!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Двајца загинати и седум повредени во железничка несреќа кај Солун


Солун, 14 мај, 2017 - 10:59 (META) 

Најмалку две лица загинаа и седум се повредени откако патнички воз синоќа излета од шините на 30-тина километри од Солун, во местото Адендро. Притоа еден вагон удри во двокатна куќа.

Во вагонот што излетал од шините имало 70 патници кои патувале од Атина кон Солун, извести грчката железница „Траиносе“. Еден вагон удрил во куќа, а по ударот другите се превртеле на страна. Машиновозачот е во критична состојба.

Бројката на загинати, според пожарникарите и Националната служба за итни ситуации, е двајца загинати. Претходно од железницата известија за четворица загинати, но подоцна ја повлекоа информацијата.

Најмалку 12 пожарникарски камиони биле на интервенција, а некои медиуми известија дека од шините излетале пет вагони.

Возот излетал од шините на 200 метри од железничката станица во Адендро, на неколку километри од реката Вардар, пред возот да продолжи кон Солун.


Воз удрил во автомобил близу Гостивар, возачот повреден


Гостивар, 18 април, 2017 - 14:44 (META) 

Во железничка несреќа на патниот премин преку пругата меѓу стојалиштето Тумчевиште и железничката станица во Гостивар, воз вчера удрил во автомобил, при што возачот е повреден, соопшти СВР Тетово.

Возот кој сообраќал од Скопје кон Кичево удрил во „сеат леон“ со тетовски таблички, по што возачот со тешки телесни повреди е однесен во медицинскиот центар во Гостивар. Увид извршила екипа од полициската станица во Гостивар, а железничкиот сообраќај бил во прекин од 18.20 до 21.20 часот.


Воз удрил во „голф“ близу Качанички пат


Скопје, 29 март, 2017 - 12:17 (META) 

Во железничка несреќа што се случила вчера, во 17.10 часот, на див премин на пруга, патнички воз, кој сообраќал на релација Скопје – Кичево, удрил во „фолксваген голф“, при што возачот на „голфот“ и негов сопатник се тешко повредени, соопшти СВР Скопје.

Со автомобилот управувал С.Е. (32) од селото Танушевци, а со него патувал С.А. (27) од селото Мојанце. По укажаната лекарска помош во ГОБ „8 Септември“, поради сериозноста на повредата, сопатникот е препратен и задржан на КАРИЛ при Клинички центар „Мајка Тереза“.

Железничкиот сообраќај е нормализиран во 21.03 часот.


Најмалку 32 загинати во железничка несреќа во Индија


Њу Делхи, 22 јануари, 2017 - 10:21 (META) 

Најмалку 32 лица загинале, а околу 100 се повредени во железничка несреќа во Индија, јавуваат светските агенции, повикувајќи се на информации од индиски официјални претставници.

Несреќата се случила кога седум вагони и локомотива од патнички воз излетале од шините во областа Кунера, недалеку од границата меѓу државите Одиша и Андра Прадеш.

Портпаролот на железницата за агенциите изјавил дека бројот на повредени сè уште се утврдува.

Возот тргнал од градот Џагдалпура и се движел кон Бубанешвару, главниот град на државата Одиша, кога се случила несреќата.

Станува збор за последна во низата железнички несреќи што во изминатиот период се случија во Индија, која има големи проблеми со безбедноста на железничката мрежа.


Во железничка несреќа во Њујорк повредени 37 патници


Њујорк, 4 јануари, 2017 - 16:56 (META) 

Повеќе од 37 лица добиле полесни повреди откако воз удрил во нешто или излетал од шини кога стигнал на станица во Њујорк, јавуваат светските агенции.

Патниците од возот за новинарите изјавиле дека слушнале силен звук при ударот, а според извештаите од местото на несреќата, некои лицa крвавеле по незгодата.

Инцидентот се случил на станицата „Атлантик“ во Бруклин, а во него учествувал локален воз кој доаѓал од Лонг Ајленд.

Претставниците на железниците наведоа дека засега не е позната причината за несреќата.

„Еј-би-си њуз“ пренесува наводи на њујоршката канцеларија за управување со вонредни ситуации дека возот, кој наишол со мала брзина, удрил во платформа на станицата или во браник.

Една од патниците рекла дека слушнала силен „тресок“ кога возот удрил во станицата. Друга патничка рекла дека возот се движел побрзо од вообичаено пред да се случи судирот.


