Џафери: Секој од нас треба да придонесе за заштита на правата на децата


Скопје, 5 јуни, 2018 - 9:57 (META) 

Хуманитарната фондација „Ти си сончоглед“ (You are Sunflower) која делува во Албанија и Косово ја прошири својата дејност и во Македонија, а нејзината основна цел е пред се здравството, односно подобрување на условите за лекување на децата заболени од најтешките болести.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери на настанот по повод промоцијата на оваа Фондација, рече дека секој треба да даде придонес за децата од нашата држава и регионот.

„За жал сведоци сме дека и денеска на глобално ниво има многу деца кои страдаат и се жртви како на најразлични воени конфликти, потоа се злоупотребуваат на најразлични начини во некои држави умираат од глад или од недостаток на медицинска помош. Со купување на маица со симболот „You are Sunflower“, секој од нас дава придонес во лекувањето на нашите деца, а во исто време како  луѓе покажуваме дека не сме ја заборавиле, односно изгубиле хуманата димензија, која би требало да ја носи секој човек. Исто така, покажуваме и дека како граѓани имаме и ја исполнуваме нашата општествена одговорност до најмладите членови на општеството кои утре ќе треба да го водат општеството и државата, но и да водат грижа за нас кои ќе бидеме веќе во есента на нашиот живот“, рече Џафери.


Министерство за здравство истражува злоупотреби на хонорарите на Детска хирургија


Скопје, 8 март, 2018 - 13:23 (META) 

Министерството за здравство соопшти оти ги истражува наводите за злоупотреби со исплатата на хонорарите на Клиниката за детска хирургија во Скопје. Ќе се испитува кој и на која основа на лица ангажирани со договор на дело им исплаќал суми многу поголеми од предвидените.

„Имајќи го ова во предвид, потенцираме дека не станува збор за намалување на примањата на хонорарците, ангажирани на Клиниката, туку за враќање на износите во рамки на постојната систематизација“, се вели во соопштението.

Министерството вели дека и натаму останува ветувањето за покачување на платите на сите здравствени работници за 5 проценти, и тоа во втората половина од оваа година.


Министерство за култура повика да се пријавуваат неправилностите, „доколку ги има“


Скопје, 15 февруари, 2018 - 17:16 (META) 

Министерството за култура, по бројните реакции од опозицијата и од јавноста за наводни злоупотреби и непотизам во Годишната програма, упати јавен повик да му се достават таквите информации.

„Наша недвосмислена определба е процесите на одлучување да бидат целосно транспарентни, да бидат фер и објективни, согласно начелата, критериумите и пропозициите на конкурсните апликации. Цврсто стоиме на ставот, дека доколку има индиции за неправилности во процесот на аплицирање и одлучување, или доколку одредени личности или субјекти учествувале во непотизам, корупција, клиентелизам или други незаконски практики, Министерството е подготвено веднаш да ги преиспита тие случаи, а доколку се утврди одговорност, да спроведе дисциплински и други постапки во согласност со закон“, се вели во соопштението.


Судењето на Канческа – Милевска за „Тендери“ закажано за 21 февруари


Скопје, 29 јануари, 2018 - 15:04 (META) 

Кривичниот суд за 21 февруари го закажа почетокот на судењето на поранешната министерка за култура и актуелна пратеничка во Собранието, Елизабета Канческа – Милевска за случајот „Тендери“ на Специјалното јавно обвинителство.

Два порано, односно на 19 февруари на обвинителна клупа во Кривичниот суд треба да седне новинарката и уредничка на „Сител“, Ивона Талеска, која се товари за затајување данок во случајот „Тифани“ на СЈО.

Канческа-Милевска е обвинета во предметот „Тендери“ за злоупотреби со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, со што буџетот, според СЈО, бил оштетен за речиси 54 милиони денари (околу 880.000 евра).

Апелацискиот суд Скопје ја прифати жалбата на Специјалното јавно обвинителство и донесе одлука прислушуваните разговори да се користат како доказ во судскиот процес против поранешната министерка за култура.

Талевска е обвинета дека од 2008 до 2014 како управителка на фирмите „Смарт ДООЕЛ“ и „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“, во завршните сметки давала лажни податоци и одбегнала да плати данок од 37.634 евра за фирмите и 16.924 евра личен данок.


