Почина академик Матеја Матевски


Скопје, 7 јуни, 2018 - 10:50 (META) 

Истакнатиот поет и академик Матеја Матевски почина ноќеска на 89-годишна возраст.

Матевски е роден во Истанбул во 1929 година, детството го поминал во Гостивар, а студирал во Белград и Скопје, каде завршил Филозофски факултет. Работел како наставник по македонски јазик, а потоа бил новинар во Радио Скопје.

Тој бил генерален директор на Радиотелевизија Скопје, членувал на Друштвото на писателите на Македонија и во МАНУ, а беше и претседател на Академијата во 2001-2004.

На јубилејното, 50-то издание издание на Струшките вечери на поезијата во 2011 година, Матевски го доби „Златниот венец“.

Автор е на стихозбирките: „Дождови“, „Рамноденица“, „Перуника“, „Круг“, „Липа“, „Раѓање на трагедијата“, „Оддалечување“, „Црна кула“, „Завевање“, „Мртвица“, „Внатрешен предел“, „Заминување на светулката“ .

Погребот на академик Матеја Матевски ќе биде извршен утре во 12 часот на Градските гробишта Бутел во Скопје.


Отворени јубилејните 55. „Струшки вечери на поезијата“


Струга, 25 август, 2016 - 10:49 (META) 

Со традиционалното читање на „Т’га за југ“ и со палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, синоќа во Струга почнаа 55. „Струшки вечери на поезијата“.

– Веќе 55 години, поетската Струга е дом на најголемите бардови на светската поезија, кои низ своите автентични поетики изградија мостови меѓу цивилизациите, мостови меѓу сегашноста и иднината. Со својот поетско-уметнички чин, поетите од сите светски меридијани, искрено и трајно се вградија во реномето на оваа меѓународна манифестација, која стана исклучителен книжевен симбол за секој од нив – говореше на отворањето министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

Добитничката на „Златниот венец“, Маргарет Атвуд, не присуствуваше на чинот на официјалното отворање, туку се обрати преку видеопорака и се заблагодари за наградата.

„Златниот венец“ ќе ѝ биде врачен в недела на традиционалното поетско читање „Мостови“.


Кубанската поетеса Морехон испрати порака со сочувство до настраданите во поплавите


Струга, 12 август, 2016 - 13:04 (META) 

Кубанската поетеса, Ненси Морехон, добитничка на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 2006 година, испрати порака со сочувство до настраданите во поплавите што го погодија Скопје и околината.

Пораката, Морехон ја упати преку Струшките вечери на поезијата.

„Драги пријатели, додека слушав вести, чув за природните катастрофи во Македонија, посебно во вашиот главен град Скопје, од каде сè уште в срце носам спомени. За време на моите две посети, посебно во 2006 година кога ми беше доделен „Златниот венец“, таму оставив дел од моите најубави чувства. Би сакала да ви кажам дека најискрено сум многу загрижена за тамошната ситуација. За жал, во моментов ги немам имињата и адресите на моите пријатели кои никогаш нема да ги заборавам. Преку вашата институција би сакала да ја споделам со поетската заедница во Македонија мојата грижа и грижата на многу други кубански поети. Искрено, Нанси Морехон“, стои во пораката од кубанската поетеса.


Почина францускиот поет Ив Бонфоа, добитник на струшкиот „Златен венец“


Струга, 3 јули, 2016 - 10:51 (META) 

Почина еден од најзначајните француски и современи светски поети, Ив Бонфоа, кој за своето исклучително поетско творештво беше добитник на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ во 1999 година.

Обемното книжевно дело на Бонфоа го сочинуваат поетски книги, студии, есеи и преводи.

За своето творештво и за книжевно-истражувачката дејност бил награден со бројни признанија.