Сугарески: До крајот на годината ќе заврши изградбата на пругата Битола – Кременица


Битола, 28 мај, 2018 - 13:43 (META) 

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески заедно со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска извршија увид во изградба на пругата Битола – Кременица.

Пругата е со должина од 16 километри, а инвестицијата е во вредност од 17, 2 милиони евра. Од нив, шест милиони евра се грант од Европската унија, а 11 милиони евра се обезбедени од буџетот.

Сугарески потенцираше дека ова е најзначајниот проект во Пелагонискиот регион, бидејќи после триесет и две години овој регион железнички повторно ќе се поврзе со Грција. Изградбата на пругата е стратешки проект на Владата, кој според министерот Сугарески економски ќе го зајакне Пелагонскиот регион.

– После триесет и две години со изградба на оваа пруга, повторно од овој регион ќе го заживееме железничкиот сообраќај со нашиот јужен сосед. Знаете дека претходно оваа пруга започна да се гради, но поради слабото извршување на градежните работи договорот беше прекинат. Заради стратешката позиција и огромната потреба Пелагонија повторно железнички да се поврзе со Грција, минатата година во номеври потпишавме нов договор со друга компанија – изјави Сугарески.

Тој додаде дека со изградба на пругата ќе се обезбеди брз пристап со железница од Пелагонискот регион до Солунското пристаниште, а понатаму ќе се поврземе и со Коридор 4 се до Турција.

– Ова е многу значајно ако се има предвид дека близу до нас се наоѓа и индустриската зона Жабени со што ќе овозможиме брз и поевтин транспорт на стоките и услугите за компаниите, не само во зоната, туку и сите останати во Пелагонскиот регион – додаде Сугарески.


Жбогар: Сакаме луѓето полесно да патуваат и да се овозможи економски развој


Велес, 23 мај, 2018 - 16:55 (META) 

Вицепремиерите Кочо Анѓушев, Бујар Османи, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и шефот на делегацијата на Европската унија во Македонија, Самуел Жбогар, извршија увид на реконструираните железнички станици во Велес и во Чашка, како дел од кампањата „ЕУ за тебе“ со која се промовира поддршката од ЕУ за подобрување на инфраструктурата во земјата.

Во рамките на соработката, реновирани се 10 железнички станици лоцирани на паневропскиот железнички Коридор 10 и кракот 10-д, за што се наменети околу 2,5 милиони евра, од кои најголемиот дел или околу 2,1 милиони евра се средства од ИПА-програмата.

– Во тек е изградба на пруга со која Македонија се поврзува со Бугарија, каде што Европската унија обезбеди грант од 70 милиони евра како дел од средства за изградбата на делницата Бељаковце – Крива Паланка и дополнителни 60 милиони евра неповратни средства за третата делница Крива-Паланка – граница со Бугарија. Вкупната вредност на целиот проект за изградба на пруга кон Бугарија е околу 500 милиони евра, а поддршката од ЕУ е навистина значајна – нагласи Анѓушев.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Жбогар посочи дека инвестициите на Унијата не треба да се гледаат само низ призмата на изградена инфраструктура, туку дека тоа се инвестиции за граѓаните.

– Сакаме луѓето полесно да патуваат, лицата со хендикеп да имаат услови да патуваат со железница, патувањето да биде побезбедно и секако да се овозможи економски развој. Европска унија досега во транспортниот сектор има инвестирано околу 250 милиони евра, а добра вест е дека може да се очекува поддршка и во иднина, особено во железницата, која се смета за брза и поеколошка транспортна опција – подвлече Жбогар.


Железничкиот сообраќај на пругата Велес – Гевгелија се одвива нормално


Скопје, 22 март, 2018 - 15:02 (META) 

Железничкиот сообраќај Скопје – Велес – Гевгелија функционира нормално и неточни се информациите дека е во прекин, информираат од „МЖ-Инфраструктура“.

