Села е против „Горна Македонија“ без превод


Скопје, 12 февруари, 2018 - 17:18 (META) 

Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, побара опозициските партии и партиите на Албанците да бидат вклучени во преговарачкиот процес.

– Ние како Алијанса за Албанците сме против тенденциите за словенизација на името. Како што рековме дека сме против словенско име Македонија, исто така сме и против предлогот кој кружи во дипломатските кругови, околу идејата да бидат употребени имиња со географска одредница напишани само на македонски јазик, како на пример „Горна Македонија“. Ние сме против ова бидејќи и ова е тенденција за словенизација и присвојување на името – рече Села.

Форумот на албански интелектуалци во Македонија, пак, испрати писмо до меѓународните институции и до преговарачот Метју Нимиц, барајќи предлогот „Горна Македонија“, без превод, да биде отфрлен како неприфатлив „бидејќи ги исклучува Албанците и втората најголема заедница во земјата“.

Инаку, токму предлогот „Горна Македонија“, напишан без превод, е најновиот „фаворит“ на грчките медиуми.


Рочиштето за Села ќе продолжи на 19 февруари, сведокот ја смени изјавата од истрагата


Скопје, 8 февруари, 2018 - 17:36 (META) 

Денешното судско рочиште на напаѓачите на лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села и обидот за негово убиство во Собранието на 27 април, траеше седум часа, а беа испрашани само двајца сведоци.

Адвокатот на Села рече дека лидерот на Алијансата за Албанците нема да дојде и да сведочи поради партиски обврски, но и затоа што расправата се оддолжи со распитот на првиот сведок. Следното рочиште е закажано за 19 февруари, кога треба да сведочи Села.

Првиот сведок во случајот, Орданче Соколовски, кој е вработен во фирмата што ги поставувала камерите во Собранието, рече дека ги вадел снимите од камерите на 28 април, во присуство на инспектори од МВР кои имале налог од ОЈО. Тој рече дека не ги гледале снимките, затоа што снимките ги зеле инспекторите од МВР.

Вториот сведок Игор Ивановски, според обвинителот Дарко Јакимовски на денешното рочиште ја сменил изјавата и дал спротивен исказ за тоа што видел во Собранието на 27 април, од исказот за време на истрагата, поради што, Јакимовски побара од судот исказот на сведокот даден во истрага да влезе како доказ.

Обвинителот Јакимовски по ова побара и доби дозвола од судот да го потсети сведокот што сведочел во истрагата.

Цитирајќи дел од записникот, обвинителот потсети на изјавата од истрагата според која додека лежел Села во бессознание околу него имало дваесетина лица, кои го удирале по глава, стомак, односно кој каде што ќе стигнал. Притоа, извикувале „Убиј го шиптарот“, „Убиј го кучето“, а слушнал извици  „Оставете го“ и „Готов е“. Дури и самиот сведок рекол „Што правите, го утепавте човекот“.

– Рековте дека не сте чуле ништо – го праша обвинителот сведокот Ивановски, кој потврди дека така рекол денеска и дека тоа било „негова грешка“.

Меѓудругото, обвинителот наведе дека сведокот Игор Ивановски и еден од обвинитите Сашо Сенков се братучеди од трето колено.

Судијката Славица Андреевска го одби предлогот на обвинителот со образложение дека такво нешто не е предвидено во Законот за кривична постапка.

Инаку на приговор на одбраната, кој беше прифатен од судот, не беше дозволено да бидат покажани снимките од мобилниот телефон на Ивановски на денешното рочиште бидејќи постапката се уште не е во таква фаза.


Села бара оштета од половина милион евра


Скопје, 8 февруари, 2018 - 11:18 (META) 

Адвокатот на Зијадин Села, Абедин Абдули на денешното судење за обидот за убиство на лидерот на Алијансата за Албанците, истакна дека Села бара отштета од 30 милиони денари или половина милион евра.

Села, како што рече адвокатот, бара 30 милиони денари отштета поради материјалните трошоци за неговото лекување, поради претрпена физичка и душевна болка, претрпениот страв и повреда на личниот интегритет.

Поради промена на двајца поротници, главната расправа почна од почеток. Обвинителот Дарко Јакимовски и адвокатите на десетмината обвинети пред судечкиот совет со кој претседава судијката Славица Андревска рекоа дека остануваат на воведните зборови дадени на претходното рочиште.

Во случајот обвинети се Кире и Цане Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.

Денешното рочиште продолжува со распит на сведоци. Прв сведок е Орданче Соколовски. Села, кој треба да сведочи трет, се уште не е пристигнат во судницата иако адвокатот Абдули рече дека се очекува неговото присуство.


