Манчевски: Дигитализацијата ги брише родовите разлики и препознава само вештини


Скопје, 8 март, 2018 - 15:28 (META) 

Дигитализацијата создава еднакви можности за сите без разлика на полот, бидејќи интернетот ги препознава само вештините, знаењата и способностите, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на првата конференција „Дигиталната ера и жената“ која денеска се одржа во хотел „Мериот“.

Главната тема на конференцијата беше улогата и значењето на дигиталната технологија во развојот на општеството, како и нејзиниот придонес за еднакво учество на жените и мажите во сите општествени процеси, вклучувајќи го и бизнисот.

– Друга придобивка на дигитализацијата е што создава огромна можност за економски развој. Таа носи развој, обединува луѓе и ги прави услугите побрзи, поевтини и поефикасни. Исто така овозможува надминување на родовите јазови – рече Манчевски.

Министерот им порача на жените да продолжат со борбата за рамноправност и истакна дека во неговиот кабинет има шест жени кои се професионални и се најдобри во она што го работат.

Додаде дека во администрацијата многу малку жени се на раководните позиции, но Владата до 2020 година со законски измени, планира зголемување на бројот на жените во политиката до 50 проценти. Манчевски се придружи на повикот на еврокомесарката Мариа Габриел, дека нема да прифати учество на ниту една конференција, ако нема минимум една жена учесник.

Директорот на „Вип“, Мислав Галер рече дека дигиталната трансформација ги анулира различностите, бидејќи сите ја прифаќаат дигитализацијата и брзо се адаптираат на новите трендови.

Во неговата презентација наведе дека од седум милијарди луѓе на земјата, околу 4 милијарди користат интернет, а од тие, три милијарди се на социјалните мрежи.

– Од вкупниот број на корисници на Интернет, пет милијарди користат уреди со екрани. Осум и пол милијарди луѓе прават мобилна конекција, бидејќи користат повеќе екрани во исто време. Пенетрацијата на паметните телефони е зголемена за 50 проценти, а 3 милијарди луѓе ги користат социјалните мрежи за редовна комуникација – истакна Галер.

Тој рече дека „Вип“ како компанија е доказ за родова еднаквост, па така, од вкупно 1.100 вработени 50 отсто се жени, од кои 46 отсто се на менаџерските позиции во компанијата.

ПР консултантката и обучувач, Славица Биљарска вели дека дигитализацијата овозможува полесна и побрза работа, соработка со клиенти кои не се од Македонија, одржување на состаноци без физичко присуство.

– Но, дигитализацијата значи и одземање на слободното време со следење и одговарање на пораки и на меилови веднаш – додаде Биљарска.

Според последното истражување направено во февруари, 99,5 отсто од луѓето во Македонија имаат барем еден телевзиор, а 100 отсто имаат мобилни телефони, 78 отсто од испитаниците лап-топ, 35 отсто – таблет, 76 отсто – паметни телефони, а 24 отсто купуваат онлајн.


Жена и 17-годишно момче загинале во пожар во Битола


Битола, 29 јануари, 2018 - 14:23 (META) 

Во семејна куќа во Битола рано утрово избувнал пожар во кој, според првичните информации настрадале жена и 17-годишно момче, соопшти Јавното обвинителството.

Оттаму информираат дека надлежен обвинител од ОЈО Битола врши увид на местото, заедно со екипа од Министерството за внатрешни работи и Противпожарната служба.

„Надлежниот јавен обвинител издаде наредби за фотографирање и обезбедување на местото на настанот, како и за вршење на сите потребни вештачења во насока на откривање на причините за пожарот. Издадена е наредба за обдукција на пронајдените тела и се преземаат други дејствија неопходни за расветлување на случајот“, стои во соопштението.

За помалку од еден недела, ова е втора ваква трагедија. На 25 јануари во пожар во куќа на улицата Гоце Делчев во Тетово животите ги загубија 38-годишна жена и нејзините четири деца.


