Финансиска полиција со кривична пријава за екс-градончаланикот на Штип, Илчо Захариев


Скопје, 1 февруари, 2019 - 12:34 (META) 

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција доставила кривични пријави против поранешниот градоначалник на Штип, Илчо Захариев, директорот на ЈП „Стипион 2011“ И.И и Р.Г во својство на управител на правниот субјект „Коле транс“.

„Пријавениот И.З. во својство на градоначалник на Општина Штип во текот на 2016 година ја злоупотребил својата службена должност и овластување, на начин што спротивно на Законот за јавни набавки и спротивно на Решението издадено од Министерство за животна средина и просторно планирање, без да објави повик за јавна набавка за чистење на речното корито на реката Брегалница, на предлог на Советот на Општината, иако знаел дека ЈП „Стипион“ 2011 нема капацитети за вадење на песок, чакал и камен од коритата и бреговите на површинските водни тела, донел одлука за сметка на општината како корисник на дозволата, јавното претпријатие да изврши регулација и уредување на речното корито кај Софилари, а неискористениот речен материјал јавното претпријатие да го искористи за редовно и зимско одржување на локалните патишта и улици“, се вели во соопштението.

Понатаму се додава дека „пријавениот И.И. во својство на директор на ЈП „Стипион 2011“ ја злоупотребиул својата положба и овластување на начин што, знаејќи дека јавното претпријатие не е надлежно за ваков вид на услуги, ниту пак има капацитет со механизација да ја изврши услугата и наместо да распише јавна набавка, со непосредна спогодба ги исклучил другите економски оператори и склучил Меморандум за соработка, со кој на пријавениот Р.Г. во својство на управител и сопственик на правниот субјект „Коле транс“ му овозможил бесправно да искористи 42.814,57 метри кубни метри на песок од речното корито на реката Брегалница по пазарна цена од 600 денари во вкупна вредност од 25.941.348 денари (421.819 евра), за кој што износ го оштетиле буџетот. Пријавениот Р.Г. во својство на управител на „Коле транс“, со намера да го прикрие потеклото на противправните парични средства прибавени со казниво дело, истите ги инвестирал во купување на удел во правниот субјект Друштво за хотелиерство, туризам и угостителство „Пела груп“, со што сторил казниво дело Перење на пари и други приноси од казниво дело“.


Георгиевски: Злоупотреба на средствата за надомест на штета од земјотресите во Охрид


Охрид, 24 јануари, 2019 - 15:40 (META) 

Комисијата за водење на дисциплинска постапка формирана од страна на в.д градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, потврди дека дошло до злоупотреба на средствата наменети за надомест на штета од земјотресите што го зафатија Охрид летото 2017 година.

Административниот работник и претседател на Комисијата за процена и утврдување на висината на штета настаната од природни непогоди, е казнет во висина од 30 проценти од висината на месечната плата. Целокупната документација за овој случај сега е предадена на СВР и Основното Јавно обвинителство од Охрид.

Седумчлената општинска Комисија утврдила дека административниот службеник, вработен во Секторот на ТЛЕР во одделот за Развој на земјоделството, во Општина Охрид, а претседател на Комисијата за процена и утврдување на висината на штета настаната од природни непогоди, несовесно ја извршувал функцијата и придонел за сторени неправилности по однос на исплатата на средствата за надомест на штетите од земјотресите летото 2017.

„Постои основано сомнение и индиции за сторени неправилности по однос на исплатата на средствата за надомест на штетите од земјотресот во 2017 година и презеде соодветни дисциплински мерки спрема раководителот на Комисијата која ја водеше таа постапка. Ценејќи ги сите отежнителни и олеснителни околности, Комисијата утврди престап и со тајно гласање утврди престап и изрекување на дисциплинска мерка во висина на 30 проценти од висината на едномесечниот износ на нето исплатената плата за последниот месец пред извршување на дисциплинскиот прекршок“, рече Георгиески.

Тој додаде дека Комисијата била формирана на почетокот на овој месец, а со записник на Комисијата била одземена целосната документација во врска со исплатата на штетите од земјотресите и под лупа биле ставени сите сомнителни исплати.

