пред Северна Македонија кон остварување на целта за зачленување во ЕУ ќе биде долг и тежок, и притоа ќе мора да се прават уште многу реформи, при што нема да има толеранција за лошо судство, корупција и злоупотреба на моќта.

– Северна Македонија нема да има друг избор освен други добри политички, културни економски односи, Балканот нема да има друг избор освен соработка и развој. Градењето пријателство останува наш врвен приоритет во надворешната политика, која секогаш произлегува од стабилност и добрите односиодноси во самата зема. Газиме цврсто, нема место за еуфорија, не чека многу работа, долги години и многу реформи за за да се посветиме на остварување на целта за зачленување во ЕУ. Нашата цел е судовите праведно да делат подеднакво правда за сите. Ќе има нула толеранција за корупцијата и личните интереси и привилегиите не смее да преовладуваат. Секој мора да ги следи правилата и тие со големи банкарски сметки и тие што имаат многу малку, да бидат еднакви, како и тие што не се со ниту една партија. Сите гласавме за иднината на нашите деца. Сите политичари да ја почитуваат определбата на нашите граѓаните. Друг подобар избор нема. Сите имаме пат, тоа е патот слободарски, тоа е патот кон Европа – рече Заев, на крајот порачувајќи „Да живее Европска, Република Северна Македонија!“.

На церемонијата не присуствуваше претседателот на државата и врховен командант на оружените сили Ѓорге Иванов. Според неговиот кабинет, не бил поканет, а според Владата, уредно била испратена покана. Отсуствуваа и високи претставници на МПЦ, која беше претставувана од пензионирани протоереи, за разлика од ИВЗ, која ја претставуваше нејзиниот поглавар Хаџи Ефенди Сулејман Реџепи.

Покрај гувернерката на НБРМ Анита Ангеловска – Бежоска, народниот правобранител Иџет Мемети и првите луѓе на Врховен суд и на Јавното обвинителство, амбасадорите и актуелни и поранешни пратеници, на денешната церемонија присуствуваа и поранешните премиери Љубчо Георгиевски, Хари Костов и Владо Бучковски, а отсуствуваше и поранешниот премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски. Не беа присутни ниту Али Ахмети, претседателот на ДУИ, главниот коалициски партнер во власта, но и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.


Пред Владата утре свечено подигање на знамето на НАТО


Скопје, 11 февруари, 2019 - 15:14 (META) 

Со свечена церемонија, утре на платото пред Владата ќе биде подигнато знамето на НАТО. Владината зграда, пак, каде што утрово беше отстранет натписот „Влада на Република Македонија“, наскоро ќе добие натпис со новото уставно име.

„Во вторник  со почеток во 11 часот пред платото на Владата ќе се одржи свечена церемонија по повод подигнување на знамето на НАТО пред Владата на Република Македонија која наскоро ќе го носи името Република Северна Македонија“, соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста.

На свеченоста ќе се обрати претседателот на Владата Зоран Заев.

Инаку, денеска на платото пред Владата се правеа подготовки и проба за утрешната церемонија.

Знамето на НАТО веќе повеќе од една деценија се вее пред Министерството за одбрана.

Откако Грција минатиот петок прва го ратификуваше пристапниот протокол за членство на земјава во НАТО, денеска протоколот бил едногласно одобрен од соодветната парламентарна комисија на парламентот на Албанија, кој в четврток на пленарна седница ќе гласа за усвојување на протоколот.

Парламентот на Словенија, пак, утре на вонредна седница ќе го ратификува протоколот.


Генерална проба на Владата и АРМ пред утрешното кревање на знамето на НАТО


Скопје, 11 февруари, 2019 - 14:59 (META) 

Пред објектот на Владата, кој инаку утрово осамна без натписот „Влада на Република Македонија“ од претпладнево се вршат подготовки за утрешната церемонија за подигнување на знамето на НАТО пред владиниот објект, на кој наскоро ќе пишува „Влада на Република Северна Македонија“.

Во текот на попладнево ќе се прави и мала проба за церемонијата, објаснија од Владата. Така, пред наредените столови со креда се цртаа линии за утре да се знае каде да се наредат повторно, работници го метеа платото и се постилаа и се собираа црвени килими.

Од спротивната страна на булеварот Илинден тоа го гледаа 12-те припадници од Гардата на АРМ, чекајќи го својот ред во денешната проба.

