Мостот кај Градско е саниран, железничкиот сообраќај пуштен во употреба


Скопје, 7 ноември, 2018 - 13:25 (META) 

Бетонскиот мост на железничката пруга кој се наоѓа меѓу станицата Градско и крстосница Кукуричани, поради кој железничкиот сообраќај на Kоридорот 10 беше во прекин, е комплетно саниран и од вечерва сообраќајот на овој дел ќе биде пуштен во употреба, информираа од МЖ „Инфраструктура“.

„Пред пуштање на мостот за сообраќај, санацијата е извршена во специфични услови при што се извршени специјални прегледи и испитувања со пробно товарење согласно на член 27 од Правилникот за начинот на одржување, начинот на водење на евиденцијаи користењето на податоците од евиденцијата на долниот строј на пругите, се вели во соопштението на претпријатието.


Нова тужба до грчката влада поради ситуацијата на Идомени


Атина, 21 мај, 2016 - 12:41 (META) 

Претседателот на стопанската комора на Кукуш, Павлос Тоникидис поднесе тужба до локалниот суд адресирана до сите одговорни за ситуацијата на Идомени поради двомесечната блокада на железничката пруга. Тоникидис во тужбата потенцира дека блокадата и нефункционирањето на железничката линија им создава огромна финансиска штета на извозниците, но и општо на сите трговци и бизнисмени од Кукуш.

Неделава тужба до сите одговорни за ситуацијата на Идомени до обвинителството во Солун поднесе и префектот на северна Грција, Апостолос Ѕиѕикостас реагирајќи и против затворената железничка линија, но и барајќи да се интервенира за да се спречат криминални активности кои можно е да се одвиваат во бегалскиот камп.

Тужбата на Ѕиѕикостас и неговото отсуство од потпишувањето на договор меѓу Солун и УНХЦР за обезбедување 660 станови во Солун за привремено сместување на бегалците наиде на критика на солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, кој го обвини префектот за ксенофобично однесување.

„Некои кога ги гледаат нашите иницијативи коментираат дека се грижиме само за ‘странците’, дека глумиме хуманост за другите, додека Грците во кризата гладуваат. Националистичката мизерија и комплекси го прават човек слеп“, истакна Бутарис.

Затворената железничка линија, која не функционира над 60 дена според извозниците прави штета од над 6 милиони евра за транспортерите и компаниите кои извезуваат. Превозот наместо преку Скопје оди преку Софија, поради што се плаќа и дополнителна сума за товарење на возовите кон Софија и временскиот период за транспорт е многу подолг од тој преку Скопје.

Грчката влада ветува дека е прашање на недели додека се расчисти Идомени и се решат проблемите, но и натаму на нејзина сметка од сите страни доаѓаат критики што не се интервенира да се ослободи линијата и бегалците побрзо да се преместат во бегалските центри.

Весникот „Катимерини“ коментира дека владата очигледно не сака да применува сила за да се нормализира железничкиот превоз.

Според официјалните бројки на грчката влада денес во Идомени се регистрирани 8.956 бегалци, а во целата држава 54.172 лица.


Повреден бегалец и нови судири со полицијата на Идомени


Атина, 19 април, 2016 - 9:52 (META) 

Тензиите не стивнуваат во бегалскиот камп на Идомени. Бегалец од Сирија вчера беше повреден кога под нејасни услови беше прегазен од полициско возило, трагичен инцидент, кој доведе до нови судири меѓу бегалците и полицијата во кампот. Повредениот бегалец заврши во болница со тешки повреди, а бегалците во знак на револт демолираа полициско возило. Тензијата продолжува и денеска и се стравува од нови судири.

Како и зошто точно човекот бил повреден е нејасно и сè уште се истражува. Според првичните информации, тој бил случајно повлечен од возилото додека стоел, а други, пак, велат дека на 40-годишниот бегалец ненадејно му се слошило и колабирал пред возилото, кое веќе било во движење. Според весникот „Етнос“, тој бил веднаш префрлен во болницата во Кукуш, меѓутоа поради сериозноста на повредите е пренесен на лекување во болница во Солун.

Повредата на бегалцеот предизвика нов хаос и група бегалци почнаа да го каменуваат полициското возило, кршејќи стакла и нанесувајќи големи материјални штети.  Ова е првпат да дојде до судири меѓу грчката полицијата и бегалците, бидејќи полицијата досега не интервенираше, имаше пасивна улога и едноставно внимаваше да се воведе ред во кампот.

Двата инциденти се случија неколку часа откако полицијата спроведе акција да ги премести бегалците од железничката пруга, за железничката линија Солун-Скопје одново да се врати во живот. Пругата беше отворена сè на сè еден час, а потоа бегалците одново ги поставија шаторите на неа.

Железничката линија е затворена веќе 32 дена, што продолжува да ја зголемува штетата на грчките извозници и на странските компании. Според информациите од грчките транспортери, дури 282 вагони се заглавени во Грција и чекаат да заминат за ЕУ, а штетата е огромна особено за извозниците кои пренесуваат свежи производи, чиј рок на траење додека се чека да се отвори железничката линија веќе е поминат.

Штетата е голема и за грчката железница и за грчките транспортери бидејќи странските компании почнуваат да ја губат довербата и да ги откажуваат нарачките и транспортот преку нив.

Алтернативната рута преку Бугарија, според информациите на „Мета“ од грчките транспортери, чини од 4.000 до 6.000 евра по товарење на еден воз, а подолга е за два до три дена од транспортот преку Солун – Скопје. Оваа рута вообичаено имаше двапати дневно возови, додека, пак, преку Бугарија транспортот е и побавен и поредок, само два то три пати неделно.


Поради дефект на словенечката железница, затворена неутралната зона кај Идомени


Скопје, 20 јануари, 2016 - 12:15 (META) 

Дефект на железничката инфраструктура во Словенија е причината за затворењето на неутралната зона за премин на мигранти, меѓу Грција и Макединија, во реонот на граничниот премин Идомени, велат за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи.

– Бевме известени од другите земји од т.н. западно-балканска рута да го редуцираме бројот на мигранти поради дефект на железничката пруга во Словенија. Ние добивме известување од Србија и го проследивме до Грција – ни изјави Дејана Недељковиќ од секторот за односи со јавноста на МВР.

Преку оваа неутрална зона кај Идомени преминуваат бегалци од Ирак, Авганистан и од Сирија кон Македонија и понатаму кон Западна Европа.

Како што пренесе грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на информации од тамошната полиција, на бензинската станица во областа каде што се собираат автобусите со бегалци, утрово имало седум автобуси со 350 луѓе.


Гевгелиски таксисти ја блокираа пругата поради забраната да превезуваат мигранти


Гевгелија, 9 декември, 2015 - 13:55 (META) 

Здружението на лиценцирани такси-превозници „Авто-таксисти“ од Гевгелија, утрово, во 10 часот, почнало протест поради забраната да се превезуваат мигранти од Гевгелија до Куманово, информира Министерството за внатрешни работи.

Членови на здружението, со своите такси-возила и со жив штит, ја блокирале железничката пруга кај железничкиот мост на Сува река.

Како што информираат од МВР, таксистите ги блокираат возовите што се упатуваат до Прифатниот центар за мигранти, како и патничките возови од Гевгелија.

„Ваквите блокади би траеле секојдневно, сè до исполнување на нивните барања, односно вклучување во транспортот на мигранти од Гевгелија за Куманово“, стои во информацијата од дневниот билтен на МВР за протестот.