„На 14 март кога имаше одрон на карпите на пругата Велес – Гевгелија, односно помеѓу станиците Велес – Згрополци, екипите веднаш излегоа на терен со целата механизација и за краток временски период во целост ја расчистија пругата од карпите. Со брзото расчистување на пругата, работниците овозможија железничкиот сообраќај на пругата Велес – Гевгелија да функционира нормално уште од 15 март, односно само еден ден после одронот на карпите“, се вели во соопштението на „МЖ-Инфраструктура“.


Сугарески пред француски компании ги претстави инфраструктурните проекти


Скопје, 18 декември, 2017 - 14:51 (META) 

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, пред претставници на компании од Франција ги презентираше крупните инфраструктурни проекти кои во наредниот период ќе се реализираат во државата.

На средбата организирана од страна на францускиот амбасадор во Македонија, Кристиан Тимоние, министерот Сугарески посебен акцент стави на изградбата на автопатиштата и експресните патишта, железницата на Коридор 8 и гасификацијата.

– Во однос на железничката инфраструктура спомнав и претходно дека генереално сме фокусирани на Коридор 8, односно изградба на пругата кон Албанија на Запад и Бугарија на Исток. Пругата кон Бугарија се гради во три фази. Во тек е изградба на првата фаза, за втората фаза тек е тендерската постапака и очекуваме да се започне со изградба средината на 2018 година – рече Сугарески.

Тој додаде дека во наредниот период планирано е да се изградат и реконструираат преку 700 километри патна мрежа вклучувајќи ја изградбата на експресни патишта, реконструкција на преку 40 регионални патни правци и автопатски делници.

Сугарески ги повика сите заинтересирани компании да се вклучат на јавните повици при реализација на овие крупни капитални проекти.


Железничките делници на Коридорот 8 се заеднички приоритет на земјите од регионот


Варшава, 25 октомври, 2017 - 14:15 (META) 

Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, денеска учествуваше на втората министерска конференција за транспорт што се оддржува во Варшава, Полска.

На конференцијата на која присуствуваат министрите за транспорт од земјите од Централна и од Источна Европа и од Кина, се разговара за развојните стратегии во насока на реализација на инфраструктурните и транспортни проекти и нивното регионално значење.

Апостолска ја нагласила потребата од изградба и модернизација на коридорите 8 и 10, како најважни транспортни врски со земјите од Централна и од Југоисточна Европа.

„Во моментов сме фокусирани на изградба на нови автопатишта и патишта, нови железнички пруги, како и реконструкција и модернизација на старите. Коридорот 10 е стратешки многу важен бидејќи наjголем дел од стоките што доаѓаат од странство се транспортираат главно низ овој коридор. Затоа неговата функционалност е од суштинска важност“, изјавила Апостолска.

На оваа конференција, Апостолска информирала дека стратешката цел на Владата е финализирање на оската Исток-Запад, конкретно железничките делници на Коридорот 8, што е заеднички приоритет за сите земји во регионот, а кој ги поврзува транспортните текови од Јадранското и од Јонското Море во Европа со Црното Море и со Азија.


Нема регионален развој без железничко поврзување


Скопје, 16 октомври, 2017 - 15:33 (META) 

Еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц, која денеска учествува на „Самит 100“, на средбата со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, порачала државите од Западен Балкан повеќе да се поврзат железнички и да ги искористат парите од ЕУ за таа намена.

Сугарески информираше дека темата на разговор била да се забрза железничкото поврзување помеѓу Македонија и Бугарија, за кој се одвоени 70 милиони евра по потпишувањето на Договорот за транспортна заедница. Исто така, важно е да се искористат финансисиите што се на располагање за железничката  делница Битола – Кременица за поврзување со Грција.

Крајниот рок за комплетно железничко поврзување со соседна Бугарија е од 2025 до 2027 година.

Еврокомесарката Булц порача дека без меѓугранично транспорно поврзување, не е можно да се развива заедничката економска средина на шесте држави од Западен Балкан. Таа гледа посветенот кај сите министри за транспорт од регионот по потпишување на Договорот за транспортна заедница што следеше по десетгодишни преговори.

