!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев до ракометарите: Вашиот успех е мотив Владата силно да го поддржи спортот


Скопје, 7 јуни, 2017 - 15:29 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со ракометарите на „Вардар“ кои го освоија првото место во Лигата на шампиони, со раководството на клубот, како и со претседателот и со претставници на Ракометната федерација на Македонија.

Тој, од името на Владата, им врачи плакета за благодарност.

„Вашиот успех е амбасадорска промоција на Македонија, не само во Европа, туку и во светот. Исто така, вашиот успех е мотив Владата силно да го поддржи спортот“, рече во обраќањето до ракометарите премиерот Заев.

Тој најави можности за практично инвестирање во спортот, преку ваучери што ќе ги издава Министерството за финансии на спортските клубови, законска поддршка на спортот како професија, со што ќе се овозможи пензиско и здравствено осигурување на спортистите и посветеност на новата Влада да го обезбеди заслуженото достоинство на спортот во Македонија.

На средбата биле отворени некои проблеми со кои се соочуваат спортските клубови, во делот на финансирањето и на условите за работа и беше разговарано за начините за нивно решавање.

Ракометарите, сопственикот на ракометниот клуб „Вардар“, Сергеј Самсоненко и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, на Заев му подариле еден од шампионските златни медали добиени од Лигата на шампиони, како и дрес на „Вардар“ на кој е испишано името на премиерот.


Амбасадорот Гарет го поддржа формирањето на Клубот на одговорни бизниси


Скопје, 10 февруари, 2017 - 12:27 (META) 

Претставници на педесетина домашни компании формираа Клуб на одговорни бизниси, а членувањето во клубот ќе им овозможи здружено, во партнерство со граѓанскиот сектор и со институциите, да дадат посилен одговор и за најголемите општествени предизвици.

„Ваквиот начин на здружување и на партнерство на бизнисот со граѓанскиот сектор во Британија се практикува веќе 30 години. Водејќи се од успехот на оваа платформа која кај нас работи под директно покровителство на неговото величество, принцот Чарлс, ние успеавме да ја прошириме и глобално, обезбедувајќи поддршка за повеќе од 130 вакви независни организации и клубови во 67 земји“, изјави Чарлс Гарет, британскиот амбасадор на презентацијата на клубот, која се одржа во неговата резиденција во Скопје.

Работата на клубот стратешки ќе ја насочува одбор составен од врвни менаџери на некои од најуспешните македонски компании, коишто и досега имаат големо искуство и значајни активности во областа на општествената одговорност.

„Целта на Клубот на одговорни бизниси е поинтензивна и суштествена соработка меѓу бизнисите и граѓанскиот сектор во промовирање на принципите на општествена одговорност. Формирањето на оваа платформа ќе претставува синергија на бизнисите, граѓанскиот сектор и на институциите за што поголема мобилизација за справување со предизвиците во нашето општество и за креирање соодветни решенија и проекти за одржлив развој на заедницата и на општеството во кое сите ние живееме и функционираме“, изјави претседателот на управниот одбор и генерален директор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов.

Дополнителна гаранција за тоа дека во функционирањето на клубот ќе бидат применети најдобрите европски практики во оваа област е фактот што иницијативата за неговото формирање се реализира во рамки на проектот „Граѓанското општество посилно со бизнисот и со граѓаните“, финансиран од Европската Унија.

Основач на Клубот на одговорни бизниси е „Конект“ – организација со главна мисија и големо искуство во поттикнување и во промовирање на општествената одговорност и филантропијата, која воедно ќе се грижи за неговото успешно функционирање.


Повеќе од 250 гости на самитот „Македонија 2025“ кој почна денеска


Скопје, 20 октомври, 2016 - 15:22 (META) 

Учесниците на самитот во организација на платформата „Македонија 2025“, кој почнува денеска, ќе слушнат за најновите светски трендови во бизнисот, инвестициите, финансиите, лидерството, иновациите и во технологијата.

Самитот го отворија Вера Ставроф, Мајк Зафировски и Живко Мукаетов, во улога на членови на одборот на директори на „Македонија 2025“.

Повеќе од 250 гости ќе проследат различни дискусии на кои околу 40 говорници ќе имаат свои излагања за економски теми.

Ќе се зборува и за циркуларната економија, термин кој означува револуција во индустриската економија преку намалување на отпадот и избегнување на загадувањето.

Експерт од Европска Унија ќе зборува за трансформирање на градовите во паметни градови според примерот на неколку европски центри.

Работата на организацијата ќе биде споредена со најуспешниот светски пример на организирана дијаспора, преку лидерскиот говор на Гиди Марк, извршен директор на „Биртрајт“ (Birthright) од Израел.

Според организаторите на самитот, македонската дијаспора може многу да придонесе за развој на економијата во земјата.


„Алкалоид“ отвори нов центар за контрола на квалитет на лекови


Скопје, 26 април, 2016 - 15:44 (META) 

Нов центар за контрола на квалитет на „Алкалоид“ АД Скопје денеска е пуштен во употреба. Станува збор за капитална инвестиција вредна повеќе од пет милиони евра.

