Грција ја поддржa Македонија за приклучување кон Јадранско-јонската иницијатива


Скопје, 23 февруари, 2018 - 10:33 (META) 

Грција ја поддржува кандидатурата на Македонија за членство во Јадранско – јонската иницијатива, јавува Македонската информативна агенција (МИА).

– Заменикот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, со допис до надлежните комесари за проширување, Јоханес Хан и за регионална политика, Корина Крецу, ја објави намерата на Грција да ја поддржи кандидатурата на ПЈРМ во рамките на стратегијата на Европската унија за Јадранско –јонскиот регион (EUSAIR) – пишува во соопштението од грчкото МНР.

Од грчкото МНР потсетуваат дека во иницијативата вклучени се Грција, Италија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина, а соработка се реализира преку четири столба кои се однесуваат на „синиот раст“, односно растот во морските и поморските сектори, поврзувањето, односно транспорт и енергетика, животна средина и туризам.

Грчката поддршка за македонската кандидатура во Јадранско – јонската иницијатива, беше договорена и соопштена на средбата на Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос, како една од двете отстапки што ќе ги направи официјална Атина откако Македонија ги преименува аеродромот и автопатот.


„Усје“: Работиме според највисоки еколошки стандарди


Скопје, 5 февруари, 2018 - 10:54 (META) 

Цементарницата „Усје“ работи согласно највисоките стандарди за заштита на животната средина, велат од компанија за „Мета“, на прашањето во однос на загадувањето на животната средина и посочување кон нив, од страна на граѓаните и еколошките активисти.

„Работењето на компанијата е под постојан 24-часовен независен мониторинг. Податоците од мониторингот редовно се испраќаат до надлежните институции и се јавно достапни на интернет-страницата на компанијата www.usje.mk. Во секое време тие можат да се проверат и да се добие точен увид за работењето на компанијата. Уште во 2014 година, целосно ги исполнивме сите обврски предвидени со А–интегрираната еколошка дозвола, а дополнително продолживме и со реализацијата на бројни општествено одговорни иницијативи во областа на животната средина“, се вели во одговорот на „Усје“.

Од таму додаваат дека, компанијата во текот на зимскиот период, кога се случуваат најголемите коцентрации на штетни честички во воздухот, работи со половичен капацитети, а одреден период заради редовен годишен ремонт активностите, целосно се стопирани.

„Дополнителен аргумент во таа насока е и фактот што во текот на летниот период кога „Усје“ работи со максимален капацитет, квалитетот на амбиенталниот воздух е на задоволително ниво“, додаваат од таму.


Предвидени 10 милиони евра од ЕУ и од буџетот за инфраструктура за отпадни води


Скопје, 1 февруари, 2018 - 14:12 (META) 

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку и техничкиот директор во ЈП „Водовод и канализација”, Златан Икономов, денеска го потпишаа Договорот за спроведување на ИПА-проектот „Подобрување на инфраструктурата за отпадни води во градот Скопје“.

Проектот, за чија што реализација ќе се потрошат над 10 милиони евра, ќе се финансира од средствата на ЕУ и од буџетот на Република Македонија.

 – Отпадните води се предизвикувач на големо загадување на водите и на целата животна средина. Испуштањето на отпадни води во Вардар, влијае на квалитетот на водата и на живиот свет во неа. Со реализација на проектот ќе овозможиме заштита на реката од загадувањето преку затворање на неколку испусти на отпадни води што директно се излеваат во Вардар – изјави Шилегов.

Тој посочи дека тоа ќе се постигне преку изградбата на колектори од двете страни на Вардар, во подрачјето на Градот Скопје. Со изградбата на колекторите ќе се создадат и главните предуслови за изградба на централна пречистителна станица за градот Скопје, за што Владата се обврза да започне најдоцна до 2020 година.


Еколозите загрижени дека туристичко Банско ќе го проголта паркот Пирин


Софија, 23 јануари, 2018 - 14:36 (META) 

Од Лондон преку Софија до Сиднеј, на 4, 11 и 18 јануари годинава во 20 бугарски градови и во 8 светски метрополи, илјадници луѓе маршираа на протести против најновите законски измени донесени во Бугарија со кој значително ќе се намали територијата на националниот парк „Пирин“ за сметка на зимскиот центар „Банско“, инаку многу популарна дестинација и меѓу македонските граѓани. Протестите во Бугарија беа најголемата граѓанска мобилизација од антивладините протести во 2013 година.