„Денеска доставив барање за постапување, до СВР Охрид каде што се наведени сите текови на целокупната постапка, и наоди кои се добиени од дисциплинската комисија, и целиот тој предмет од денеска ќе биде во надлежност на СВР Охрид каде е доставена целата документација. Исто така со одлука на Советот на Општина Охрид, на последната седница на предлог на опозицијата, а ние како позиција тоа го прифативме, ОЈО Охрид е известено со писмо на прецедателката на Советот и во прилог на моето барање за постапување до надлежните органи се сите тие документи“, објасни Георгиески.

Штетите од серијата земјотреси што во 2017 година го погодија Охридскиот регион беа проценети на 58 милиони денари. До општинската Комисија поднесени беа 854 барања за проценка на штети, 802 за индивидуални објекти и 52 за деловни објекти. Исплатата на штетите доцнеше со месеци, а голем број граѓани се’ уште немаат добиено отштата.


Притвор од 30 дена за екс-градоначалникот на Демир Капија и соработниците


Скопје, 26 октомври, 2018 - 9:37 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопшти дека по поднесената кривична пријава од Управата за финансиска полиција, почнало истражна постапка против поранешниот градоначалник на Демир Капија, Трајче Димитриев и три други лица, за кои вчера извести Финансиска полиција. По барање на ОЈО ГОКК, судија на претходна постапка од Основен суд Скопје 1 на тројца, меѓу кои и Димитриев, им определил притвор од 30 дена, а за четвртообвинетата, инаку братучетка на Димитриев, определил домашен притвор. Пријавени се и поранешниот претседател на Советот на општина Демир Капија, како и еден овластен проценител.

Сите се товарат за нанесена штета на Буџетот на Општина Демир Капија во износ од 15.456.106 денари (251.000 евра).

Според пријавата, во март 2012 година, Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Трајче Димитриев, како градоначалник на општина Демир Капија, потпишале договор за грант за проект „Центар за едукација и вмрежување во туризмот Ценет“,  во вредност од 262.366 евра. За овој центар се реконструирала стара училишна зграда, која половина била сопственост на општината, а половина на четвртопријавената М.Ј., а за тоа биле употребени 101.230 евра од грантот, додека останатите потребни пари, 82.000 евра, биле од буџетот на општината. Другите пари биле наменети за опремување на центарот.

Потоа општинската половина од објектот со 800 квадратни метри површина, како и општинската половина од катастарската парцела, Димитриев на 12 јуни 2013 година ги продал на својата братучетка за 1,67 милиони денари (27.100 евра).

Тој износ е десет пати помал од реалната пазарна цена, велат од Финансиска полиција, дополнувајќи дека тој износ Димитриев прво од својата трансакциска сметка го префрлил на братучетката, односно и ги позајмил, а потоа и префрлил уште 4,49 милиони денари (73.000 евра) за да го доврши реконструирањето.

Реконструираниот објект бил наменет за сместување на фондацијата „Центар за едукација и вмрежување во туризмот – Ценет“, основана од страна на Општина Демир Капија, но Димитриев во април минатата година и таа Фондација без надомест ја отстапил на близок роднина.


Јанкулоска, покрај 6-те години затвор доби и забрана за напуштање на Скопје


Скопје, 8 октомври, 2018 - 13:49 (META) 

Судечкиот совет го прифати предлогот на СЈО и определи на Гордана Јанкулоска мерка на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето и престојувалиштето до извршување на казната од шест години затвор што денеска и беше изречена за набавката на луксузниот „мерцедес С600“, за кој Специјалното јавно обвинителство поведе обвинение познато како „Тенк“.

Јанкулоска е прогласена за виновна за злоупотреба на службената положба и овластување. Според судот, таа знаела дека се работи за исклучително скапо возило. Осудениот Никола Груевски ја поттикнал Јанкулоска да го купи возилото, таа, пак, со умисла го поттикнала Ѓоко Поповски да ја изврши задачата за набавката на возилото. Возилото е набавено во незаконска постапка, а се со цел да му се исполни желбата на Груевски, образложи судијката Кацарска.

Обвинителката Фатиме Фетаи по објавувањето на пресудата рече дека до правосилноста на пресудата постои можност за бегство на осудената Јанкулоска, но имајќи ги предвид нејзините семејни околности, предложи да и се определи мерка забрана за напуштање на живеалиштето до извршување на казната.

