Во ЕУ ќе бидеме меѓу најсиромашните, најневработените и најкратковечните жители


Скопје, 14 септември, 2018 - 11:18 (META) 

Сите досегашни истражувања на јавното мислење покажуваат дека мнозинство македонски граѓани поддржуваат зачленување на Македонија во Европската Унија, а меѓу главните очекувања од евроинтеграциите се намалување на невработеноста и сиромаштијата и подобрувањето на квалитетот на живеење.

Ваквите очекувања се логични ако се земат предвид податоците за стапката на вработеност, очекувањата за траење на животот и бруто домашниот производ по жител според паритетот на куповната моќ во Македонија и земјите од ЕУ, кои откриваат дека нашата земја е на дното на листата земји рангирани по овие критериуми. Со оглед на тоа што граѓаните на рефрендумот закажан на 30 септември треба да одлучат дали ќе прифатат промена на името и зачленување на земјава во ЕУ и НАТО тие би требало да имаат слика за тоа како би изгледала Македонија во друштво на европските земји.

МК-ЕУ11a

 

Со стапка на вработеност од 70,3 отсто кај лицата на возраст од 20 до 64 години Македонија би била на претпоследното место во ЕУ по овој критериум веднаш зад Италија каде што стапката на вработеност изнесува 70,1 отсто. Со просечен животен век кај жените од 77,5 години и кај мажите од 73,4 години македонските граѓани би биле меѓу најкратковечните жители на ЕУ. Со БДП по жител според праритетот на куповната моќ кој во Македонија изнесува само 37 отсто од европскиот просек, македонските граѓани дефинитивно би биле најсиромашните жители на ЕУ.


Евростат: Македонија има 2.075.300 жители


Скопје, 27 јули, 2018 - 13:53 (META) 

Статистичката канцеларија на ЕУ, Евростат, соопшти дека според нејзиното истражување, Македонија во јануари 2018 година имала 2.075.300 жители, наспроти 2.073.700 во истиот период лани.

Македонија не спровела попис на населението од 2001 година, а директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски неодамна најави дека новиот попис на населението ќе се спроведе за две години, односно во 2020 година од 1 до 21 април.

Според Евростат, проценката е дека Европската унија во јануари 2018 година броела 512,6 милиони жители. Зголемувањето на популацијата од 1,1 милиони жители во однос на истиот период лани се должи на миграцијата, бидејќи е забележан поголем број на починати лица од новородени.

Германија е најнаселена земја во ЕУ со 82,9 милиони жители. Следат Франција со 67,2 милиони, Велика Британија со 66,2 милиони жители, Италија 60,5 милиони, Шпанија 47,7 милиони и Полска со 38 милиони жители.


Во Валандово утре ќе се одржи референдум за рудникот Казандол


Валандово, 19 август, 2017 - 12:17 (META) 

Во Валандово утре ќе се одржи референдум на кој жителите од оваа општина треба да се изјаснат дали се „за“ или „против“ продолжување или стопирање на работата на рударскиот комплекс Казандол, но и дали да се отворат или не нови рудници за метални минерални суровини.

За референдумот да биде успешен, утре треба да излезат најмалку 5.200 граѓани со право на глас.

Валандово е четвртиот град каде што ќе се одржи референдум. Жителите на Гевгелија, Богданци и Дојран веќе се изјаснија против отворање рудници.


Во Дојран утре ќе се одржи референдум за рудниците Казандол и Башибоз


Дојран, 22 јули, 2017 - 12:12 (META) 

Дојранчани утре ќе излезат на референдум на кој ќе гласаат дали се „за“ или „против“ отворање рудници на територијата на нивната општина.

Тие стравуваат дека рудникот Казандол, но и потенцијалното отворање на Башибоз на планината Беласица, се еколошка закана по земјоделството, туризмот и за Дојранско Езеро.

Досега, референдуми се одржаа во Гевгелија и во Богданци, каде што жителите се изјаснија против отворање рудници, а референдум ќе се одржи и во Валандово на 20 август.


На референдумот во Богданци граѓаните гласаа против работата на рудникот Казандол


Гевгелија, 11 јуни, 2017 - 21:44 (META) 

Повеќе од 98 проценти од граѓаните што гласале на референдумот во Општина Богданци, се изјасниле против работата на рудникот Казандол и против отворање други рудници на територијата на нивната општина.

Излезноста на реферндумот била 61 проценти од гласачите.

На референдум за рудникот Казандол ќе излезат и жителите на Дојран на 18 јуни, а постапка за организирање референдум во тек е и во Валандово.

По Гевгелија, ова е втор успешен референдум преку кој граѓаните се обидуваат да ја заштитат животната средина и околината во која живеат.


Демонтирана бомба од Втората светска војна во Солун, евакуирани 75.000 лица


Солун, 12 февруари, 2017 - 13:49 (META) 

Властите во Солун денеска евакуирале 75.000 жители на градот поради демонтирање на бомба од Втората светската војна, тешка 227 килограми, пронајдена во темелите на бензинска пумпа, јавуваат грчките медиуми.

Евакуацијата почнала утрово во 7 часот, кога полицијата тргнала од куќа до куќа, во круг од два километри во западниот кварт Корделио, повикувајќи ги жителите да ги напуштат своите домови.

Пиротехничарите на грчката војска бомбата ја демонтирале и неутрализирале за само 30 минути, соопштиле локалните власти.