Утрешната церемонија ќе почне во 11 часот. Македонија во средата го потпиша пристапниот протокол за НАТО, со што го почна придружувањето на Алијансата, кое ќе стане официјално кога сите 29 земји-членки на НАТО ќе го ратификуваат протоколот. Со кревањето на знамето на Северноатлантската алијанса утре, Владата официјално го одбележува првиот чекор од полноправното членство во НАТО.

 


Во Косово запалени македонски знамиња поради затворските казни за „Диво Насеље“


Гњилане, 3 ноември, 2017 - 9:48 (META) 

Во знак на протест поради одлуката на скопскиот Кривичен суд за казните во случајот „Диво Насеље“, синоќа во косовските градови Гњилане и Пеќ јавно биле запалени македонски знамиња, пренесоа српските медиуми.

„Поради револт за неправдата сторена против нашите херои од словенската марионетска држава, го запаливме вечерва нивното знаме, тука пред споменикот на легендарниот Агим Рамадани – Катана во Гњилане. Ги повикуваме сите албански државници да се спротивстават на ова и да го заштитат албанскиот народ во Илирија. Албанија ќе го стори тоа“, порачаа од навивачката група „Соколи“ во Гњилане.

Кривичниот суд во Скопје вчера им изрече седум доживотни казни затвор, 13 казни по 40 години затвор, шест по 20 години, една од 18 години, две од 14, две од 13, две по 12 години затвор и четири ослободителни пресуди на обвинетите за настаните во кумановското Диво Насеље во мај 2015 година, во кои загинаа осуммина припадници на македонските безбедносни сили.

Ова не е првпат македонското државно знаме да биде запалено во Косово.

Македонското знаме беше запалено пред македонската амбасада во Приштина за време на протестите по пресудата за случајот „Монструм“, на почетокот на јули 2014 година. Тогашната претседателка на Косово, Атифете Јахјага, го оцени како „неприфатлив“ ваквиот чин и побара од полицијата и правосудните органи да ги откријат сторителите.

Една година подоцна, државното знаме на Република Макединија беше запалено за време на кошарски натпревар во Пеќ. Инцидентот се случи на 15 мај 2015 година, само неколку дена по настаните во кумановско Диво Насеље.


Заев за „Н1“: Непријатно е како соседните земји говорат за Македонија


Скопје, 17 мај, 2017 - 10:36 (META) 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за регионалната телевизија „Н1“ изјави дека е непријатен начинот на кој Србија ги коментира случувањата во Македонија, но додаде дека ќе се труди да има добри односи со официјален Белград.

– Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, говореше за македонско сценарио. Непријатно е како нашите соседи зборуваат за Македонија – рече Заев.

Лидерот на СДСМ додаде дека кризата во Македонија „на сите им е преку глава“ и дека локалните избори би требало да бидат одржани на 15 октомври, а најдоцна во ноември. Тој оцени дека кризата во Македонија не е етничка туку политичка и дека иднината на земјата е во мултикултурализмот.

Прашан за наводите за „голема Албанија“, Заев рече дека малку луѓе зборуваат за таква идеја и дека иднината на Западен Балкан е „отворени граници и мобилност на граѓаните“.

На прашањето што мисли за тоа што на масата на новиот претседател на Собранието, Талат Џафери, стои знамето на Албанија, Заев рече дека тоа не е по Уставот на Македонија и дека мисли дека знамето не треба да стои на масата на претседателот на Собранието туку дека таму треба стои „фотографија на децата и на сопругата“.

– Верувам дека Џафери ќе ги почитува Уставот и деловникот за работа на Собранието – рече Заев.

Говорејќи за иднината влада, на чие чело треба да биде тој, Заев рече дека тој се залага за единство на земјата, територијален интегритет и суверенитет и за влада што ќе работи во интерес на граѓаните.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не осуди ниту една иредентистичка изјава


Скопје, 10 мај, 2017 - 10:28 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ преку редовното утринско соопштение денеска го напаѓа СДСМ дека досега не осудил ниту една шовинистичка изјава од албанските политичари.

„Криминалецот Заев со својата антидржавна политика ги разгорува иредентистичките и шовинистичките страсти во регионот и затоа не смее да осуди ниту една негаторска изјава што доаѓа од Зијадин Села, Билал Касами, Еди Рама и ред други. Последен во низата е Бујар Османи кој јавно пред народот изјави дека не ја признава македонската химна. Бујар Османи кажа: „Не ја признаваме како наша химната на Македонија затоа што не ја рефлектира албанската заедница“. Криминогениот СДС и ова го премолчи“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата на својот политички противник му порачува оти докажал дека не ја сака Македонија, бидејќи „ја прифати тиранската платформа со која се поткопува нејзиниот суверенитет и дозволи нелегално да се избере претседател на Собрание“.