– Инвестициите во инфраструктурата се многу значајни бидејќи секој процент вложен во инфраструктурата значи 2,4 проценти потенцијален пораст на БДП во наредните четири години. Затоа инвестициите во инфраструктурата се битни за сите држави од Западен Балкан и се надевам дека наскоро ќе видиме некој резултат покрај потпишувањето на договорот – рече Булц.


Сугарески: ЕУ додели грант од 35,4 милиони евра за изградба на патот Градско – Дреново


Скопје, 23 август, 2017 - 14:55 (META) 

Министерството за транспорт и врски во име на Владата потпиша нов билатерален договор со Европската Унија за ко-финансирање на проектот за „Изградба на експресниот пат на делницата Дреново – Градско, како дел од крак 10-Д на патниот Коридор 10“, информираше денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој додаде дека овој нов договор со ЕУ е од исклучително значење за модернизирање на патната инфраструктура во Пелагонискиот регион.

– Европската Унија, подржувајќи ги напорите на новата Влада, донесе одлука да се вклучи во финансирањето на експресниот пат од Градско до Дреново со грант, а не заем, во износ од 35,4 милиони евра. Со договорот се предвидува градежните работи на оваа делница долга 15 километри да започнат до крајот на 2017 година и да се завршат во рок од две години. Делницата Градско – Дреново ќе се гради на ниво на експресен пат кој ќе ги задоволи сите сообраќајни и безбедносни стандарди – изјави Сугарески.

Тој додаде дека изградбата на патот Градско – Дреново е прва фаза. Втората фаза која предвидува изградба на делницата од Фаришка до Дреновска клисура е во тек, но се соочуваат со проблеми на кои секојдневно работат за да се надминат.

– За третата фаза од Тројаци до Плетвар, вклучително и влезот во Прилеп, сме во напредни преговори повторно со Европската Унија за да обезбедиме дополнителни средства. Очекуваме некаде крајот на 2019, почетокот на 2020 година да имаме комплетно нов експресен пат од Градско до Прилеп – додаде Сугарески.

Министерот за транспорт и врски информираше дека во рамките на Секторската оперативна програма за транспорт 2014-2020, од страна на Европската Унија, одвоени се вкупно 108,9 милиони евра за проекти за подобрување на патната и железничката инфраструктура долж мрежата на европски транспортни коридори кои поминуваат низ територијата на Македонија.

Од овие 108,9 милиони евра планирано е, 60 милиони евра да бидат искористени и за изградба на пругата кон Бугарија конкретно делницата Крива Паланка – Деве Баир. Дел од овие средства ќе се искористат и за изградба на последната фаза од експресниот пат до Прилеп.


Сугарески информираше за деталите за изградбата на железничката мрежа со Бугарија


Скопје, 5 август, 2017 - 12:58 (META) 

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска информираше за деталите од меморандумот за разбирање помеѓу Македонија и Бугарија за развој на железничката мрежа.

Тој истакна дека потпишувањето на овој меморандум е услов за одржлив економски пораст и развој во регионот.

– Со меморандумот се обврзуваме во наредниот период да ја доизградиме и да ја модернизираме пругата до границата со Бугарија, а исто така владата на Бугарија се обврза да ја доизгради пругата до нашата граница, со што целосно ќе го заокружиме железничкото поврзување. Вкупната должина што треба да се доизгради до границата со Бугарија е околу 89 километри. Изградбата претходно е поделена на три делници и ние како Влада ќе се движиме во рамките на таквите планови бидејќи постапките за сите три делници се веќе почнати – изјави Сугарески.

Тој додаде дека делницата Куманово – Бељаковце е во фаза на реализација, а средствата во висина од 46 милиони евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој.