Триесетина загинати во судир на два воза во Иран


Техеран, 25 ноември, 2016 - 15:21 (META) 

Најмалку 31 лице загинаа, а повеќе од 70 се повредени при судир на два воза во Иран, јавија локалните власти на северната покраина Семнан.

Отворена е истрага за да се утврди причината за несреќата која се случила на станицата Хафт-Кан во градот Шахруд, околу 400 километри источно од Техеран.

– Бројот на мртвите се зголеми на 31 лице, но очекуваме и понатаму да се зголемува – рече гувернерот на покраината Семнан, Мохамед Реза Хабаз.

Возот кој возел на една од најдолгите линии во Иран, од градот Табриза кон Машхаду, бил принуден да запре поради механички дефект предизвикан веројатно од студеното време, а на него налетал друг патнички воз.

Засега нема податоци колку патници имало во возот, но странските агенции јавуваат дека стотина лица се спасени.


Бројот на загинати во железничката несреќа во Индија достигна 145 лица


Алахабад, 21 ноември, 2016 - 10:28 (META) 

Бројот на жртви во железничката несреќа што се случи во индиската држава Утар Прадеш достигна најмалку 145 лица, откако спасувачките екипи ја завршија потрагата во вагоните од возот, соопштиле денеска индиските власти, јавуваат светските агенции.

Во несреќата се повредени и повеќе од 200 луѓе.

Настанот повторно на површина ги извади сомнежите за безбедносните стандарди на индиската државна железница, која е основно транспортно средство за милиони луѓе во Индија, но во која слабо се инвестира.

Полицијата соопштила дека спасувачките тимови завршиле со потрагата по тела во 14 тешко оштетени вагони, кои излетале од шините вчераутро, додека најголем дел од 500-те патници во возот спиеле.

Индискиот железнички систем, кој е од времето на колонијализмот, е четврти по големина во светот и превезува околу 230 милиони луѓе дневно. Просечната брзина на возовите на дотрајаните пруги е 50 километри на час, а несреќите се честа појава.

Претходно, индискиот премиер Нарендра Моди ветуваше дека ќе ја трансформира железницата во ефикасна и безбедна мрежа, која ќе придонесе за економски развој на земјата.


Во железничка несреќа во Индија загинаа 96, а повредени се 150 патници


Канпур, 20 ноември, 2016 - 14:14 (META) 

Најмалку 96 лица загинаа, а повеќе од 150 патници се повредени во Индија откако од шини излетаа 14 вагони на воз во северната држава Прадеш, соопшти полицијата.

Инцидентот се случил во близина на градот Канпур, низ кој дневно поминуваат по стотина возови.

Индискиот премиер Наренда Моди на својот профил на „Твитер“ напиша дека неговите мисли се со семејствата на настраданите.

Сè уште се утврдуваат причините поради кои се случила несреќата.


Воз излета од шините во Њу Џерси


Њујорк, 29 септември, 2016 - 16:43 (META) 

Полицијата стравува дека можеби стотина лица се повредени во несреќа што се случи за време на утринскиот шпиц на станицата Хобокен, во Њу Џерси.

Возот излетал од шините и буквално влетал во станицата. Полицијата пристигна на местото на несреќата, но засега не открива детали, иако се шпекулира дека покрај големиот број повредени можеби има и мртви лица.

Хобокен е една од најфреквентните станици во Њу Џерси, а првите фотографии од местото на несреќата покажуваат дека терминалот е целосно уништен. Дури и покривот се урнал, па поради тоа се стравува дека под него има затрупани луѓе.


Железничка несреќа кај Битола, еден загинат


Битола, 24 септември, 2016 - 13:19 (META) 

Едно лице загина во несреќа на железничката пруга Битола – Скопје, кога патнички воз удри во такси-возило управувано од 56-годишен битолчанец. Од силината на ударот, такси-возилото било влечено околу 300 метри по шините, при што возачот го загубил животот.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола изврши увид на местото на несреќата. Издадени се наредби за обдукција на телото на починатиот и анализа на крв за утврдување на евентуално присуство на алкохол. По проверките направени на самото место утврдено е дека нема присуство на алкохол во крвта кај машиновозачот.

Истражните дејства продолжуваат во насока на откривање на причините за несреќата.