Европскиот ден на знамето се одбележа со традиционален марш на Водно


Скопје, 6 мај, 2017 - 11:11 (META) 

Европското движење во Република Македонија во партнерство со Делегацијата на Европската Унија го одбележаа Европскиот ден на знамето со традиционалниот планинарски марш на Водно.

Настанот почна пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, каде што се разменија знамињата на Македонија и на Европската Унија.

Потоа, колона од планинари, ученици и активисти на граѓански организации тргнаа кон врвот на Водно каде што ќе ги постават двете знамиња.


ЛП: Џафери да сфати дека еден од врвните државни раководители, а не само Албанец


Скопје, 5 мај, 2017 - 12:12 (META) 

Либералната партија (ЛП) денеска му честиташе на новиот претседател на Собранието, Талат Џафери, истовремено порачувајќи му оти треба да сфати дека е еден од највисоките државни раководители, а не само Албанец, и соодветно на тоа, во неговиот кабинет треба да стои само знамето на Република Македонија.

„Го поздравуваме почетокот на претседавање со Собранието на Талат Џафери и му обрнуваме внимание дека тој е еден од врвните државни раководители, а не претставник на етничка заедница и затоа во неговиот кабинет треба да биде државното знаме, но не и знаме на која било етничка заедница. Ако тоа побргу го сфати, ќе придонесе за стабилизација во државата“, велат од ЛП.


ВМРО-ДПМНЕ: Заев се претвори во маша на Рама и на Тачи и закана по безбедноста во регионот


Скопје, 5 мај, 2017 - 9:44 (META) 

Криминалецот Зоран Заев во еден ден ги направи Македонците и Бугари и Срби, и покажа како планира „да ја витка кичмата“ на Македонецот во иднина, порачува ВМРО-ДПМНЕ во денешното редовно утринско соопштение за јавноста. Партијата вели дека Заев е поттикнувач и поддржувач на пеењето на албанската химна во Собранието и дека со кршење на Уставот, законот и на деловникот за работа на Собранието се обиде да избере „тирански претседател на Собранието“.

„Криминалецот Зоран Заев направи правен и политички преседан со што отвори можност во иднина, на незаконски начин, да се гласа двојазичноста, албанските банкноти, двојазичните униформи, геноцидот и сите елементи од тиранската платформа, без да се почитува волјата на народот“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата обвинува дека Заев ги влошил билатералните односи на Република Македонија со Република Србија, за што уследија низа реакции на највисоките државни претставници од таа земја, и дека ја доведува во опасност репутацијата на Република Македонија.


Заев за знамето во кабинетот на Џафери: Ако се случила грешка, треба да се поправи


Скопје, 4 мај, 2017 - 13:04 (META) 

Постојат можности до крајот на месецот да биде формирана новата влада, согласно роковите, но зависи од одлуката на Ѓорге Иванов како и од техничката подготвеност на Собранието, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по средба со претставници на ОБСЕ во „Холидеј Ин“.

Тој додаде дека е подготвен да се сретне со Иванов и да му ја гарантира унитарноста и сувереноста на државата. Заев исто така рече дека на средбата побарале ОБСЕ да се вклучи и да помогне во идните процеси на државата.

– Јас верувам дека ОБСЕ може да бидат од голема помош пред се во реформите што претстојат државните институции, правосудството, во тајните служби, во МВР, па дури и реформите во медиумите и тие може да бидат од голема помош во стабилизација на земјата, функционирање на институциите и гаранција дека никогаш повеќе нема да се случат вакви настани – изјави лидерот на СДСМ.

Заев рече дека повредените пратеници од редовите на СДСМ до сега не биле повикани во Јавното обвинителство да сведочат и апелираше државните институции соодветно да постапуваат. Според него кривичното дело Учество во толпа за кое што се гонат осомничените, не е тоа што се случило во Собранието во четвртокот.

На новинарско прашање што мисли за поставувањето на албанското знаме во кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери, Заев порача да се почитуваат законите и Уставот и дека секој треба да има правна и политичка одговорност без разлика дали се работи за нивниот коалиционен партнер.

– Законите во Македонија се јасни и тие треба да се почитуваат. Ако се случила некаква грешка, се надевам ќе се поправи. Треба сите наши политички преокупации да ги ставиме во секундарно или терцијарно значење, мораме да испратиме порака дека Уставот и законот не може повеќе да се газат во Македонија и тоа да се покажува како патриотски чин – додаде Заев.