Plovdiv protests Pirin National Park 11 jan18 - Mitakis Fotos

Photo: Mitakis Fotos

Како корупција и кршење на домашните и на законите на ЕУ за заштита на животната средина го оквалификуваа демонстрантите потегот на бугарската влада на крајот на минатата година да дозволи градежни активности во 48% од територијата на националниот пак „Пирин“ пишува „Глобал Војсис“. Паркот сега се простира на територија од 403 квадратни километри недопрена природа – од голи сртови до густи стари шуми преку глечерски езера и кристално чисти рекички. Прогласен е за дел од светското наследство под заштита на УНЕСКО уште во 1983 година.

Но од 2001 година, кога зимскиот центар Банско почна да се проширува надвор од определената територија поради огромниот наплив на туристи, почна „разрастувањето“, и хотелите, скијачките патеки и другите капацитети заземаа повеќе од 160 хектари од националниот парк, предизвикувајќи ерозија на почвата, нарушување на биодиверзитетот и загадување на изворите за вода. Она што се случи потоа беше УНЕСКО во 2010 година да ја „извади“ туристичката зона од територијата на националниот парк, односно околу 0,6 отсто од неговата територија од статусот заштитено подрачје.

Сега, по долгогодишното лобирање на „Улен“, компанијата што ја поседува инфрастуктурата на скијачкиот центар, до бугарската влада, на крајот на декември минатата година, конечно го доби тоа што го сакаше – проширување на територијата на која се однесува концесијата и кревање на забраната за градежни активности.

Како што пишува „Глобал Војсис“, проширувањето на зимскиот центар е здушно поддржано од главните медиуми во Бугарија, од кои најголем дел се во сопственост на моќни олигарси. Техниката е посредна – омаловажување на протестот од еколошките невладини организации преку игнорирање на главните теми и објавување стории во корист на зимскиот центар, како на пример за преоптовареноста на жичницата. Власта ја поддржа оваа верзија тврдејќи дека планот е изменет само за да се дозволи изградба на втора жичница – иако таа не се споменува во законскиото решение. Мејнстрим медиумите исто така се фокусираа на економските придобивки од развојот и порастот на приходите на локалното население.

И покрај фактот дека поради климатските промени веќе налагаат се поголемо користење на машините за вештачки снег, за кој се користат локалните водни ресурси, и фактот дека со новите градби дополнително ќе се наруши вегетацијата, бугарската влада ја зголеми територијата на која е дозволено градење од 0,6% на 48%. Активистите стравуваат дека тоа ќе доведе до значително зголемување на површината под скијачки терени, што ќе ги уништи старите дрвја. Едно од нив е и прастариот бор, чија старост се проценува на околу 1.300 години, односно е врсник на бугарската држава.

Поради тоа, под етикетата #SavePirin почнаа голема меѓународна кампања за кревање на свесноста, која беше успешна. Добија поддршка и од холивудскиот актер Џеред Лето, а фондацијата на Леонардо Ди Каприо исто така го сподели апелот на WWF да се спаси националниот парк. Таа петиција инаку собра над 100.000 потписи. Протест изрази и паневропската Зелена партија.

Ако не им се удоволи на барањата – повлекување на законот и гаранции  дека ќе се почитува принципот за владеење на правото, како и оставка на министерот за животна средина, Нено Димов, активистите ќе протестираат повторно в четврток, пишува „Глобал Војсис“.


Владата го утврди предлог-законот за поголема контрола на паралелниот увоз на лекови


Скопје, 4 јануари, 2018 - 23:25 (META) 

Владата на денешната 47. седница го утврдила и донела одлука да го достави до Собранието новиот предлог-закон за лековите и медицинските средства, со кој се зголемува контролата на паралелниот увоз на лекови во земјава.

Како што се наведува во соопштението на владината прес-служба, со предложените решенија веледрогериите се задолжуваат да обезбедат пообемна документација за квалитетот на лековите од паралелен увоз.

