!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Петте кандидати за Гостивар ветија транспарентност и решенија за проблемите


Гостивар, 6 октомври, 2017 - 17:22 (META) 

На дебатата од карванот „Живот во Македонија“ (#Debatpernime), кој го организираат „Порталб“, „Калѕо“, „Вистиномер“ и телевизијата „Арт“, во Гостивар петте кандидати за градоначалник на општината, секој посебно, ветија решавање на сите проблеми на граѓаните.

Во дебатата водена од новинарката Јета Џара, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, Асаф Адеми од Беса, Невзат Бејта од ДУИ, Себајдин Изири од ДПА и Шпат Исеини од коалицијата на Национална демократска преродба и Унитети зборуваа за своите решенија за горливите проблеми во општината.

Беше ветено решавање на проблемите со депонијата Русино, но и на инфраструктурните проблеми, а за булеварот Браќа Ѓиновци беше кажано дека ќе се прошири. Беше нагласено и дека на Гостивар, наместо казина на секој чекор, му се потребни библиотека и театар во Домот на културата.

Речиси сите кандидати ветија дека ако го освојат мандатот, ќе работат транспарентно.

Дебатата од карванот „Живот во Македонија“ вечерва ќе се одржи во Кичево.


Градоначалничките кандидати за Тетово ветуваат решавање на сите проблеми


Тетово, 3 октомври, 2017 - 13:20 (META) 

Ветувајќи целосна транспарентност и посветеност на доброто на граѓаните, кандидадите Албанци за градоначалници на општина Тетово во вчерашната дебата на дебатниот карван „Живот во Македонија“ (#Debatpernime), кој го организираат „Порталб“, „Калѕо“ и телевизијата „Арт“, порачаа дека ако го освојат мандатот, конечно ќе прекине легализирањето дивоградби, урбаниот и сообраќајниот хаос и дека ќе го надминат проблемот со водоснабдувањето.

Теута Арифи, досегашен градоначалник на Тетово и градоначалнички кандидати на ДУИ, Аднан Незири, кандидат на Алијанса за Албанците, Бардил Даути од ДПА и Биљал Касами од Беса, во дебатата водена од новинарката Јета Џара, зборуваа и за своите идеи за решавање на проблемот со отпадот во Полог, извести „Порталб“.

Речиси сите се за поголемо рециклирање на отпадот и за градење модерна фабрика за отпад.

Денеска дебатниот карван „Живот во Македонија“ е во Струга. Дебатата може да се следи во живо на „Порталб“, со почеток во 18 часот, како и на телевизијата „Арт“ и на „Калѕо“.


Денеска на „Порталб“ дебата на кандидатите за градоначалници на Тетово


Тетово, 2 октомври, 2017 - 14:22 (META) 

Дебатниот карван „Живот во Македонија“, кој го организираат „Порталб“, „Калѕо“ и телевизијата „Арт“, по вчерашната дебата на која за своите програми зборуваа кандидатите за градоначалници на општина Чаир, денеска ќе биде во Тетово.

Пред тетовци на дебатата за своите планови ќе зборуваат кандидатката на ДУИ, актуелната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, потоа Аднан Незири, кандидат на Алијанса за Албанците, Бардил Даути од ДПА и Биљал Касами од Беса.

Дебатата ќе ја модерира новинарката Јета Џара.

Дебатата може да се следи во живо на „Порталб“, со почеток во 18 часот, како и на телевизијата „Арт“ и на „Калѕо“.

Граѓаните може да испраќаат прашања за кандидатите преку фејсбук-страниците на „Порталб“ и на „Калѕо“, како и на апликацијата за мобилни телефони на „Калѕо“.

Утре дебатата ќе се одржи во Струга.