Автобус на ЈСП прегазил жена кај Бит Пазар


Скопје, 27 декември, 2017 - 13:54 (META) 

Засега неидентификувана жена денеска го загубила животот на булеварот Крсте Мисирков кај Бит Пазар, кога автобус на ЈСП удрил во неа, по што жената починала.

Автобусот се движел во правец од џамијата Јаја Паша кон Центар кога околу 12.10 часот удрил во жената. Се очекува увидот да заврши наскоро, велат од СВР Скопје за „Мета“.


Две жени и четири деца каснати од куче во Општина Аеродром


Скопје, 8 декември, 2017 - 12:50 (META) 

Во изминатите два дена, во полициската станица Аеродром пријавени се шест настани во врска со напад на куче скитник врз граѓани на подрачјето на населбата Аеродром, помеѓу булеварите Јане Сандански и АСНОМ, се вели во билтенот на МВР.

Се работи за шест лица, од кои две жени на возраст од 40 и 44 години и четири деца на возраст од 10 до 14 години, кои се каснати од куче.

Од страна на полициската станица Аеродром била известена шинтерската служба на Град Скопје.


Полицијата трага по скопјанец осомничен за убиство на поранешната партнерка


Гостивар, 17 септември, 2017 - 17:54 (META) 

Полицијата и гостиварското јавно обвинителство трагаат по скопјанец, осомничен дека ја убил својата поранешна партнерка, чие тело денеска било пронајдено на улица во Гостивар, соопшти Јавното обвинителство.

Како што информираат оттаму, првично било пријавено дека жената настрадала во сообраќајна несреќа, откако жители на Гостивар забележале возило како го напушта месотото на кое веднаш потоа бил пронајден трупот. Но, при увидот, јавниот обвинител од ОЈО Гостивар утврдил дека починатата има убодни рани по телото и дека станува збор за насилна смрт.

Екипите од крим-техника констатирале дека „пред ударот од возилото, жената била неколкупати прободена со остар предмет“. Јавниот обвинител издал наредби за обдукција на телото и за вештачење на трагите од местото.

Истрагата утврдила дека починатата жена во последните пет месеци живеела во Гостивар, каде се преселила од Скопје поради нарушени односи со партнерот со кого била во вонбрачна врска.

„По насока на јавното обвинителство, истражено е местото на живеење на поранешниот партнер на сега починатата, при што е пронајдено возилото и истото е дадено на понатамошно вештачење. Осомничениот, жител на Скопје, во моментов е недостапен на органите на прогонот. Основното јавно обвинителство Гостивар издаде наредби за посебни проверки на граничните премини и на патарините за пронаоѓање и за утврдување на идентитетот на осомничениот“, стои во соопштението на обвинителството.


Прегазена жена кај „Буњаковец“, дебармаалци бараат средување на сообраќајниот хаос


Скопје, 17 август, 2017 - 12:08 (META) 

Повозрасна жена била прегазена и усмртена утринава од комби што се движело наназад кај основното училиште „Коле Неделковски“ во близина на Министерството за култура.

Уличките во тој дел се полни со паркирани автомобили, а има и големо движење бидејќи тоа е еден од пристапите до пазарот „Буњаковец“.

Крајно време е да се среди хаосот во тој дел, реагираат од иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“.Активистите потсетуваат дека со години иницијативата апелира до Општина Центар, јавното претпријатие Паркинзи на општина Центар и Град Скопје да се среди урбанистичкиот хаос, да се ослободат тротоарите за безбедно движење на пешаците, да се престане со градби додека не се провери дали и постојните ги исполнуваат критериумите пропишани со дозволите. Бараат и да се ограничи сообраќајот на товарни возила за дотур и да се води грижа за безбедноста на граѓаните, особено децата кои немаат каде освен да се движат по коловозите.

Сепак, како што велат „Во одбрана на Дебар Маало“, на сите барања упатени досега надлежните одговараат со молк. Единствениот одговор стасал од Град Скопје, со забелешка дека „достава е дозволена од 9 до 14 и од 17 до 22 часот, според одлука донесена во консултација со фирмите“.