Обвинителството смета дека Села не бил убиен затоа што напаѓачите мислеле дека е мртов


Скопје, 26 јануари, 2018 - 13:49 (META) 

Дарко Јакимовски, јавниот обвинител кој го води случајот за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села при упадот во Собранието на 27 април минатата година, рече дека единствената причина поради која Села не е убиен е тоа што сите мислеле дека е мртов.

– Доказите ќе покажат дека во моментите кога нападот и тепањето го достигнале екстремот, единствена околност за спас на оштетениот Зијадин Села не е колебањето на тепачите, туку фактот дека не давал знаци на живот и сите мислеле дека е мртов. Сите повреди на оштетениот му се нанесени на главата и најмалку две се животно загрозувачки – рече Јакимовски и додаде дека како докази за кривичното дело има фотографии, видео снимки и искази на сведоци.

Во овој случај обвинети се Кире и Цане Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.

Адвокатите на обвинетите, пак, во името на обвинетите се изјаснија дека тие не се виновни. Според дел од адвокатите, тие не нанеле повреди кои се животно загрозувачки, а за дел од обвинетите, како Коста Делов, рекоа дека воопшто не учествувале во нападот на Села, туку само „сакал да се пофали на „Фејсбук“ дека на 27 април бил во Собранието“ и дека врз основа на тоа е покрената истрага.

Адвокатот на обвинетиот, Александар Јаневски, кажа дека неговиот клиент бил тој кој го заштитувал и му помагал на Села.

Лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села не дојде на судењето, а неговиот адвокат најави дека ќе бара отштета за материјална и нематеријална штета.

Претседателот на Собранието Талат Џафери утрово го известил судот дека поради работни обврски е спречен да дојде во својство на сведок на судењето.

Судијката Славица Андреевска рече дека наредното рочиште е закажано за 8 февруари кога како сведоци се повикани Села, вештаци од Институтот за судска медицина и двајца сведоци кои биле присутни во Собранието на 27 април.


Почнува судењето на напаѓачите на Зијадин Села во Собранието


Скопје, 26 јануари, 2018 - 10:03 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска ќе почна судскиот процес против десеттемина обвинети за убиство во обид на пратеникот Зијадин Села при упадот и насилствата во Собранието на 27 април лани.

На обвинителната клупа треба да седнат обвинетите Оливер Ошавковски, Сашо Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски-Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов, Стојан Павлески – Кобра, како и Кире Ѓоргиевски и неговиот татко.

Последните двајца беа уапсени во мај лани, како осомничени за физички напад и влечење на Села кој потоа во критична состојба заврши во болница.


Села: Алијансата за Албанците и понатаму е отворена за преговори за влез во Владата


Дебар, 22 јануари, 2018 - 11:46 (META) 

Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, синоќа во Дебар изјави дека АА и понатаму е отворена за преговори за нејзино враќање во Владата на премиерот Зоран Заев, но само ако се исполнат веќе познатите барања. Тој бара одговорност за корупцијата на сите партиски функционери без разлика од нивната етничка припадност.

– Имаме чести средби со меѓународните фактори во кои, исто така, често е барано да бидеме дел од Владата бидејќи без пратениците на Алијансата, Заев не можеше да изгласа Влада – рече Села.

Тој притоа нагласи дека е за продолжување на реформите бидејќи цврсто е уверен дека влезот во ЕУ и НАТО е клучна задача на земјата. Тој упати остри критики на адреса на ДУИ бидејќи, како што рече, нема сторено ништо за правата на Албанците.

Според него, на претстојните избори ДУИ ќе има катастрофален неуспех, додавајќи дека Алијансата е партија во која нема корумпирани функционери и очекува продолжување на зголемување на рејтингот.

– Сите анкети покажуваат дека кај Алијансата има рапиден раст на рејтингот и покрај тоа што сега е во опозиција – вели Села.


Судењето на напаѓачите на Села во Собранието закажано за 26 јануари


Скопје, 11 јануари, 2018 - 11:41 (META) 

На 26 јанаури Кривичниот суд го закажа почетокот на судењето на напаѓачите на лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кои се товарат за обид за убиство.

Села беше еден од најтешко повредените за време на насилствата во Собранието од 27 април.

Судењето, како што јавува „Телевизија 24“ ќе го води судијката Славица Андреевска.

За обидот за убиство на Села се обвинети 10 лица – Кире Ѓоргиевски, неговиот татко Цане Ѓоргиевски, Оливер Ошавковски, Сашо Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски-Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павлески – Кобра.

Дел од напаѓачите беа идентификувани со помош на граѓаните, откако МВР на својата веб-страница објави кадри од снимки од настаните во Собранието на кои беа обвинетите.

Ова е трет предмет за насилставата од 27 април кој влегува во суд. Претходно, девет лица дбоја условни затворски казни поради учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие. Другиот случај беше против напаѓачот на актуеланата министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, кој беше осуден на четири години затвор.


