!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Кривична пријава за бившиот градоначалник на Василево, Ванчо Стојанов


Струмица, 14 ноември, 2017 - 16:56 (META) 

Ванчо Стојанов (50), претходниот градоначалник на општина Василево, како и Л.Н. (44), в.д. директор на Јавното претпријатие „Турија“, добија кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување и за помагање во такво кривично дело.

СВР Струмица ги товари за злоупотреба на машина на јавното претпријатие за насипување песок за улица во селото Едрениково, која не била во урбанистичкиот план.

Според пријавата, тогашниот градоначалник В.С. на 29 септември годинава побарал од в.д. директорот на јавното претпријатие следниот ден со машина на претпријатието да се насипе песок и да се направи улица, која според полицијата, била за трето лице и ја немало во урбанистичкиот план.

Л.Н., пак, без да изготви работен налог, испратил багерист да ја изврши задачата и потоа не изготвил фактура за работата, со што го оштетил јавното претпријатие, вели СВР Струмица.


Сокол Митревски остана без пасош и доби забрана да го напушта Скопје


Скопје, 2 ноември, 2017 - 13:12 (META) 

Кривичниот суд го прифати барањето на Основното јавно обвинителство Скопје и на поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски, и на уште пет лица им одреди мерки на претпазливост, потврди судот.

На Митревски и на другите петмина осомничени судот им ги одзеде пасошите, им забрани да го напуштаат живеалиштето, односно Скопје, и им наложи редовно да се јавуваат кај службено лице во судот.

Обвинителството вчера соопшти дека отворило истражна постапка против девет лица за злоупотреба на службената положба и овластување.

Осомничените лица, меѓу кои е и поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски, се товарат дека во 2014 година постапиле незаконски при одлучувањето во постапки за поднесени барања за утврдување правен статус на бесправни објекти, со што нанеле штета во висина од 4.100.090 денари, односно 66.550 евра.

Според Обвинителството, осомничените незаконски спровеле постапка за легализација на три објекти и приватизација на општинското земјиште по цена од едно евро за еден квадратен метар, иако пазарната цена била значително повисока.


ВМРО-ДПМНЕ му поднесе кривична пријава на Рашковски за злоупотреба на положбата


Скопје, 11 септември, 2017 - 12:58 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека поднела кривична пријава против генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, поради злоупотреба на службената положба и овластувања.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Рашковски, од неговото назначување на функцијата генерален секретар на Владата до денот на распишување на локалните избори, повеќепати организирал именувања за в.д. директори на лица „кои не ги исполнуваат законските основи да бидат именувани и лица кои не поседуваат соодветна писмена препорака од надлежен орган за места за кои тоа било потребно“.

– Рашковски до седница на влада доставувал некомплетна документација за предложените кандидати, а Владата ги именувала без да бидат исполнети со закон предвидените критериуми. Именуваните в.д. директори кои немале соодветна писмена препорака, истата ја добивале денот по назначувањето и таа била заверена од архива на владата пост фестум. Лицата именувани на ваков начин законски се нелегитимни, а лицата кои го дозволиле сето ова мора да поднесат кривична одговорност за свесно креираниот правен хаос – изјави денеска Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција пред Владата.


Вработени во Основниот суд Скопје 1 му поднеле нова кривична пријава на Панчевски


Скопје, 21 ноември, 2016 - 19:09 (META) 

Вработени во Основниот суд Скопје 1 поднеле нова кривична пријава против претседателот на судот, Владмир Панчевски, со која го товарат дека ја злоупотребил службената положба, односно дека на 4 ноември распишал интерен оглас за позицијата судски администратор иако, според Законот за судска служба, за ова место е предвидено да биде распишан јавен оглас.

Во врска со огласот, како што јавуваат медиумите, реагирал раководителот на секторот за човеки ресурси во Основниот суд Скопје 1, Горан Стаменковски, но на 18 ноември, сепак, била донесена одлука и за судски администратор била избарана Роза Кавазова, која предтходно работела како службено лице за посредување со информации од јавен карактер во Кривичниот суд.

Вработените во кривичната пријава го товарат Панчевски дека тргнувајќи од личното пријателство со Роза Кавазова, ја злоупотребил службената положба, ги пречекорил службените овластувања и ја избрал Кавазова за судски администратор.

Панчевски во изјава за „Телма“ рекол дека првпат слуша за кривичната пријава и додал дека има државни институци кои се надлежни за разгледување на пријавите.

„Секој, доколку има сомнежи за одредено дело, има право да поднесе пријава, но треба да се знае и дека има и кривично дело „лажно пријавување“. За огласот, сите незадоволни кандидати имаат право да поднесат жалба за која сè уште течат роковите“, изјавил Панчевски.

На почетокот на месецов кривична пријава против Панчевски за примање награда за противзаконито влијание поднесе судијата Иван Џолев. На кривичната пријава претседателот на Кривичниот суд одговори со контрапријава против Џолев за лажно пријавување кривично дело.

Десетина дена подоцна 13 судии од Кривичниот суд до Судскиот совет поднесоа претставка против Панчевски, во која го обвинуваат дека ја злоупотребува официјалната интернет-страница на судот со објавување „лични постапувања и ставови за одреден судија“.


Кривична пријава за шест директори на бившиот концесионер на „Злетово“ и „Тораница“


Пробиштип, 26 мај, 2016 - 13:53 (META) 

Пробиштипската полиција поднела кривична пријава против шестмина директори на индиската компанија „Индоминелари и метали“, која до неодамна беше концесионер на рудниците „Злетово“ и „Тораница“, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување и предизвикување на стечај со несовесно работење, оштетување или повластување на доверители, информира денеска МВР.