Центарот за контрола на квалитет на лековите е опремен со високософистицирана опрема од реномирани светски производители, според најстрогите стандарди за добра производствена практика.

– Во центарот за контрола на квалитет ќе работат повеќе од 100 високостручни извршители, квота за која во моментов има 26 нови вработувања. Седумдесет проценти од вработените се со високо образование, а дел од нив се специјалисти и магистри по науки – изјави генералниот директор и претседателот на управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов.

Тој посочи дека со комплетирањето на оваа инвестиција, „Алкалоид“ ја потврди својата определба за производство на квалитетни, ценовно достапни, безбедни и ефикасни лекови, кои преку нивната мрежа од 16 подружници и четири претставништва надвор од Македонија се пласирани на пазарите во повеќе од 300 земји од светот.


Мукаетов: Има простор и за странските и за домашните компании


Скопје, 1 октомври, 2015 - 15:48 (META) 

Генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, смета дека секоја од компаниите сама, на свој начин, треба да се грижи како да се развива и да ги придобие домашниот и странскиот пазар.

Во однос на забелешките на домашните компании дека Владата повеќе се грижи за странските инвеститори, тој смета дека има простор за работење за сите.

– Сметам дека домашните компании треба го искористат присутвото на странските компаниии и да го интегрираат нивното знаење тука. Ние имаме одлична соработка со „Џонсон Мети“ и произведуваме суровини за нив. Нивното знаење и плаќање навреме е додадена вредност и за „Алкалоид“ – смета Мукаетов.

Компанијата извезува на 35 пазари, кои, според Мукаетов, имаат свои специфики и треба прилагодливост.

Во регионот настапуваат со масовно портфолио на производи и со агресивен маркетинг, а на странските пазари – со специјализирање одредени производи кои имаат додадена вредност.

 

 


Компаниите во регионот да се здружат за полесно да извезуваат на светските пазари


Скопје, 1 октомври, 2015 - 14:51 (META) 

Македонските компании се мали за да можат да извезуваат на светските пазари и затоа е потребно регионално поврзување со други компании од Балканот, за да бидат светски конкурентни. Но, исто така, од голема важност е и отстранувањето на пречките меѓу државите во регионот, за компаниите да извезуваат на блиските пазари.

Ова се темите на кои денеска голем број бизнисмени и политичари од земјава и од регионот разговараат на конференцијата „Бизнис плус“, која е шеста по ред и првпат се одржува во Скопје.

Претседателот на Стопанска комора, Бранко Азески, истакна дека и по 25 години, државите на Балканот не успеаја инфраструктурно да се поврзат и да создадат заеднички производ што ќе го извезуваат во Европа и на светските пазари.

– Нема заеднички производи, нема заеднички пазари. За да дојдете од Сараево, треба да возите десет часа или да летате преку Виена и Истанбул. Среде една огромна економска и бегалска криза и со нејасна перспектива и неизвесност, која е смртна рана за бинзисот, вие не можете да се состанете како луѓе, а не, пак, да извезувате. Дното на балканскиот примитивизам го видовме со затворањето на српско-хрватската граница – истакна Азески.

Тој предложи наместо државата да ги носи законите за бизнисот и да ги ограничува, заедницата заедно со коморите да ги носи тие закони. Според него, доста е веќе бизнисот да ги губи битките со политичките елити и треба бизнисмените, односно тие што создаваат работни места и отвораат фабрики, да бидат и над политичарите.

Министерот за надворешна трговија и за економија на Босна и Херцеговина, Мирко Шаровиќ, истакна дека регионалните пречки влијаат врз обемот на трговска размена меѓу државите, кој, пак, е исклучително мал.

– Трговската размена меѓу Македонија и Босна на годишно ниво не е повеќе од 120 милиони евра. На нашиот пазар го немаме македонското вино, овошје, зеленчук кои попрво би дошле од Египет отколку од Македонија. Исто така, голем број брендови од БИХ ги нема во Македонија. Целта е барем во следните години, соработката да се зголеми во рамките на ЦЕФТА и од сегашните 120 милиони евра да биде 150 милиони евра во следните три години – изјави Шаровиќ.

Генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, изјави дека добро е компаниите од регионот да соработуваат за да извезуваат на трети пазари. Тој истакна дека „Алкалоид“ ги користи соседните замји за да извезува на трети пазари.

– Имаме производствен погон во Србија и на тој начин имаме статус на домашна компанија. Преку Србија извезуваме во Руската Федерација, со која царинските давачки се нула. Во Љубљана имаме хемиска лабораторија и Словенија ни е пазарот од каде што полесно извезуваме во ЕУ. Но, ние имаме една стратегија за извоз во регионот, а со специјализација на одредени производи, извезуваме на европскиот и на американскиот пазар – рече Муакетов.

Според него, важна е диверзификацијата на ризикот и извоз на повеќе пазари, а не само на еден.

На отворањето на конференцијата „Бизнис плус“, на која организатори се „Капитал“ и други пет економски медиуми од регионот, говореше и вицепремиерот Фатмир Бесими, кој рече дека потребен ни е поголем економски пораст за сегашната трговска размена на регионот од 100 милијарди евра, да се зголеми на 200 милијарди евра годишно.