!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Французинот Пиер Лом е добитник на наградата за животно дело на „Браќа Манаки“


Скопје, 22 август, 2017 - 14:44 (META) 

Францускиот кинематографер од светски глас Пјер Лом е добитникот на наградата Златна камера 300 за животно дело на годинашното 38. издание на меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот ќе се одржи од 23 до 30 септември во Битола, а Лом, иако е во поодминати години, ќе присуствува на фестивалот.

– Пиер Лом е легенда на француската и европската кинематографија, она што е најзначајно и карактеристично во опусот на овој кинематографер е што тој соработувал со значајни и големи имиња на француската кинематографија, а тој со својата вештина да се адаптира на сечиј стил беше еднакво успешен и во соработките со неколкумина странци, како што е на пример, американскиот режисер Џејмс Ајвори, со кого има снимено четири, многу важни  филмови за неговото творештво. Во неговата 40-годишна кариера тој ги има снимено некои од ремек делата на француската кинематографија, вклучувајќи го и филмот „Сирано де Бержерак“. Ние со гордост го очекуваме да биде наш ценет гостин, иако е во поодминати години, тој во својата прва реакција веднаш најави дека ќе биде наш гостин заедно со својата сопруга Рене – изјави директорот на Фестивалот, Благоја Куновски – Доре, на денешната прес конференција во ЕУ Инфо Центарот во Скопје.

На годинашното издание на „Браќа Манаки“ за наградите Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300 на годинашниот фестивал ќе решава петчлено жири, составено од Пол Рене Ростад, кинематографер од  Норвешка и актуелен претседател на ИМАГО, како и Лука Коасин, кинематографер од Италија, Јани-Петери Паси, кинематографер од Финска, Даријан Пејовски, режисер и сценарист од Македонија и Ерол Зубчевиќ, кинематографер од Босна и Херцеговина.


Невообичаено, неформално и интересно отворање на 37. издание на „Браќа Манаки“


Битола, 11 септември, 2016 - 11:29 (META) 

Невообичаен и импресивен перформанс кој го симболизираше раѓањето и смртта, односно циклусот на животот, а кој еден од актерите го одигра целосно гол, го отвори 37. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Режисер на свеченото отворање беше Мартин Кочовски, кој оваа година реши да нема класични водители, во костими и во вечерни тоалети, туку нешто сосема ново и неформално, па актерката-водителка својот црвен фустан го облече на сцена и боса застана да ги највува гостите на свечената церемонија.

Перформансот кај некои предзвика воздишки, кај други негодувања и чудење, но возбудата беше кај сите еднаква со музиката на „Фолтин“ и со старите фотографии од Битола.

Не само перформансот, туку и претседателот Ѓорге Иванов малку ја збуни публиката на гала-вечерта на отворањето на фестивалот, почнувајќи го својот говор со 25-годишнината од македонската независност.

– Почитувани вљубеници во филмот. Пред четврт век Република Македонија прогласи независност. Со тоа како држава станавме актер на светската сцена. Од самиот почеток на приказната за македонската независност, се пријавивме на многу аудиции во многу меѓународни организации. Во едни бевме примени, а во други одбиени. Некаде бевме ставени на листа за чекање, некаде ни го грешеа дури и името – рече претседателот Иванов, надоврзувајќи се на филмската уметност и на филмската историја на Битола.

Претседателот Иванов синоќа му ја додели наградата „Златна камера 300“ за животно дело на оскаровецот Џон Сил, славниот австралиски директор на фотографија.

– Големо е задоволството да се држи оваа награда в раце. Минав долг период во учење на занаетот и сè уште учам. Со секој нов филм се учат нови работи – рече кинематографот Сил и не криејќи ја возбудата, додаде дека возачот што го донел бил во право кога му рекол дека Битола е најубавиот град на светот.

На сцената беше прочитано и писмото од Холанѓанецот Роби Милер, исто така добитник на „Златна камера 300“ за животно дело. Писмото го прочита Клер Пијман, негова соработничка и авторка на документарен филм за Милер.

Публиката синоќа уживаше во филмот „Ослободувањето на Скопје“, кој беше снимен на познати локации во ценатрот на Битола и Офицерскиот дом, а во режија на Раде Шербеџија.

– Посебна благодарност на овој убав град Битола, каде бевме две месеци. Ви благодарам што нè трпевте. Многу сум среќен што го доживеав овој момент. Долго време се занимавам со филм и не знам кога ова повторно ќе ми се случи. Им се заблагодарувам на сите што помогнаа во снимањето на овој филм – истакна легендарниот актер и режисер, кој на сцената донесе добар дел од својата екипа, како и својата ќерка Луција Шербеџија.

Инаку, на синоќешното отворање на фестивалот „Браќа Манаки“, невообичаено, барем за битолчани, беше засиленото присуство на полиција.

На отворањето на фестивалот, активисти на „Битолското движење“ со герила-акција ги пречекаа претседателот на државата, Ѓорге Иванов, и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, на црвениот ќилим на отворањето на фестивалот.


Шербеџија: И како актер и како режисер, секогаш се чувствувам убаво во Битола


Битола, 10 септември, 2016 - 21:08 (META) 

Во Битола вечерва свечено беше отворен Интернационалиот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

На црвениот ќилим пред Цетарот за култура во Битола продефилираа личности од културниот, општествениот и од политичкиот живот и филмаџии и гости од странство.

На него помина и актерот Раде Шербеџија, кој е режисер на филмот „Ослободувањето на Скопје“, со кој ќе биде отворено годинешното 37. издание на фестивалот „Браќа Манаки“.

– Секогаш се чувствувам убаво кога сум во Битола, и сега како режисер, но и како гостин на фестивалот. Ова е фестивал кој ги вреднува кинематографите – изјави Шербеџија на црвениот ќилим.

Наградата за животно дело „Златна камера 300“ му беше доделена на славниот австралиски директор на фотографија, Џон Сил.

Активистите на „Битолско движење“ со герила-акција и со транспаренти ги дочекаа претседателот на држвата, Ѓорге Иванов, и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, додека чекореа по црвениот ќилим.