„Дополнително со овој предлог-закон се прецизира начинот на издавање на одобрението за паралелен увоз во смисла на утврдување на критериуми и тоа со обезбедување сертификат за квалитет на лек што e предмет на паралелен увоз, приложен во оригинал. Сертификатот за квалитет треба да биде издаден од страна на производителот на лекот или од лабораторија овластена од надлежен орган на земјата производител или од земјата извозник на лекот. На овој начин се овозможува подобрена контрола на квалитетот на секоја серија од лековите кои се предмет на паралелен увоз и се обезбедуваат безбедни лекови од паралелен увоз и заштита на пациентите од евентуални неквалитетни лекови“, стои во соопштението.

На денешната седница Владата дала согласност за договорот за долготраен закуп на градежно земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 со фирмата „Џемдаг Лајтинг Еуропа“.

Станува збор за прв договор за гринфилд инвестиција според критериумите од новиот план за економски раст кој беше промовиран непосредно пред Нова година, вреден 5 милиони евра, и кој предвидува 100 нови вработувања, велат од Владата.

На предлог на Министерство за животна средина и просторно планирање, Владата денеска ја разгледала и усвоила информацијата за ажурираниот Национален имплементационен план за редукција и елиминација на перзистентните органски загадувачи во Република Македонија.

„Ажурираниот план опфаќа и препорачува повеќе чекори за исполнување на обврските од Стокхолмската конвенција како што е спречување на неконтролирано горење отпад на нестандардни депонии, воспоставување контрола при увоз на стара опрема со ризик од хемикалии штетни за здравјето на луѓето и животната средина, формирање и функционирање на собирни центри, центри за третман и преработка на искористени возила и други мерки“, стои во соопштението за 47. седница на Владата.


Во Грција нема повеќе бесплатни кеси во продавниците


Атина, 4 јануари, 2018 - 12:10 (META) 

Грците, големи потрошувачи на бесплатни пластични кеси во супермаркетите, од 1 јануари мора да плаќаат по 4 евроценти за кеса. Мерката е воведена со цел да се намали потрошувачката на кесите, која сега изнесуваа 400 по жител годишно.

Според грчкото Министерството за животна средина, целта е да се достигне потрошувачка од 90 пластични кеси со дебелина од 15 до 50 микрони по жител.

Ако резултатите од оваа мерка се неповолни, од 2019 кесите ќе поскапат на 7 евроценти по парче. Ако и тоа не донесе очекувани резултати, во 2020 ќе се забранат пластични кеси, како што е случај во 35 земји од светот.


Буџетот на Град Скопје е за 10 проценти помал во однос на лани, изнесува 100 милиони евра


Скопје, 19 декември, 2017 - 13:12 (META) 

Советот на Град Скопје на денешната трета седница го усвои предлог-буџетот на Град Скопје за 2018 година, што е за 10 проценти помал во однос на буџетот за 2017 година предложен и усвоен од претходното градско раководство. Буџетот на Град Скопје за 2018 година изнесува вкупно 6,2 милијарди денари (100.813.008 евра).

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов рече дека „со овој буџет, крајна цел е Скопје да биде функционален, зелен и велосипедски град.“ Тој додаде дека предложениот буџет за 2018 година е еден сублимат од веќе започнатите и нови проекти.

– Акцентот го ставивме на подобрување на животната средина, развивање на транспортната мрежа, дел за патната и комуналната инфрастуктура, изградба на системи за водоснабдување, односно за инвестиции што ќе придонесат за подобар економски пораст и развој на нашиот град – рече Шилегов.

Тој најави инвестиции во јавниот превоз преку набавка на електрични еко-автобуси и реконструкција на автобуски стојалишта, изградба на нови велосипедски, пешачки и трим-патеки, подигнување на јавно зеленило на магистрални улици и паркови, проекти за зелени кровни површини на станбени згради, се со цел, процентот на зеленило драстично да се зголеми во Скопје.


