ЕУ од 2021 ќе престане со зимско сметање на времето


Скопје, 24 октомври, 2018 - 14:25 (META) 

Македонија в недела во 3 часот ќе премине од летно на зимско сметање на времето, соопшти Бирото за метрологија.

Во 3 часот, стрелките на часовникот треба да се вратат еден час наназад и да покажуваат 2 часот.

Инаку, Европската комисија (ЕК) на 31 август годинава соопшти дека по обемната јавна анкета, најголемата по број на одговори на интернет од која било ваква анкета на ЕК досега, таа препорача да се исфрли промената на времето од летна во зимска и обратно. Дури 75 отсто од 4,6 милиони испитаници биле да престане ваквата промена на времето.

Законската рамка е веќе готова и се очекува наскоро да биде усвоена од Европскиот парламент и од земјите членки. Таа предвидува последното поместување на стрелките на часовникот поради премин на ново сметање на времето да се случи на 28 март 2021 година.


Јункер: ЕК предлага да прекине летното и зимското сметање на времето


Стразбур, 12 септември, 2018 - 13:53 (META) 

Во своето годишно обраќање пред европратениците во Стразбур, претседателот на Европската комисија (ЕК), Жан Клод Јункер, соопшти и дека ЕК денеска го доставила предлогот во ЕУ да престане промената од зимско и летно време и обратно.

– Промената на часовниот мора да престане. Земјите-членки треба да решат дали нивните граѓани ќе живеат според летно или според зимско време. Очекувам и Парламентот и Европскиот совет да го споделат овој став. Нема повеќе време – рече Јункер.

Европскиот парламент на почетокот на февруари годинава го одобри предлогот за укинување на зимско и летно сметање на времето и ја префрли топката на ЕК. Комисијата денеска и официјално го прифати предлогот, по што во ЕП треба да се изгласа закон и потоа ќе остане 28-те членки на ЕУ да ја прифатат промената.

Одлуката Јункер ја најави на крајот на минатиот месец, соопштувајќи ги резултатите од онлајн-анкетата.