– Пругата требаше да биде готова уште минатата година, но поради одредени проблеми со проектната документација и нерешените имотно-правни односи, градбата е пролонгирана до 2018 година. Во делот од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри, во завршна фаза е постапката за изработка на техничката документација. Постапката за изведувач е почната и се очекува до средината на идната година да имаме избрано градежна фирма што ќе го гради овој дел од пругата. Според планираното, оваа делница ќе биде завршена до 2021 година. И за изградбата на оваа делница, средствата се веќе обезбедени од Европската банка за обнова и развој во висина од 145 милиони евра – додаде Сугарески.

За третата секција од Крива Паланка до границата со Бугарија во должина од 24 километри, во завршна фаза е изработката на проектната документација. Се проценува дека изградбата би чинела помеѓу 350 и 400 милиони евра.

– Бугарија со меморандумот се обврза модернизација на железничката линија од Софија до Ѓуешево да биде завршена до крајот на 2026 година (веќе постои пруга на оваа линија), а делот од Ѓуешево до граница со Македонија да биде завршена до крајот на 2027 година – изјави Сугарески.


Желeзничкиот сообраќај е нормализиран, владата постигна договор со штрајкувачите


Скопје, 7 јуни, 2017 - 13:58 (META) 

Владата и вработените кои штрајкуваат во „МЖ – Транспорт“ постигнаа договор за прекин на блокадата на железничкиот сообраќај. Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, изјави дека Владата во наредниот период ќе се заложи за обезбедување што поголем обем на работа на „Македонски железници“, а се разгледува и идејата за либерализација на железничкиот транспорт.

Анѓушев нагласи дека покрај договорот за зголемување на додатоците за плата и за коефициентот на сложеност во наредниот период ќе продолжат разговорите за барањата за условите за работа, ХТЗ опремата и специфичноста на работното место.

– Многу е важно да се обезбеди што повеќе работа, односно македонските компании да возат што повеќе преку домашната железница, а секако и компанијата да се прилагоди на тоа да биде конкурентна во цените во однос на другите видови транспорт – изјави Анѓушев.

Тој посочи дека Владата ќе има исклучително позитивен пристап кон сите претпријатија во државна сопственост и ќе се обиде од нив да направи профитабилни фирми.


Компаниите бараат функционалност на Коридорот 10 зашто нема алтернатива


Скопје, 16 март, 2017 - 14:59 (META) 

Воспоставувањето целосна инфраструктурна функционалност на Коридорот 10 и обезбедувањето непречен пристап на стоките од и до пристаништето во Солун треба да биде приоритет, бидејќи во моментов нема алтернатива.

Ова е еден од заклучоците на тркалезната маса на тема „Сигурност во снабдувањето со стоки и со нафтени деривати – Можности и алтернативи“, која се одржа во Стопанска комора на Македонија.

– Инфраструктурата, царинските премини и терминали на коридорот Исток – Запад не се доволни и не се соодветни за редовно снабдување со стоки, а особено за нафтени деривати во подолг период. Инцидентно, може да помогне во одредени ситуации, кога има нарушување на снабдувањето преку Коридорот 10. Краткорочно гледано, во случај на нарушување на снабдувањето со деривати и со други стоки, неопходна е диверзификација на превозните средства (користење на железница и автоцистерни или камиони) и користење на повеќе влезни и излезни царински премини во државата – се предлог-заклучоците на тркалезната маса, информираат од Стопанска комора.

Еден од предлозите бил и промена на легислативата за зголемување на капацитетот на резервоарскиот простор кај трговските компании, како услов за добивање лиценци за трговија.

– Со заокружување на процесот на приватизација на пристаништето во Солун, односно негово давање под концесија, како и со либерализација на пристапот кон грчката железничка инфраструктура и влез на приватни оператори, ќе се овозможи либерализирање на односите по повеќе основи (избегнување на можни штрајкови, подобрување на брзината на испораките, намалени трошоци) – велат од Стопанска комора.

Преку пристаништето во Солун поминале 3.322.000 тони стока во 2016 година и 4.056.840 тони во 2015 година, од кои, во увоз и во извоз, количеството на стока за Македонија за 2016 година е 885.000 тони.