Нов случај на злоупотреби со превоз на ученици во Битола


Битола, 14 декември, 2017 - 11:55 (META) 

Директорот на средното училиште „Таки Даскало“ од Битола, во текот на учебната 2015/2016 исплатил повеќе пари на превозник отколку што реално требало и затоа доби кривична пријава од СВР Битола за злоупотреба на службената положба и овластување.

Според полицијата В.Т.(52) од Битола, иако од благајникот му било предочено дека во пристигнатите фактури и списоци за превоз на ученици, бројот на ученици е поголем од реалниот број на ученици коишто го користат превозот, не ги вратил фактурите и списоците кај превозниците за корекција и исплатил 105.789 денари.

Со тоа овозможил незаконска заработка од 73.991 денари за „Џем Турист“ ДООЕЛ, 25.428 денари за Лука Експрес ДООЕЛ и 6.370 денари на Гопеш Транс ДООЕЛ, вели СВР Битола.

Злоупотребите направени со превоз на ученици, „тешки“ 360.000 евра се предмет на случаите „Транспортер“ на СЈО и на „Транспортер 2“ на Основното јавно обвинителство – Битола. Вториот случај се однесува на периодот во кој директорот на „Таки Даскало“ ги исплатил парите за непревезени ученици.


Заев: Тајното следење ќе биде директно под контрола на Јавното обвинителство


Скопје, 25 ноември, 2017 - 15:34 (META) 

Тајното следење ќе биде директно под контрола на Јавното обвинителство, далеку од рацете на политичарите, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на првите решенија за поддршка на младите земјоделци во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Заев истакна дека реформите во безбедносните служби се во многу напредна фаза и дека моделот, по сите дебати во ресорното Министерство и во Владата, е веќе доставен до Собранието.

– МВР ќе може само со судска наредба да се вклучи во системот за борба против тероризам, екстремизам, радикализам – тоа што значи заштита на државата. Сè што е поврзано со корупција, криминал, можности за сомневање, е апсолутно под строга контрола на Јавното обвинителство. Таков е моделот. На него може да се приклучат Царината, Агенцијата за разузнавање и други институции кои имаат потреба од ваков вид асистенција – изјави Заев.

Тој подвлече дека конечната цел е никогаш повеќе да не се повтори злоупотреба на тајните служби, особено тајното следење, односно прислушувањето.

– Затоа, во иднина е најважно граѓаните да знаат дека никогаш повеќе никој нема да ги прислушува, да ги уништува нивните човекови права и слободи на комуникација – рече Заев.


Вангеловски ќе врши контроли во судовите за функционирањето на АКМИС


Скопје, 13 октомври, 2017 - 13:50 (META) 

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, вчера бил во Основниот суд Гевгелија за да изврши контрола во функционирањето на автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС) во судот, соопшти денеска Врховниот суд.

Од судот велат дека по добивањето на извештајот од анализата на функционирањето на АКМИС, ќе бидат „донесени соодветни заклучоци, за кои јавноста ќе биде информирана“.

Вакви посети во наредниот период се планирани во сите судови во Македонија, велат од Врховниот суд.

„Се работи за вообичаени активности во насока на подобрување на функционирањето на автоматизираниот систем за управување со судските предмети“, стои во соопштението.

Најавата за проверка на АКМИС во судовите од страна на Вангеловски доаѓа неколку дена откако комисијата што ја формираше Министерството за правда го заврши увидот во Кривичниот суд во Скопје, кој треба да покаже дали имало злоупотреби на автоматизираниот систем за управување со судските предмети, односно дали се местело одредени предмети да бидат распределени кај одредени судии.

Наодите од ревизијата на комисијата, како што е најавено, треба да бидат познати следната недела.

Инаку, од Врховниот суд не информираат зошто Вангеловски прв за контрола го одбрал Основниот суд во Гевгелија. Дел од медиумите шпекулираат дека посетата на Вангеловски на гевгелискиот суд е поради налогот што Специјалното јавно обвинителство го добило од овој суд за претрес на домот на судијата, Владимир Панчевски, кој е поранешен претседател на скопскиот кривичен суд.