 


СВР Куманово со кривична пријава против Јанкулоска


Скопје, 27 септември, 2018 - 10:53 (META) 

Секторот за внатрешни работи Куманово, до Основното јавно обвинителство Куманово, поднесе кривична пријава против Г.Ј.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353 став 3 и став 5 од  Кривичниот законик на Република Македонија, информира МВР.

„Г.Ј., поранешен министер за внатрешни работи на Република Македонија, во текот на 2012 година, во повеќе наврати, избегнувајќи ја законската регулатива за вработување на приправници во отворена и јавна постапка со објавување на јавен оглас, се обратила до Министерството за финансии со барање за обезбедување на финансиски средства за вработување на 70 лица-приправници со високо образование и 30 лица-приправници со средно образование.Притоа, во барањето посочила дека за пет работни места со високо образование ќе биде објавен јавен оглас, додека за 65 приправници со високо образование и 30 приправници со завршено средно образование вработувањето ќе се изврши без објавување на јавен оглас, со обезбедување на финансиски средства за бруто плата за 30 приправници со средно образование во висина од 15.028 денари по вработено лице“, се вели во соопштението на МВР.

Во него се додава дека на 06 јуни 2012 година пријавената, за работно место за кое е предвидено четиригодишно стручно образование, вработила лице – сопруга на висок полициски функционер во МВР, која е со несоодветно образование, односно со тригодишно средно образование, за што склучила Договор за вработување, со целосен износ на месечна плата од 620 бодови, без внесена клаузула Приправник.

„На тој начин бил избегнат задолжителниот намален износ на исплата на месечна плата додека трае приправничкиот стаж, со што пријавената го оштетила МВР и буџетските средства во периодот од 06.06.2012 година досега во вкупен износ од 1.724.885 денари“, појаснуваат од МВР.


СЕММ, ЗНМ и ССНМ бараат медиумите да работат професионално


Скопје, 24 јули, 2018 - 15:33 (META) 

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), бараат медиумите да ги задоволат основните правила за професионална работа, вклучувајќи почитување на Кодексот на новинарите, транспарентност во сопственичката и уредувачка структура, како и прифаќање на саморегулацијата како единствен заштитник на медиумските слободи и независност.

„Ова вклучува и наведување на авторството, како и на изворите на информации кога се преземаат содржини од други медиуми“, се вели во соопштението мотивирано од, како што се наведува, „злоупотребата на медиумите кои служат на деструктивни агенди на поединци и групи“.

„Право е на секој медиум е да одлучи дали ќе учествува во работата на саморегулативното тело – Советот за етика во медиумите на Македонија, но тоа не ги ослободува од обврската да ги почитуваат професионалните стандарди во медиумската сфера. Ова се минималните стандарди кои се очекува да бидат исполнети од страна на медиумите, во спротивно тие единствено ќе се сметаат за парамедиуми, кои работат на штета на јавниот интерес. Загрижени сме што довербата на јавноста во медиумите е честопати изневерувана од поединци и медиумски платформи кои работат неодговорно и на штета на јавниот интерес, доведувајќи го со тоа во прашање интегритетот на професијата“, велат трите организации.

Тие посочуваат дека наведените негативни појави се најчести во онлајн медиумите, „каде што се наоѓаат содржини со многу низок квалитет, лажни вести, дезинформации, пропаганда и сензационализам“.


Закерберг се извини во Европскиот парламент за злоупотребата на податоците од „Фејсбук“


Брисел, 23 мај, 2018 - 11:36 (META) 

Основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг се извини пред пратениците во Европскиот парламент, порачувајќи дека компанијата не направила доволно за да ги спречи злоупотребите од оваа социјална мрежа и дека регулацијата е важна и неминовна.

„Не ја разгледавме во потполност нашата одговорност. Тоа беше грешка и жалам поради тоа“, изјави Закерберг.

Тој одбил да одговори на прашањето дали имало размена на податоци помеѓу „Фејсбук“ и неговите подружници како „Уац ап“ и дали ќе преземе чекори за да им овозможи на корисниците да ги блокираат таргетираните рекллами.

Сведочењето на Закерберг следува откако е откриено дела личните податоци на повеќе од 87 милиони корисници се злоупотребени од страна на консултантската куќа „Кембриџ аналитика“ за политички цели.