Сепак, допрва претстои нејзино транспортирање, поради што на жителите на квартот сè уште не им дозволено да се вратат во своите домови.

Поради интервенцијата денеска биле затворени главната автобуска и железничка станица, а црквите ја откажале неделната служба.

Градската управа закупила хотел со 175 соби, каде вчера биле сместени лица со тешкотии во движењето и нивните негуватели. Меѓу евакуираните биле и 450 бегалци, сместени во една поранешна фабрика во квартот.


Поради бомба од Втора светска војна, евакуирани 54.000 луѓе во Германија


Берлин, 24 декември, 2016 - 11:01 (META) 

Поради неексплодирана бомба од Втората светска војна, околу 54.000 луѓе треба да бидат евакуирани од баварскиот град Аугсбург. Станува збор за најголема евакуација во Германија од крајот на Втората светска војна.

Градските власти им наложија на жителите да ги напуштат своите домови до 10 часот изутрина на Божик, откако при градежни работи пронајдена е заборавена британска бомба, тешка 1,8 тони.

Евакуацијата ќе ја надгледуваат 800 полицајци кои ќе се погрижат техничарите да не почнат со деактивација додека сите жители не го напуштат градот.

Градските власти проценуваат дека поголемиот дел од жителите ќе се сместат кај семејствата или пријателите, а за другите ќе биде обезбедено сместување.


Жители од тетовско Горно Седларце го блокираа автопатот Тетово – Гостивар


Тетово, 25 ноември, 2016 - 16:22 (META) 

Автопатот Тетово – Гостивар попладнево беше блокиран околу половина час, од жители од тетовското село Горно Седларце кои протестираа кај наплатната рампа за излез од Тетово.

Тие се револтирани што мора да плаќаат патарина за влез и за излез од Тетово иако по овој автопат поминуваат само три и пол километри, колку што има од нивното село до Тетово.

– Некои  го користат цел автопат, а ние користиме само три и пол километри и исто плаќаме. Некои од жителите од Горно Седларце одат до Тетово и по неколкупати во текот на денот, и за одење и за враќање тоа се 60 денари. Ако ги соберете, еве, најмалку двапати одење до град, тоа се 120 денари. Ова е голема сума пари – изјави еден жител до тетовското село Горно Седларце, кој учествуваше на денешната блокада.

Жителите од Горно Седларце велат дека мора да се најде алтернативен пат за да стигнат до Тетово, а дотогаш бараат намалување на цената за патарината за нив.

– Ние не сме против плаќање патарина, но нека биде цената барем 10 денари, колку што го кориситме, сè додека не се изгради помошен пат од нашето село до Тетово. Ваков помошен пат институциите повеќепати ни ветувале, но од тоа нема ништо – изјави друг жител на Горно Седларце.

Мештаните велат дека ќе продолжат со блокадите сè додека не се исполнат нивните барања.

Од Агенцијата за државни патишта не успеавме да добиеме одговор, дали ќе одговорат позитивно на барањата на учесниците на протестот. Инаку, тетовското село Горно Седларце брои повеќе од 1.000 жители и е едно од поголемите села во Полошкиот Регион.


Десетици илјади жители на Хаифа евакуирани поради голем пожар


Хаифа, 24 ноември, 2016 - 17:36 (META) 

Десетици илјади лица се евакуирани од своите домови поради големиот пожар кој веќе трет ден беснее во делови од израелскиот град Хаифа, јавуваат светските медиуми. Поголемо разгорување на огнот, кој беснее во станбениот дел на градот со 250.000 жители, предизвикал и топлиот и сув ветер, а пожари им се закануваат и на населбите во близина на Ерусалим и на Западниот Брег.

Министерот за внатрешна безбедност на Израел, Гилад Ердан, за локалните медиуми изјавил дека дел од пожарите, наводно, биле намерно подметнати, но засега од полицијата нема потврда за ваквите наводи.

Четворица Палестинци биле уапсени и треба да бидат изведени пред суд под сомнение дека предзвикале пожари од небрежност, пренесува „Би-би-си“.

Градоначалникот на Хаифа, Јона Јахав, изјавил дека постојат индиции дека еден од пожарите почнал откако „некој фрлил цигара во област полна со нафта и со запаливи течности“ во една од индустриските зони во градот.

Засега нема пријавено случаи на загинати или тешко повредени лица, а од националната служба за итна помош соопштиле дека имале 55 интервенции кај лица кои вдишале чад, од кои 36 биле хоспитализирани.

Поради сериозноста на ситуацијата, стотици воени резервисти биле мобилизирани за да помогнат во гаснењето на пожарите.

Неколку земји, меѓу кои Кипар, Русија, Италија, Хрватска и Грција, испратиле помош и опрема, вклучувајќи и авион за гаснење пожари.


Авион „пајпер“ се сруши во населено место во Невада жителите евакуирани


Елко, 19 ноември, 2016 - 12:16 (META) 

Авион „пајпер“ се сруши во градот Елко, во Невада под засега неразјаснети околности. Според тврдењата на градските власти во него се наоѓале четири лица, а жителите од тој дел од градот биле евакуирани.

Според пишувањата на сведоците на социјалните мрежи, авионот се срушил на паркиралиште и притоа предизвикал експлозија на паркираните автомобили.

На местото на несреќата пристигнале полициски, противпожарни и возила на Итна медицинска помош.

Пристапот во близина на местото на несреќата бил забранет.