Груевски им се пожали на амбасадорите дека власта ги злоупотребувала институциите


Скопје, 12 октомври, 2017 - 19:53 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска имал средба со амбасадорите на САД, на државите членки на Европската Унија и на НАТО во земјава, на која од страна на партијата било посочено дека во текот на кампањата се забележени низа прекршувања на изборниот процес, физички инциденти, демолирања на штабови, како и злоупотреба на државните ресурси во партиски цели.

Од ВМРО-ДПМНЕ, како што се наведува во соопштението, било истакнато дека е неминовно „власта да престане со злоупотребите на државните институции за да се запази демократијата“.

„Од страна на ВМРО-ДПМНЕ исто така беше истакната потребата од спроведување на фер и демократски избори, за што е потребен зголемен ангажман на државните институции. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане посветена во заложбата за спроведување на фер и демократски избори и создавање на демократски амбиент за сите учесници во изборниот процес. ВМРО-ДПМНЕ е убедена дека претстојните локални избори мора да бидат по највисоките стандарди, за Република Македонија да продолжи да чекори по патот кон ЕУ и НАТО“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ за средбата.

Ова е втора средба на Груевски со амбасадорите во пресрет на локалните избори. На 19 септември, тој со членови на извршниот комитет на партијата имаше средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Македонија и со претставници на ОБСЕ/ОДИХР, на која, меѓу другото, побара „Владата активно да се ангажира за создавање демократски амбиент за одржување на локалните избори“.


За неколку дена ќе се знае дали имало злоупотреби на АКМИС во Кривичниот суд


Скопје, 10 октомври, 2017 - 16:23 (META) 

За неколку дена треба да биде познато дали имало злоупотреби на автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС) во Кривичниот суд во Скопје, односно дали се местело одредени предмети да бидат распределени кај одредени судии, изјави претседателот на Комисијата на Министерството за правда, Лазар Нанев, по денешниот увид во судот.

– Побаравме материјали кои ќе покажат дали системот работел според законската регулатива. Законска обврска е секој суд во Македонија да има внатрешни процедури и на месечно ниво да го проверува работењето на системот, а ние ќе видиме дали таа процедура се почитувала. Ќе видиме дали законски или незаконски се вклучувале и се исклучувале судии од системот. Резултатите од ревизијата би биле готови за неколку дена – рече Нанев.

Тој рече дека во судот биле за да извршат анализа во записниците и дека во најголем дел завршиле работа, а она што следи е целосна анализа на сите списи и анализа дали АКМИС функционирал како што треба.

Нанев истакна дека анализите ќе покажат дали бил злоупотребен системот и при распределбата на предметите од Специјалното јавно обвинителство. Доколку има злоупотреби, тоа повеќе не е работа на комисијата, туку на други институции, додаде Нанев.

Инаку, Комисијата на Министерството за правда врши ревизија на распределбата на судските предмети во 2016 и 2017 година.

Постоењето индиции за злоупотреба на автоматизираниот систем за управување со судските предмети беше нотирано и во извештајот на експертската група на Европската Унија, предводена од Рајнхард Прибе.


СЈО пред Велигден поднело обвинение против Талески за „Транспортер“


Скопје, 19 април, 2017 - 15:39 (META) 

Специјалното јавно обвинителство го поднело обвинителниот акт за случајот „Транспортер“, во кој првоосомничен, односно сега првообвинет, е актуелниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, кого СЈО го товари за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра, потврдија за „Мета“ од СЈО.

Оттаму додаваат дека обвинителниот акт до Кривичниот суд – Скопје бил поднесен пред велигденските празници.

Како што информираат од СЈО, за него сега треба да одлучува Совет за оценка на обвинителниот акт, по што, доколку биде одобрен, треба да биде закажано судење.

Специјалното јавно обвинителство случајот „Транспортер“ го отвори на 14 април минатата година, и во него, покрај Талески, за злоупотребите со превозот на ученици во Битола, се осомничени уште 22 лица.

Инаку, ова е трето обвинение што го поднесува СЈО, по оние за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година и за случајот „Тврдина“.

Ова е прво обвининие на СЈО по редовна постапка, бидејќи претходните две беа поднесени како обвинителни предлози, односно по скратена постапка.