Закерберг за овие злоупотреби сведочеше и во американскиот Конгрес, но одби да сведочи во британскиот парламент каде што ја испрати неговата соработничка.


Кривични пријави за Божиновски и Делев за исплаќање 19.500 евра за незавршена работа


Скопје, 25 април, 2018 - 14:27 (META) 

Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје соопшти дека до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднел кривична пријава против К.Б. (37) од Скопје и Х.Д. (44) од с. Пиперово, струмичко, за злоупотреба на службена положба и овластување и нанесена штета на државниот буџет во висина од 1,35 милиони денари (22.000 евра).

Според наведените податоци во соопштението за медиумите, јасно е дека станува збор за Кирил Божиновски, поранешниот генерален секретар на Владата, и за Христијан Делев, поранешен заменик министер за економија.

Како што велат од СВР Скопје, во 2016 година бил склучен авторски договор меѓу  Г.Д. и Владата, во тоа време застапувана од Божиновски, како тогашен генерален секретар на Владата. Според договорот,  Г.Д., на барање на Генералниот секретаријат на Владата се обврзал во периодот од 28 јануари до 28 февруари 2016 година да изработи и достави „Интелектуален труд – прибирање на информации и податоци, анализа, изготвување извештај и негово елаборирање за енергетски суровини од аспект на правната легислатива“. Вредноста на склучениот договор била проценета со бруто износ од 1.352.400 денари.

Делев, иако, како што вели СВР Скопје, знаел дека Г.Д. не ги испочитувал договорените услови и рокови и не го доставил авторското дело, на 5 април 2017 година потпишал лажна изјава за завршена работа. Божиновски, пак, потоа потпишал наредба од буџетската сметка на Република Македонија на сметката на Г.Д. да се исплатат вкупно 1,2 милиони денари без ДДВ (19.500 евра), со што на буџетот му нанеле штета од 1,35 милиони денари.


Кривична пријава за поранешниот штипски градоначалник Захариев


Штип, 2 април, 2018 - 15:11 (META) 

Секторот за внатрешни работи Штип, до Основното јавно обвинителство Штип, поднесе кривична пријавa против И.З. (58) и И.И. (55), двајцата од Штип, поради постоење основи на сомнение дека сториле четири кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“  и две кривични  дела „несовесно работење во службата“.

„И.З. во својство на градоначалник на општина Штип и И.И. како вршител на должност директор на Јавното претпријатие „Стипион 2011“ – Штип во периодот од 27.10.2015 до 12.07.2016 година во повеќе наврати ја злоупотребиле својата службена положба и овластување. И.З. како градоначалник на општина Штип издал Одобрение и Наредба за отстранување на објекти околу градскиот базен Штип, како и продажба на истиот, без да добие согласност од Советот на Општина Штип. И.И. несовесно постапил при спроведување на постапката на Одобрението и Наредбата за отстранување на објекти. Тој не ги одбил иако знаел дека се противзаконски, туку ги спровел и ги извршил“, информираат од МВР.

На тој начин, пријавените причиниле вкупна материјална штета на јавното претпријатие „Стипион“ и на општина Штип во висина од 15.412.159 денари (250.604 евра).


Царовска: ОЈО одлучува против кого ќе има обвиненија за злоупотребуваните штитенички


Скопје, 27 февруари, 2018 - 16:20 (META) 

Истрагата на Обвинителството ќе покаже кон кого и за што ќе се покренат обвиненија во случајот со злоупотребуваните штитенички од Домот „25-ти Мај“, вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа потсети дека за ова, Министерството направило детален инспекциски надзор и на установата „25 Мај“ и на центрите за социјална работа.

– Против 12 лица е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство, а дополнително се поднесени 12 прекршочни и дисциплински постапки до Центарот за социјална работа – рече Царовска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Царовска нагласи дека Владата и Министерството се залагаат за брза трансформација и на „25 Мај“ и на „Ранка Милановиќ“ како институции кои, како што рече, биле запуштени во изминатите 10 години и од што денеска само се гледаат резултатите.

– Сметаме дека заштитата на децата е битна цел и дека со брзата трансформација на овие институции ќе се обезбеди квалитетна заштита и грижа за лицата што се сместени таму – додаде Царовска.