Скопјанка насилно внесена во возило, успеала да побегне во Пинтија


Скопје, 25 јуни, 2017 - 13:34 (META) 

Скопјанката М.С. (41) ноќеска побарала помош од МВР тврдејќи дека била грабната од непознат маж.

МВР денеска извести дека додека М.С. била во дневната соба, забележала непознат маж како стои на балконот од нејзината куќа.

Кога излегла да види кој е, тој ја фатил за коса, насилно ја одвлечкал и ја внел во патничко возило и тргнал кон манастирот „Св. Еремија“ во населбата Пинтија.

Кога возилото застанало, М.С. успеала да ги отклучи вратите и да избега.


Изведена првата операција за промена на пол во Македонија


Скопје, 3 јуни, 2017 - 14:14 (META) 

Тим врни лекари, предводен од проф. д-р Мирослав Ѓорѓевиќ од Србија, во клиничката болницата „Аџибадем Систина“ ја изведе првата операција за промена на пол во Македонија.

Хируршкиот зафат, по кој 33-годишен маж доби функционален женски полов орган, траела пет часа.

– Подготовките за оваа интервенција траеја повеќе од една година, во текот на која пациентот помина низ психолошка подготовка и хормонална терапија. По завршувањето на подготовките е направена промена на полот. Интервенцијата помина во најдобар ред, а пациентот моментално закрепнува. Во болницата ќе остане во наредните две недели колку што е потребно за да закрепне – изјави Ѓорѓевиќ.

Тој додаде дека за два-три месеци лицето ќе може да има нормални сексуални односи, но без репродуктивни можности.

Интервенцијата во живо ја следеа учесниците на првиот симпозиум за урогенитална хирургија, кој се одржува во организација на „Аџибадем Систина“ и на Центарот за генитоуринарна реконструктивна хирургија од Белград.

Инаку, станува збор за петти македонски државјанин што го сменил полот од машки во женски.


Уапсен осомничениот за убиството на 67-годишната жена во Охрид


Куманово, 22 февруари, 2017 - 10:57 (META) 

Разбојникот  кој завчера изврши убиство на 67-годишна жена во Охрид е уапсен во Куманово, во координирана акција на полицијата и на обвинителството.

Како што соопштуваат од Јавното обвинителство, осомничениот бил со потекло од Куманово, а во моментот на разбојништвото и на убиството живеел во истата станбена зграда со жртвата и се познавал со неа. По разбојништвото, тој заминал за Куманово и, како што велат од обвинителството, имал намера да побегне од земјава.

– Лицето е лишено од слобода и по наредба на надлежен јавен обвинител во тек се дејства за понатамошно расветлување на кривично-правниот настан – стои во соопштението од обвинителството.


Разбојник убил жена во Охрид


Охид, 21 февруари, 2017 - 12:05 (META) 

Засега непознато лице, синоќа усмрти жена во потесното централно подрачје на Охрид, на улица Галичица. Од СВР Охрид информираат дека се преземаат интензивни мерки за расчистување на кривичното дело разбојништво со последица смрт.

– СВР Охрид трага по сторител кој во текот на вчерашниот ден, во времето од 11 часот и 30 минути до 19 часот и 25 минути, влегол во станот на Спаса Б. (67) од Охрид, со опасно орудие, најверојатно нож, ја нападнал и ѝ задал повеќе смртоносни убодни рани во пределот на главата, вратот и по телото, а потоа извршил пребарување низ собите. По извршување на кривичното дело, сторителот ја заклучил влезната врата и незабележан го напуштил станот – велат од СВР Охрид.

На местото на настанот извршен е криминалистичко-технички увид предводен од јавен обвинител при Основното јавно обвинителство Охрид во содејство со полициски екипи од СВР Охрид.

По наредба на јавниот обвинител, денеска врз телото на починатата ќе биде извршена обдукција во Медицинскиот центар во Битола.

Случајот, како што информираат од обвинителството, го пријавила ќерката на починатата жена, која откако не можела да ја добие мајка си по телефон влегла во станот, во кој било телото на починатата.