Граѓаните на протестот пред Влада побараа чиста животна средина


Скопје, 8 декември, 2017 - 14:20 (META) 

Неколку десетици граѓани ги поддржаа активистите за заштита на животната средина од Југоисточниот Регион и протестираа денеска пред зградата на Владата, за да го искажат својот став дека се против отворањето рудници.

– Се бориме за да ја зачуваме нашата животна околина, да обезбедиме сигурна и здрава природа за нашите деца и поколенија. Да се обидеме да дадеме апел до властите, кои и да бидат, кога и да бидат, да не ги туркаат работите под тепих и насила. Парите не секогаш се единственото нешто за кое ние треба да се бориме – изјави активистот Зоран Велковски.

На забелешката на новинарите дека на протестот има мал број луѓе, организаторите велат дека тие се собрале за да дадат солидарна поддршка, а главниот протест се случува во Валандово.

– Ова прашање е еднакво важно за сите, бидејќи се дише истиот воздух и се јадат земјоделските производи од истата почва – рече Жана Живадиновиќ.

Доколку власта не ги послуша граѓаните и не да ја запре изградбата на рудниците, организаторите најавија омасовување на протестите.


Од утре, секој викенд на Водно без автомобили


Скопје, 24 ноември, 2017 - 16:05 (META) 

Најавената забрана за движење возила на патот до Средно Водно ќе се воведе викендов, соопшти скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Според планот, забраната ќе биде од 9 до 16 часот, а ќе важи од клучката за Сопиште и од манастирот „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно. Ќе биде на сила за време на викендите и на државните празници, а се однесува на сите возила освен на тие на ЈСП, полицијата, пожарникарите, брза помош и на штабовите за итни интервенции.

Истовремено со воведувањето на забраната, Град Скопје воведува две нови пробни автобуски линии со броевите 25а и 25б. Тие ќе сообраќаат од своето поаѓалиште без застанување, сè до Средно Водно. Едната автобуска линија ќе тргнува пред катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј, а втората ќе тргнува од паркиралиштето кај Цветниот пазар.

На почетокот, возењето ќе биде бесплатно, а Град Скопје ќе овозможи бесплатно паркирање на двете поаѓалишта на овие автобуски линии.

Покрај новите линии, граѓаните може да ја користат и редовната линија со број 25, со која возењето исто така ќе биде бесплатно во наредниот период.


Македонија ќе ја предводи регионалната активност за заштита на животната средина


Бон, 17 ноември, 2017 - 16:09 (META) 

Република Македонија од денеска па до крајот на наредната година ќе ја предводи Регионалната група за заштита на животната средина на Западен Балкан, која работи под капата на Регионалниот совет за соработка РСС, а со која досега претседаваше Србија.

Примопредавањето се случи денеска во Бон, каде се одржа панел-дискусија на високо ниво на претставници на земјите од Западен Балкан задолжени за заштита на околината и за климатските промени, организиран од РСС и од ресорното министерство од Србија.

На панел-дискусијата е потврдена Декларација за човековата средина и за климатските акции на Западен Балкан, а учесниците се согласија дека во регионот е сè поголема потребата да се унапреди координацијата на постојните регионални иницијативи и проекти, како и да се зацврсти меѓуресорската соработка на највисоко политичко ниво кога станува збор за енергетиката и за политиката за заштита на животната средина и за климатските промени.

Генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ, ги потсети учесниците дека 73 отсто од граѓаните на регионот ги гледаат климатските промени како проблем, а 77 отсто од стопанствениците во ЈИЕ веќе презеле мерки за да се намалат штетните последици на околината од страна на нивниот бизнис. Податоците се од годишното истражување „Балкански барометар 2017“.

На состанокот, како што соопшти РСС, се разговарало и за спроведување на Парискиот договор за климатските промени, кој неодамна беше ратификуван од Македонија, за придонесот на земјите од Западен Балкан во агендата за заштита на околината, како и за прелиминарните резултатите од „Студијата за климатските промени во регионот на Западен Балкан и нивното влијание врз различни стопански сектори“.

Овие резултати покажуваат дека регионот на Балканот во бројни сектори е многу поподложен на климатските промени отколку остатокот од Европа.

Македонија на овој состанок ја претставуваше заменик-министерот за заштита на животната средина, Јани Макрадули.