Првосомничен е индискиот државјанин П.А.М. (70), а меѓу осомничените се и управители на фирмите „Марко Б.В. Денхаг“, „ИММ Експлорејшн“ и „ИММ Глобал Лоџистик“ кои се капитално поврзани со „Индоминерали и метали“.

„Во периодот од 2007 до 2015 година, пријавените во својство на управители во ДПТУ ‘Индоминералс Метал’ ДООЕЛ Пробиштип, побарувањата на паричните средства кои што ‘Индоминералс Метал’ Пробиштип ги имала кон правно лице со седиште во Даглас, по основ на разни трансфери и позајмици, ги насочиле кон сметките на правните субјекти ДПТУ ‘ИММ Експлорејшн’ ДОО Пробиштип и ДПТУ ‘ИММ Глобал Лоџистик’ ДОО (фирми основани и капитално поврзани со ДПТУ ‘Индоминералс Метал’ ДООЕЛ), оштетувајќи ја ДПТУ ‘Индоминералс Метал’ Пробиштип за износ од 1.092.718.362 денари (околу 18 милиони евра н.з.). Исто така, во период од мај 2008 до октомври 2015 година, пријавените лица склучиле договор за купопродажба на минерали односно купопродажба на целокупното производство на рудниците ‘Злетово’ и ‘Тораница’ со правното лице ‘ИММ Интернешнл ЛТД’ ДООЕЛ со седиште во Даглас. Притоа пропуштиле да го остварат побарувањето по основ на претходно склучен договор за купопродажба на минерали предизвикувајќи стечај на ДПТУ ‘Индоминералс Метал’. Во 2014 година пријавените лица склучиле договор за обезбедување на парично побарување со засновање на заложно право над недвижниот имот и невладетелски залог врз подвижните предмети на ДПТУ ‘Индоминерал Метал’ ДООЕЛ како должник и заложен должник со правното лице „Марков Лимитед“ во Лондон (фирма капитално поврзана со ДПТУ ‘Индоминералс Метал’ и фирмата ‘ИММ Интернешнл ЛТД’ во Даглас), со која што веќе имале воспоставено доверителни односи врз основа на претходно склучен купопродажен договор. На овој начин пријавените предизвикале материјална штета во висина од 1.330.620.353 денари (21,6 милиони евра н.з.) на штета на ‘Индоминералс Метал’ ДООЕЛ Пробиштип“ стои во информацијата на МВР за кривичната пријава.

Кон крајот на февруари беше прогласен стечај со ликвидација за „Злетово“ и „Тораница“, поради што 1.000 рудари остаа без работа.


Ем бил на работа во странство ем земал плата од училиште во Кумановско


Куманово, 7 март, 2016 - 13:15 (META) 

Секторот за внатрешни работи Куманово поднел кривична пријава против 46-годишниот А.Р., директор на Основното училиште „Битолски Конгрес“ во село Лопате, кој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување.

Како што информираат од МВР, осомничениот, како одговорно лице, на вработен во училиштето не му го откажал договорот за вработување поради неоправдано отсуство од работа во 2014 и во 2015 година.

Според полицијата, осомничениот директор му овозможил на вработениот да замине на привремена работа во странство, а за тоа време примал плата и му биле исплатени придонеси.


Обвинителството отвори постапка против сопругот на Шекеринска


Скопје, 17 февруари, 2016 - 13:44 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека повело постапка против „едно лице осомничено за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, односно дека издавало под закуп станови, на кои било сопственик, на фирмата што ја управувало, а кои воопшто не биле користени“.

Во соопштението на обвинителството, иако не е наведен идентитетот на осомничениот, а нема ниту иницијали, извесно е дека станува збор за Божидар Јанковски, управител на компанијата „Дајнерс клуб Македонија“ и сопруг на заменичката-претседател на СДСМ, Радмила Шекеринска.

Според Обвинителството, постапката била иницирана по кривична пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи (МВР), а надлежниот обвинител веќе поднел барање до судија на претходна постапка на осомничениот да му бидат изречени мерки на претпазливост, односно привремено да му се одземе пасошот и да се обврзе повремено да се јавува во суд.

„Лицето е осомничено дека злоупотребувајќи ја службената положба и овластување, како службено лице, вршело закуп на станови на кои се јавува како приватен сопственик. При тоа, по вршење на закупот, просториите не биле користени од друштвото што го управувал“, стои во соопштението на Обвинителството.

Оттаму велат дека за наводите во сегашната кривична пријава од МВР, ОЈО Скопје во 2014 година примило иницијатива од Државната комисија за спречување на корупција, но тогаш Обвинителството не нашло доволно докази за поведување постапка, поради што била донесена резолуција за запирање на случајот.

Сега, велат од Обвинителството, со кривичната пријава од МВР биле доставени нови докази.

„Истакнуваме дека донесувањето резолуција не претставува ограничување, односно елиминирање на понатамошно водење кривична постапка доколку се откријат нови моменти, односно докази во предметот. Во временскиот период од 2014 година досега, од повеќе институции пристигнати се поголем број други известувања, податоци и писмена документација. Со поднесената кривична пријава, доставени се и нови докази што го подигнуваат степенот на основаноста на сомневањето дека кривичното дело е сторено, во согласност со што обвинителството и постапува“, стои во соопштението на Обвинителството.