Замениците-министри од Алијансата за Албанците ги депонираа оставките во Владата


Скопје, 28 декември, 2017 - 17:51 (META) 

Функционерите на Алијансата за Албанците денеска и официјално ги депонираа оставките во Владата.

– Тројца заменици-министри и државниот секретар во Министерството за правда денеска поднесоа оставките во владината архива, а се очекува од своите функции да се повлечат и уште осум директори, што значи вкупно 12 или 13 функционери кои ќе поднесат оставка од водечки позиции – рече Елми Азири од Алијансата за Албанците за телевизијата „Алсат-М“.

Оставки поднесоа замениците-министри за надворешни работи, за транспорт и врски и за труд и социјална политика, Арта Точи, Ремзи Мемеди и Елми Азири, како и државниот секретар во Министерството за правда Зулфи Адили, три дена откако претседателот на партијата Зијадин Села ги повика на ваков чекор.


Заев му посака среќа на Мицкоски и му порача заедно да мислат за Македонија


Скопје, 25 декември, 2017 - 11:34 (META) 

Можам само да му посакам среќа на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и заедно сите да му ја мислиме за Република Македонија, изјави премиерот Зоран Заев прашан како го оценува изборот на Христијан Мицкоски за претседател на најголемата опозициска партија.

Тој истакна дека стабилни политички партии како ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ значат стабилност за Македонија.

– Завршувањето на конгресот на нашиот политички опонент и изборот на нов лидер треба да претставува перспектива и за државата. Очекувам конструктивен процес во Парламентот и критичен осврт од опозицијата – изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по денешното рочиште за случајот „Поткуп“.

Прашан дали има најава за средба со Мицкоски, премиерот рече дека досега немаат ништо разговарано, но, оти ќе ја искористи првата прилика кога ќе има потреба за средба и ќе го покани новиот лидер на ВНРО-ДПМНЕ.

Околу прашањето дали очекува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се вратат во Собранието, Заев изјави оти очекјува тие да ја коригираат својата одлука и да се вратат во законодавниот дом, бидејќи на дневен ред доаќаат важни прашања кои бараат двотретинско мнозинство.

– Учеството на опозицијата е неопходно за да имаме нормални и демократски процеси. Убеден сум дека опозицијата треба да биде составен дел од сето она што значи реформски процес, но и сето она што значи добри перспективи на Република Македонија. Таму каде што ќе успееме да се усогласиме, го очекувам и нивниот глас, таму каде што нема да се согласуваат со власта да бидат критични и против – рече Заев.

На прашањето дали ќе има нова средба со лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, Заев рече дека за ова прашање разговараат повеќе од еден месец, додавајќи дека ако одлуката на Алијансата донесена на вчерашното Централно собрание на партијата е да останата во Владата, се надева оти тоа значи и прифаќање на местото вицепремиер за реформи.

– Очекувам дека господинот Села, кој е лидер на млада партија, која најверојатно сака да се докажува, ќе го прифати понуденото потпретседателско место во владата за реформи. Очекувам таков чекор од партијата која води 20 сериозни сектори во државните органи. Не е возможно да сменам кој било од министрите кои се зафатија со својата работа од 1 ноември, веднаш по локалните избори – рече Заев.

Алијансата за Албанците на вчерашното Централно собрание одлучи да не ја напушта владината коалиција и да ги задржи своите претходни позиции.

Заев и Села имаат средба во четвртокот, минатата недела, по која лидерот на Алијанса за Албанците за медиумите изјави дека му дал предлог на премиерот „да стокми уште една друга позиција, што би била заменик премиер за носење бурек“, која потоа би им ја дал на ДУИ.


Заев: Предлогот на Села за министер за здравство беше неприфатлив


Скопје, 23 декември, 2017 - 10:42 (META) 

Премиерот Зоран Заев синоќа во интервју во емисијата „Ноќно студио“ изјави дека предлозите за испразнетите министерски места и заменик министер се испратени до Собранието на Република Македонија и дека предлогот на Алијансата за Албанците за министерското место за здравство бил неприфатлив.

Владата како до Собранието го испрати името на Венко Филипче како предлог за министер за здравство.

Заев рече дека Алијансата за Албанците го добила министерството за здравство поради Арбен Таравари и потенцираше дека му било незгодно поради недоразбирањата со лидерот на Алијансата, Зијадин Села.

-На никого не му следува по паритет здравството туку се оди на квалитет, изборот с е прави за индивидуа, не за партија. Непријатно ми е заради Села бидејќи тој беше рамо до рамо со мене во Собрание и заради тоа толку време траеја овие преговори, но не најдовме заедничко решение. Се надевам понатаму ќе градиме соработка и не само со Алијансата, туку и со будното око на опозицијата – рече Заев.